Јазикот како слобода во Сартровата философија

/, Литература, Блесок бр. 14/Јазикот како слобода во Сартровата философија

Јазикот како слобода во Сартровата философија

За Сартр, Во-себноста е дефинирана како она што е, што се спознава интуитивно.10F Тука, Сартр ја пресвртува Хусерловата дефиниција на интуицијата, велејќи дека таа не е присутност на нештото за свеста, туку „присутност на свеста за нештото“11F, тврдење кое ја одрекува присутноста на трансценденталното его, чисто и изворно јас. Ова се јавува поради тоа што за Сартр, свеста му се прикажува на светот, и токму преку тоа се конституира. Свеста е постојаната игра на рефлекивноста-рефлектирањето. Ова станува проблематично, бидејќи свеста, кога само го рефлектира рефлексот, останува активност која згаснува во мигот кога Во-себноста исчезнува и престанува да постои како нештост. Така, знаењето на Во-себноста останува непознато за свеста, бидејќи таа е суштински производ на негацијата, т.е. не-ова или не-тоа, допуштајќи она-што-е да остане мистерија.12F Во-себноста не воспоставува извесна „надворешна релација“, бидејќи релацијата на „ова“ со „она“ мора да се појави во За-себноста. Следствено, знаењето за светот се јавува како она коешто го перципира За-себноста; за ова Сартр вели: „една надворешна релација не е ниту објективна ниту субјективна, туку “виси… во воздухот“. Таа е ништо: целото нејзино суштествување се состои во тоа што е „наведена“ од За-себноста“.13F
Исходувајќи од ова радикално разграничување помеѓу нештата и мислата, слободата за Сартр е ограничена во онаа мерка во која јас сум способен да останам свест која дејствува врз Другиот. Сепак, Другиот не е секогаш корен од дрво, или налет на ветрот, туку исто така, што е уште пофундаментално за мојата слобода, друга свест. Мојата слобода е ограничена и ризикува да биде разорена кога ќе биде соочена со субјективниот свет на Другиот.14F Ова распаѓање на мојот универзум се јавува поради фактот што во и низ погледот на другиот јас сум објект во неговиот свет, исто како што и Другиот е објект во мојот свет; да се биде гледан, значи да се биде поништен во погледот на Другиот, чувствувајќи се себеси преобразен од Субјект за себеси во објект за Другиот. Гледан, јас сум трансцендиран, моите можности се трансцендирани од оние на Другиот, бидејки не сум повеќе единствениот актер во ситуацијата, ниту единствениот кој перципира; моите дејства (интенции) се веќе перципирани и набљудувани од Другиот, ситуација која моите можности (она што можам и треба да го правам) ги претвора во веројатности (она што би можел и она што ќе го направам). Другиот ме лоцира во просторот, ме поставува во времето. Ова се јавува бидејќи со присуството на Другиот јас сум принуден да го признаам чувството и можноста на истовременото постоење. Ова чувство на истовременост исто така прави да се чувствувам подложен на дејствата на Другиот, и со тоа, „јас сум негов роб“.15F Сепак, погледот на Другиот не ме снабдува со обично знаење, туку е буквално „дупка во мојот универзум“, и оттаму нова димензија која изнедрува специфични реакции (срам, гордост, отуѓување) кои посведочуваат за постоењето на Другиот, како и за моето „бидување“ како „објект“ на овие чувства. Следствено, станува моја должност да ја пројавам својата волја, знаци да „дејствувам“ во согласност со „изборот“ кој сум го направил, со цел да ја изменам оваа ситуација на „објективност“. Од мене зависи дали повторно ќе станам субјект, дали ќе се ослободам од оваа „објектификација“. Овој избор и одговорноста за него ја конституираат мојата За-себност, т.е. мојата слобода, како и мојот субјективитет. Во самата природа на овој избор и одговорноста почива мојата егзистенцијална angst. Според Сартр, тегобноста е „далеку од тоа да биде екран кој би можел да нè раздели од дејствувањето, таа е услов за самото дејстување“16F. Токму во ова дејствување се конституира мојот реалитет, и во него почива суштината на мојата себност независно од социјално детерминираната свест. Ова го објаснува Сартровото барање за разграничување на свеста и актуалноста, бидејќи човек може да биде свесен за многу нешта, но единствено во дејствувањето може овој потенцијал да го втемели во реалитетот.
Бидејќи дејстувањето означува избор кој е израз на субјективитетот, која е релацијата помеѓу свесното Јас мислам и активното Јас дејствувам? Со други зборови, како индивидуата ја постигнува слободата во светот, и кој тип на дејствување претставува автентичен израз на индивидуалната волја?
Со цел да се одговори на ова прашање, мора да се испита на кој начин Сартровата философија на битието го сфаќа односот помеѓу слободата да се дејствува, и свеста за оваа слобода како доживеана реалност.

2.

Одговорот на овие прашања може да се најде во Тегобност и во подоцнежните дела. Во Тегобност, Рокантен ја олицетворува чистата свест на За-себноста како активно себе-испитување на себноста и она што ја опкружува. Нему му се чини дека бесконечно пропаѓа во свет кој не го обликувал, не го креирал, туку само го набљудува. Рокантен себеси се смета за затвореник во светот чијашто суштина може да ја рефлектира, но од кого останува одделен. Сартр го определува светот на слободните индивидуи како како исполнет со пречки и илузии, туѓ и застрашувачки. Не постои сфера во која социјалните, политичките и економските релации или услови се „оправдувања“ за тоа што не успевам да бидам слободен. Историјата е моја историја, онаа која јас ја имам испишано, или која допрва треба да ја креирам, „со оглед на конкретните околности“.17F Слободата е одговорноста која јас ја сносам за мојот избор и моите акции.
Одделувајќи го чинот од мислата, Сартровата определба
на слободата во светот, ја прави слободата невозможна. Сартр инсистира на тоа дека свеста доаѓа единствено после чинот, бидејќи самата свест е она немисленото (irreflechi) и може да се здобие со значење и содржина само доколку е рефлектирана, т.е. Во рамките на извесен чин, извесна објектификација на волјата.18F Сепак, откако еднаш ќе бидат рефлектирани, значењето и содржината на оваа свест како непроменливо да му припаѓаат на некој изминат миг, една поранешна себност, која оттогаш била изменета токму од самиот чин кој го произвела рефлексијата. Ова јасно го назначува ништото, ништоста содржана во Јас мислам на картезијанското cogito; за Сартр, од фактот што свеста не може да рефлектира пред чинот, мора да се заклучи дека е празна, т.е. Дека е една „активна, индивидуална, не-себност“19F.

#b
10. Sartre, B&N, op. cit., p. 172.
11. Ibid.
12. Според Сартр, „Знаењето не е ниту релација, квалитет, ни активност; тоа е суштина на За-себноста во онаа мерка во која е „присутно за“… „Ибид.
13. Ibid., p. 51.
14. Ibid., p. 256.
15. Ibid., pp. 268, 339, 351. In Sartre’s Roads to Liberty, Vol. II, The Reprieve, trans. Eric Sutton, (London: Penguin, 1982), епистемолошката вредност на погледот не се однесува единствено на постоењето на Другиот, туку и на моето сопствено постоење.
16. Ibid. p. 32(подвлекла С.Х.)
17. Ibid., p. 51.
18. Sartre, Being and Nothingness, op. cit., cf. Part IV, ch. 1. : Freedom: The First Condition of Action, pp. 433-481.
19. Hugh Silverman (ed.), „Sartre’s Words on the Self,“ Jean Paul Sartre, (Brighton: Harvester Press, 1980), p. 87.

АвторСалам Хава
2018-08-21T17:22:04+00:00 април 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 14|