Затворање на банката

/, Литература, Блесок бр. 47/Затворање на банката

Затворање на банката

Сите знаеја дека тоа ќе се случи, но тоа не го намали малиот шок кога прво им се јавија по телефон а потоа им испратија официјално писмо со изразено жалење и со терминологија на рационализирање, што е друг збор за распределување. Распределувањето беше нешто на кое Бернард се сеќаваше од Втората светска војна и времето по неа, кога беше мало дете. Распределувањето значеше немаштија и редици и заминување со празни раце. Се сеќаваше на распределувањето на шеќерот, и на денот кога речиси беше скалпиран од мајка му поради експериментот што тој и Беверли од другата страна на улицата го правеа со домашни лижавчиња. Лижавчињата испаднаа заникаде, шеќерот беше попусто потрошен – сè уште се сеќава како мајка му ги гребеше остатоците од шеќерот од кујнскиот под и пцуеше, навистина пцуеше. Беверли беше протерана од кујната.
Тој мина голем дел од своето време во распоеделување. Распределување, не рационализирање. Имаше еден период во средно училиште кога спроведе долг режим на распределување анисови топчиња. Сега не може да се сети зошто анисовите топчиња го беа опседнале толку многу, но ги собра на стотици. Ги чуваше под својот кревет, во стари шишeнца од витамини. И си ги распореди себеси, една по една, не повеќе од три днвено. Само на двајца од неговите другари им беше дозволено по едно анисово топче од неговиот дуќан. Тоа беа Бил и Кенет, а за топчињата му дадоа скапоцени поштенски марки од Малајските Држави. Дури и тогаш Бернард беше некаков банкар. Кога татко му првпат го однесе во Комонвелтот, Бернард беше фасциниран од благајниците, кои се расфрлаа со монети и банкноти.
Зошто анисови топчиња? Тоа беше толку одамна за сега да се мачи со него. Тоа беше фаза. Како и решението кое го донесе подоцна: да го распредели бројот на годишни посети на киното. Годишно. Не месец или недела: дури и тогаш имаше осет за мерење на здивот, како да се работеше за финансиска пресметка.
Подоцна, воопшто не беше изненадувачки кога го распредели бројот на часови кој неговите сопствени деца смееја да го минат во гледање телевизија. Дури минатата година забележа – или Џин му обрна внимание – дека инстинктивно го има распределено бројот на минути кои себеси си ги дозволува за читање на утринскиот весник. Таа му го мерела времето. Во пет минути после осум, по вестите на Ејбиси, до 14 минути по осум. Бернард ги разслистуваше весниците како темпиран. Дури и кога не ќе стигнеше подалеку од третата страница, ќе го здиплеше весникот (на четири), ќе испуштеше едно од неговите мали хрррмммм, и ќе посегнеше по клучевите од колата. Неговиот ден беше официјално започнат.
Што ли ќе прави кога еден ден ќе го принудат да се пензионира? Таа можност сега му зјапаше в лице, уште од моментот кога му се јавија по телефон. Мислеше да ги одбегне сета напнатос и притисок од конкуренцијата и се бореше за подобра позиција кога доброволно раковедеше со филијалата во Канингем. Немаше амбиции за Дирекцијата, дури ниту за некој од поголемите центри. Канингем беше мало гратче но кога се пресели таму сфати дека е едне од оние тивки заработувачи на пари. Голем број мали но профитабилни рудници имаа свои канцеларии во градот, а тука беа и ткајачниците и фабриката за путер, чии марки беа добро познати низ целиот Југоисточен Квинсленд. Богатите речни наноси првпат ги открил истражувачот Логан, а повеќето од земјоделците во областа имаа склучено договори со Хајнц. Уреден мал град, а малиот но напреден трговски центар тоа го отсликуваше. Во годината кога Бернард дојде да раководи со Комерцијалната банка на Австралија, Канингем беше прогласен за Најуреден град на годината.
Откако Банката од Нов Јужен Велс ја презеде Комерцијалната, Бернард ја задржа својата позиција и јасно даде до знаење дека не би сакал да се сели. Филијалата продолжи добро да работи, а бидејќи произлезе од КБА, населението ѝ беше приврзано. Дури но Комонвелтот не можеше да ги загрози а Велс секогаш била посредничка агенција. Да, преземањето беше „рационализација“, така да се каже, но и покрај промената на името, сите стари клиенти се сложија дека се сменил само ликот, површината. Стариот Фред Мороу имаше купено шест големи чековни книшки за да може да продолжи да го користи старото име на банката – Комерцијална, соодветното име – во недоглед. Или барем додека не ги потроши сите, за што двајцата пресметаа дека ќе му бидат потребни четири години. Добриот стар Фред.
Бернард беше еден од оние кои се залагаа против промена на името во Вестпак. Можеби тогаш, тајно, започна распадот а Инспекторите веќе не им беа толку наклонети. Но, тој ги наслушнуваше работите и беше проклето сигурен дека името Вестпак никогаш нема да биде прифатено. Комонвелтот му ги презеде Вард во првиот месец. Потоа и сите семејни сметки на Шинклер, сите 18. Во мал град, тоа боли.
Но никој не можеше да го насети стисокот на „рационализацијата“ кој сега се одвиваше во областа. Одливот одеше кон Дирекцијата, кон Градот. Тоа започна речиси незабележливо, можеби зашто сите рудници се затворија, еден по еден. Рудникот на Пит стана неисплатлив а државната власт даваше концесии за отворени ископи и ни ги земаа Јапонците. А, и кој можеше да помисли дека ткајачниците некогаш ќе се затворат? Тие извезуваа квалитетна роба низ целиот свет, буквално цутеа, иако постоењето им го осигуруваше производството на ќебиња за во земјата. Никој не ја предвиде популарноста на новите прекривки. Ниту, пак, намалувањето на трговските даноци. Тоа беше првиот чекор кон бездната. Тогаш дури и двајцата трговци со недвижности го насетија провевот од празнината.
Премногу депресивна приказна. Бернард го преживеа сето тоа, а некои од неодамнешните затворања навистина го вознемирија. Како воопшто да го погледне в очи стариот Тери Малони во кегларскиот клуб? Се откажа од кегларските натпревари. За малку ќе се откажеше и од Ротари клубот. Кога Комонвелт затвори, си даде оставка во Бизнис и професионалци. Тоа стана шуплива фарса, едвај доволна за кафулето Вајтхедс да се мачи со подготовка и сервирање храна. Кога Џин почна да се жали на празните излози, се почувствува речиси лично обвинет. Минуваше часови во леата со зеленчук во дворот. Пикањето на прстите во почвата го смируваше, тоа му стана опсесија. Иако самиот себеси се распределуваше. После работа, од 5:30 до 6:30. Потоа се тушираше и беше подготвен за вестите во 7, кои секогаш беа потиштувачки.
Бернард не беше, нормално, мрачен човек. Неговиот долг упсех во банката, беше уверен, се должеше на неговиот длабок и весел глас и на неговото често смеење. Ги знаеше сите шеги кои кружеа наоколу и со уживање ги раскажуваше како самиот да ги измислил. Често го канеа да одржи говор на крштевки и венчавки и веридби, зашто сите знаеја дека ќе ги насмее и дека ќе се опуштат. Скришум, се сеќаваше на некои од тие настани и на доглите редици пребледени лица заринкани во своите сопствени маки, а понекогаш беше тешко да ги насмее, но успеваше а опуштањето му беше доволна награда. Ја имаше почувствувано својата моќ и, бидејќи беше Бернард, мудро ја распределуваше, не дозволувајќи си успехот да го занесе.
Беше познат како скромен човек, просечен тип, но од оние кои знаат како да кажат виц, дури и невулгарен, а жените го обожуваа.
Така, не беше чудно што додека беше во леата со зеленчук сеќавањето за официјалното писмо сè уште му го стегаше грлото. На жена си ќе ѝ каже подоцна. Џин сè уште не мора да знае. Таа го планираше нивното патување во Порт Даглас и тој некако немаше срце да ѝ каже. Подоцна, подоцна.

2018-08-21T17:21:27+00:00 април 16th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 47|