500 години од Утопија на Томас Мор: трансформација на утопистичките идеи

/, Литература, Блесок бр. 110/500 години од Утопија на Томас Мор: трансформација на утопистичките идеи

500 години од Утопија на Томас Мор: трансформација на утопистичките идеи

500 години од Утопија на Томас Мор: трансформација на утопистичките идеи


Во 1516 година за првпат се појави книгата Утопија на Томас Мор. Иако и претходно постојат дела што се занимаваат со идејата за создавање совршено општество, од кои веројатно најпознатиот пример е Платоновата Држава, појавата на утопистичкиот жанр се поврзува токму со делото на Мор, коешто и му го даде името на овој жанр. Едно од честите прашања што се поставуваа во последниве две децении во однос на утопиите е: дали е дојден крајот на утопијата? Ова прашање се однесува не само на литературниот жанр познат под тоа име, туку и на политичката и општествената ангажираност на интелектуалците да се стремат кон подобро општество. И двата аспекти се поврзани со идеи што доминираа при крајот на минатиот век, а чиј најистакнат пример, или барем еден од најистакнатите, е Франсис Фукујама со својата теза за „крајот на историјата“ во неговaта статија „Крајот на историјата?“ (1989). Објаснувајќи ја својата теза, Фукујама вели дека се соочуваме со „крајната точка на идеолошката еволуција на човештвото и со универзализација на западната либерална демократија како конечна форма на владеење“ (Fukuyama 1989: 4). Доколку либералната демократија се смета за постигнатиот врв во напорите за создавање совршено општество, тогаш логично би следело дека и утопистичките визии, било во филозофијата или во книжевноста, би завршиле. Но, овој есеј, низ кус историски преглед, ќе се обиде да покаже дека ова не е случај, и дека утопистичкиот жанр е флексибилен и приспособлив на историските промени, а современите утопистички книжевни дела укажуваат токму на теза спротивна на онаа на Фукујама – имено, дека сè уште не постои и не е ниту на повидок крајот на историјата зашто има уште многу простор за трансформации и подобрувања на човековите општества низ светот и во книжевните дела.

Мор ја пишува Утопија за да ги исправи неправдите (Carey, 1999: 38) на општеството во коешто живеел – доцниот петнаесетти и раниот шеснаесетти век – што е очигледно и од структурата на книгата; имено, првиот дел ја опшува сиромаштијата и тешкиот живот во Европа во тоа време, додека вториот е опис на многу поидеална заедница во која живеат здрави и среќни луѓе. Иако постојат многубројни дискусии во однос на тоа дали Мор сериозно ги промовира сите идеи од своето дело, со оглед на тоа дека во својот живот искажувал поинакви ставови, сепак Утопија не може никако да се оцени само како шега, со оглед на темелноста со која Мор го опишува замисленото идеално општество. Земајќи го предвид тогаш доминантниот поглед на светот, според кој хиерархиската поставеност на кралот, феудалните господари и најмногубројните крајно сиромашни селани е природна, идеите на Мор за граѓани кои се еднакви, работат ист број на часови, имаат обезбедена храна и облека се навистина револуционерни.

Во кој степен утопистичките дела што се појавуваат од Моровата книга во текот на вековите до денес ги задржуваат елементите на Утопија? Доколку премногу се отклонат од основните елементи што го карактеризираат ова дело – дали сè уште ќе може да се вбројат во утопистички дела? За да се одговорат овие прашања, важно е да се наведат основните елементи на Утопија: описот на идеалното опшество е раскажан од Рафаел Хидлодеј, современик на Мор. Според раскажувањата, додека престојувал во Утопија, Хидлодеј разговарал со граѓани кои му служеле како водичи кои му го објаснувале начинот на живот во Утопија. Ова се значајни елементи зашто во најголем број утопистички дела сè до дваесеттиот век, тие остануваат непроменети: човек од сегашноста на авторот на некаков начин стигнува до земја во која е создаден идеален општествен поредок, каде што љубезно го пречекуваат тамошните жители и му ги опишуваат нивните обичаи. Во таа смисла, раскажувачот е најчесто дојденец од „нашиот“ свет, а не жител на утопистичкото општество. Во Утопија нема приватна сопственост, нема кражби бидејќи стандардот на живот е ист за сите, па затоа куќите се отклучани, сите работат шест часа дневно, не се пие алкохол, луѓето во слободно време се занимаваат со слушање предавања или уредување на градините, сите јадат заедно во големи сали, нема блискост меѓу родителите и децата со што се елиминира и фаворизирањето и децата од многудетните семејства може да се испратат на грижа во семејства без деца, не се цени златото и среброто, постои нега за болните иако тешко болните се поттикнуваат да извршат самоубиство за да не бидат товар за општеството и за да не живеат во болка.

Едно од основните прашања што ги поставува Мор, а кои се провлекуваат низ утопиите сите овие пет века од појавата на Утопија е прашањето како да се создадат луѓе кои доброволно ќе ја прифата меѓусебната еднаквост по цена на откажување од слободната волја и прифаќање на униформен начин на однесување. Мор го решава ова прашање, според Џ. К. Дејвис (2010) со надминување на натпреварувачкиот дух. „Голем дел од трансформацијата лежи врз отфрлањето на секаква прилика за триумф. Што е уште поважно, заедничката сопственост ги елиминира сите можности луѓето да се фалат со големо приватно богатство“ (J. C. Davis, 2010: 42). Описот што го дава Хидлодеј за Утопија, врз основа на, како што раскажува, своето патување за време на кое наишол на овој дотогаш непознат остров, е општествено уредување на едно општество чија идеја потекнува од човечката желба за усовршување, подобрување на светот и стремеж кон посветла иднина.

АвторКалина Малеска
2019-05-14T10:21:02+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 110|