Задгробниот живот на Васка Пупинова

/, Литература, Блесок бр. 95/Задгробниот живот на Васка Пупинова

Задгробниот живот на Васка Пупинова

Васка Пупинова беше македонска поетеса со објавени над 40 збирки поезија кои почна да ги издава по својата педесетта година. Во меѓувреме беше невработена. Умре во 2014-тата, на свои 80 години. Тоа значи дека секоја година Васка објавувала повеќе од една збирка поезија. Ниедна од тие збирки не доби ниту рецензија, ниту награда. Никој не ја викаше Васка по поетските читања, каде што сама се појавуваше. Никој не знаеше дека постои, освен ако сама не дојдеше во некоја женска организација да си ги промовира книгите или бесплатно да ги раздава. „Стихови за жената“, „Женски цвет“, „Ако ме љубиш, љуби ме цела“, „Трептежот на срцето“, „В туѓа постела“ се само неколку наслови од нејзиниот броен опус, карактеристичен по своите сапунски метафори и китнести клишеа.

Книжулињата ѝ се тенки, испишани со големи букви во нееднаков фонт, со грешки во форматирањето, страници што се лепат една за друга или отпаѓаат по првото прелистување. Кориците се евтини и грди, со бои што излегуваат еден сантиметар од линиите, што предизвикува ефект на двојно гледање. Издавачката куќа се вика „Пупин Прес“ и е на сопругот на Васка. Освен книги од Васка, како и неколку епови и романси за Александар Македонски напишани од страна на еден дијаспорец од Австралија, „Пупин Прес“ не објавил ништо друго.

Кога умре стариот Пупин, ѝ го остави на Васка целиот имот: огромна куќа во Дебар Маало, викендички на Матка и на Маврово, трособен стан во Центар. Васка само станот во Центар го издаваше, а другиот имот сама си го користеше. Нејзините ќерка и син со своите семејства живееја во Скопје, но ретко ја посетуваа. Едвај чекаа да умре за да го зграбат имотот, и затоа живееја безгрижно, одејќи и на летни и зимски одмори и покрај тоа што не можеа да си дозволат таков луксуз.

Штом умре Васка, роднините мршојадци се собраа да го отворат тестаментот. Децата три дена по ред (колку што требаше да се отвори тестаментот откако Васка умре и ја погребаа во посебна парцела до мажот ѝ) ги чешаше левата дланка, и така се убедија дека ќе наследат огромни пари и ќе можат на уште полуксузни одмори да одат. На отворањето на тестаментот беше присутна и сестра ѝ на Васка. Присутните беа шокирани кога дознаа дека Васка ѝ го оставила целиот имот нејзе, но само со цел на гробиштата да крене огромен споменик во нејзина чест, изработен од мермер и бронза, со скулптура од Васка и со позлатен релјеф кој го прикажува нејзиниот живот. Проектот на Васка им беше доставен на присутните во форма на скици и цртежи изработени од некој непознат македонски вајар кој за проектот требаше да добие третина од наследството на починатата.

Децата на Васка се обидоа да ја тужат сестрата и да го оспорат тестаментот и градењето на огромниот мавзолеј, кој почна со молскавична брзина да се изработува откако се покажа дека Васка и сестра ѝ ги откупиле гробните места на радиус од 20 метра околу гробното место, и добро ги исплатиле семејствата на дамнешните и свежите мртовци. Но сите нивни напори беа безуспешни поради врските кои сестрата на Васка ги имаше со властите. Синот и ќерката не можеа да докажат ниту дека мавзолејот навистина чини колку целиот имот на Васка, ниту пак дека астрономскиот хонорар исплатен на вајарот што го работеше споменикот му бил исплатен цел, а не отишол во џебот на сестрата на Васка и нејзините помагачи.

По само еден месец, споменикот блесна на скопските гробишта. Беше 10 метра висок, направен од мермер, и изгледаше како огромна надгробна плоча поддржана од два јонски столба. На плочата беше издлабен релјеф од животот на Васка Пупинова. Според релјефот, Васка Пупинова била позната и активна писателка уште од своите млади години, учителка по античка историја, верна сопруга и посветена мајка на две деца, кои потоа ѝ го вртат грбот на напатената мајка. Несебично се борела против сиромаштијата и донирала многу средства за деца без родители. Но на последниот дел од релјефот е прикажано како умира сама, непризната и заборавена. Релјефот беше позлатен, а пред него се простираше хоризонтална мермерна плоча на која беше запален вечен пламен. Неколку метра пред пламенот стоеше и бронзената статуа на Васка. Таму таа беше триесет килограми послаба, седеше со скрстени нозе на едно малечко столче, а едната нога ѝ беше пократка од другата. Едната рака ѝ беше крената нагоре, а погледот свртен кон небесата.

Поради сличноста со проектот 2014, како и поради поврзаноста на проектот со авторот-вајар на мавзолејот на Пупинова, а и поради професионалноста на македонските електронски медиуми и енциклопедии, по грешка гробот на Пупинова почна да се вбројува во проектот Скопје 2014. Туристи почнаа да доаѓаат во Бутел, и им беше кажувано дека ова е споменик на позната македонска поетеса, толку добра, што е побитна од Блаже Конески. Релјефот што го прикажуваше нејзиниот живот почна да се сфаќа како вистина. Нејзините собрани дела се отпечатија во изданието на министерството за култура „Ѕвезди на македонската книжевност“ и беа препеани на англиски, руски, германски и француски, и ставени на излог во библиотечните витрини ширум земјата.

Сега Васка Пупинова е најпознатата македонска писателка и нејзиниот значаен придонес кон македонската национална кауза и култура е обележан со поставувањето на нејзина скулптура на мостот на уметноста од проектот Скопје 2014, заземајќи го местото на прва жена-уметница. Се готви предлог Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ да се преименува и да го носи нејзиното име. Слава ѝ.

2018-08-21T17:20:44+00:00 мај 15th, 2014|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 95|