Затворање на банката

/, Литература, Блесок бр. 47/Затворање на банката

Затворање на банката

Како и секогаш, го соблече костумот и ги навлече старите платнени панталони кои висеа зад вратата од шупата, со нивните прерамки и кожениот колан (за секој случај). Ги закопча копците. Тие стари панталони сè уште имаа копци. Ја најде старата кошула, една од петте или повеќе кои ги чуваше за работа во градината, со изабена крагна и без едно копче. Се осети комотно во тие стари партали, беше подготвен за копање.
Компирите сигурно веќе узреале. Почвата кон тој крај на леата беше глинеста и нему му требаше многу свежо ѓубриво и малку вештачко за да ја среди. Компирите ќе бидат џиновски, си мислеше. Пред две недели малку копна и му одолеа на искушението. Трпението отсекогаш било една од неговите доблести. Сега ќе биде наградено. Ја зеде најшироката лопата, онаа која татко му му ја беше дал многу одамна. Стариот беше тиран, но вџашувачки беше голем бројот на предмети кои Бернард уште од тогаш ги чуваше, како и бројот на постапки и навики кои му останаа. Дури и градинарството. Како дете се бунеше – или си замислуваше дека се буни, иако едноставно си бараше малку време за себе во неделните утра. Кога го принуди татка си да му даде слободни денови (секој четврт викенд) почна да се досадува и немаше што да прави. Дури и неговата колекција поштенски марки му се чинеше шуплива и безвредна. Тоа беше нешто за навечер, не му се правеше тоа во недела наутро. Се врати, по своја желба, да му помага на татка си, кој за возврат му додели една садница да се грижи за неа. Сè уште се сеќава на чистата радост кога ги ископа своите први Бернардови компири, како што стариот ги викаше. Истата вечер направија цермонија, специјалитет од Бернардови компири, со путер и со сирење врз нив. Тоа го насочи во животот.
Сè уште смешкајќи се од сеќавањето на сето тоа, Бернард се наведна кон крајната садница. Дали си потпевнуваше? Го преврте првиот бусен. Да, почвата сè уште беше прилично сирова глина, но не толку лоша како порано. Секако, требало да стави повеќе ѓубриво, но ова е почеток. На овој крај имаше чакал во глината. Тоа ја правеше почвата поцврста и можеби затоа никогаш не се беше помачил да го среди овој агол од градината. Сè досега. Тука беше останала тревата.
Чакалот сè уште беше измешан со глината и со ѓубривото, а првите копмири кои ги откопа се чинеа вгнездени под и околу парчиштата чист камен, или можеби како да ги имаа расцепено камењата со нивните подземни енергии и движења. Можеби после неколку сезони компирите ќе си го најдат своето место, поштедувајќи го него од мачењето со копачот и мотиката, како минатата година кога првпат започна со подготовките на садницата. Садницата мораше да биде ископана, и проветрена, и наѓубрена, и потоа повторно прекопана, па да ѝ се остави време да слегне, така секогаш велеше татко му. Бернард ги беше распределил своите активности и сега го собира резултатот. Првите компири се големи, поголеми отколку што се надеваше, право да се каже. И ќе траат; не се од оној тип кој лесно гние.
Откако копа половина час, речиси пред крајот на одреденото време (погледнува на саатот: 6:15, уште 10 минути), Бернард се одмора врз лопатата и си ја брише потта од веѓата и од врвот на главата. Таа сега е ќелава а неделните посети на берберот станаа фарса, но на стариот Ерни му треба работата. Тоа е една од оние мали обврски кои остануваат. Тоа е стара навика. Замислено гледајќи надолу забележува еден компир кој го пропуштил, меѓу ископаната земја и чакалот. Се наведнува.
Припиен со глина до коренот, долу има еден прилично голем и рамен камен. Со дланките лепливи од глината, Бернард го вади и се готви да го фрли преку оградата, каде што ги фрли и неколкуте други големи камења. Нешто му е чудно на овој камен. Го погледнува подобро. Компирот го разделил каменот – во дланката му лежат две парчиња. Ги протрива очите. Ја брише едната дланка од старите панталони и ги вади очилата од закопчаниот џеб на кошулата (Премногу пати мораше да се враќа по нив во шупата. Знае како да го распредели секое движење, вистински стручњак е за време и движење). Ги става на носот и гледа одблизу.
Тоа е фосил. Фосилизирана китка лисје. Не еден лист, туку нешто поголемо од тоа. Повеќе како лисја од квинслендскиот бор каури во Општинската градина. Повеќелисна китка, си мисли, сеќавајќи се на тоа однекаде. Седум, не, осум листови правилно се разгрануваат од еден страк. Многу личат на живи, речиси како да не биле под земја доволно време за да изгнијат или да се распаднат. А тоа е поентата: бавниот процес на почвата, со тежината и топлината и притисокот го има прибрано ова гранче од едно прастаро дрво и си го втиснало во своето срце. Овековечено е. Фосилизирано.
Бернард долго го гледа. Нешто толку безначајно како што е едно гранче, а нема сомнеж дека илјадници дрва овде некогаш раснеле и живееле, нешто кое се чинеше толку вообичаено и едноставно дел од забрзаниот или забавениот живот на долината, сега се издвои. Сега беше посебен. Сите бескрајни денови, секој налик на претходниот, а тој можеше да види дека биле подготовка за ова, за ова случајно пронаоѓање, откритие. И тој го стори тоа. Негово е. Откритието не е ново, или новитет – тоа е признанието.
Не му беше лесно да опише што нашол, дури ни на самиот себеси. Неговите шеги не го беа подготвиле за ова. Сфати дека се обидува да пронајде некоја шеги за фосили; веќе мислеше како прво ќе ѝ ја каже на Џин а потоа ќе ја вклучи и во разговорите со клиентите, кои сега веќе сигурно знаат за информацијата од она писмото и за затворањето на банката и за крајот на осумдесет и пет годишната непрекината трговија која таа ја претставуваше. Навистина, мораше да смисли како веста да ја соопшти со леснотија, како да ја намали болката.
Компирот сосем малку го имаше скршено каменот, колку да го најде фосилот. Тоа не беше Бернард, туку дел од подземниот живот на компирот. Фосилот беше дел од подземниот живот на почвата, така беше поправилно да се каже. Целото место беше полно со заборавени и скриени истории, ниеден негов дел не беше недопрена земја, ништо од тоа не беше бесмислено. Сега веќе мрморејќи си себеси, Бернард автоматски тргна кон куќата, десет минути порано, со работничките чизми на себе. Се втурна во кујната онаков каков што беше, без да се замие како што правеше пред туширање. Затрупка преку цветниот тепих во дневната соба. Жена му ја поставуваше масата. Секогаш јадеа на големата маса, иако децата веќе одамна ги беа напуштиле. Тоа беше една од нивните навики.
„Го најдов ова“, објави тој, но Џин гледаше само окересето парче камен. Кога тој покажа на фосилот и на седумте – не, осумте – листови со гранче разлистено прецизно во нишки и садови како да е живо, таа беше готова да каже „Навистина“ а потоа да го зафркава. Но нешто во неговиот изглед, речиси момчешки и со очи ширум раширени, ја потсети Џин одненадеж на младиот маж со кого еднаш излегуваше и кој мораше да го поттурне за да се земат. Тоа беа возбудливи времиња и таа ја имаше почувствувано првата желба за исполнување.
„Треба ли да се посоветуваш со некого? Можеби со Музејот?“ му вели таа, наместо да го задева. И обајцата прилично се возбудуваат, како да откопале некое вистинско богатство. Речиси како да откопале заб од мастодонт или раме од птеродактил.
Подоцна, Бернард ја побара Светската енциклопедија која не беше отворена уште откако децата пораснаа, и не можеше да најде ништо што би го класифицирало нивниот фосил. Дрво е, одлучија, не е џбун или трева или ползавец. Но, тоа беше само поради тоа што толку многу го потсети на лисјата од каури. Таа ноќ останаа невообичаено долго будни и зборуваа за она што се урна врз нив неодамна. Тој конечно можеше да зборува за тоа со жена си.

2018-08-21T17:21:27+00:00 април 16th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 47|