Што останува кога скоро сè што ни е познато ќе исчезне?

/, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 130 - 132/Што останува кога скоро сè што ни е познато ќе исчезне?

Што останува кога скоро сè што ни е познато ќе исчезне?

За The Road (Патот) на Кормак Мекарти

Највпечатливиот аспект на постапокалиптичниот роман The Road (Патот) (2006) на Кормак Мекарти не е толку глобалното изумирање на живиот свет, ни пустошот на пејзажот низ кој поминува патот од насловот на книгата што го изодуваат човекот и детето, едни од последните живи суштества на Земјата. Највпечатливиот аспект е контрастот меѓу целосната глобална опустошеност, од една, и топлината на разговорите меѓу човекот и детето, од друга страна.

Патот е мрачен, страшен роман. Со ноќи во потполн, неприкосновен мрак. Со денови кои се сиви, темни, студени, со перманентни облаци кои никогаш и никаде не ги пропуштаат зраците на соцето. Тоа е резултат на некој апокалиптичен настан што се случил десетина години пред дејството раскажано во романот, а на кој повремено се навраќа главниот лик во своите сеќавања. Апокалиптичниот настан – кој донел смрт на животните и растенијата и неколкунеделни пожари во градовите – останува неименуван.

„Во што ќе се претвориме кога природата и живите суштества од животинскиот и растителниот свет, толку интимно поврзани со нашата човечка еволутивна и културна историја, ќе исчезнат или неповратно ќе се сменат?“ (Fetherson 100) прашува Рејчел Федерстон во еден свој есеј за еколошки постхуманизам.

Слично прашање се провлекува и низ Патот: во што се претвораат оној мал број преживеани луѓе кога целиот жив свет околу нив е исчезнат? Најизвесниот исход е дека за да преживеат, ќе напаѓаат пред да бидат нападнати, ќе убиваат пред да бидат убиени. Но Патот остава можност за избор. Човекот и детето се обидуваат да преживеат без да убиваат во свет што не нуди услови за опстанок. Сите човечки желби, амбиции, активности, потреби им се екстремно редуцирани, освен меѓусебната љубов и блискост. Тога се гледа во сите разговори меѓу човекот и детето.

„Тато, може нешто да те прашам?
Да. Се разбира.
Што ќе правиш ако умрам?
Ако умреш, ќе сакам и јас да умрам.
За да можеш да бидеш со мене?
Да, за да можам да бидам со тебе.
Океј.“ (McCarthy 7)

Овие искрени разговори имаат ефект на шок и светлина во едноличната сива и мачна атмосфера на пустиот асфалтен пат и умрените дрјва наоколу, меѓу кои се движат човекот и детето во обид да се сокријат од евентуално преживеаните агресивни банди.

Сите разговори и прашања на детето верно ја одразуваат неговата приближно девет-годишна возраст, на која детето сè уште верува во добрина и алтруизам и покрај големите трауми и смрт со кои е опкружено. Но, ова не е наивно прикажано: детето е често преплашено, а вредностите кои ги негува, особено неизмерната желба да им помогне на другите, се резултат и на воспитување, а не само вродени особини.

Човекот и детето се постојано прегладнети, иако човекот внимателно ја распределува храната на која понекогаш, ретко, ќе наидат – конзерви со сушено овошје или грав, сите со одамна поминат рок, но единствен извор на калории што им го спасува животот. Кога случајно ќе најдат затворена лименка газиран пијалок, исто така со одамна поминат рок, човекот му ја дава на детето:

„Што е ова, тато?
Нешто интересно. За тебе.
Што е?
Седни. Пробај.
[…]
Супер е, тато, рече.
Да, супер е.
Напиј се и ти, тато.
Сакам ти да го испиеш.
Напиј се и ти.“ (13)

Ваков дијалог се повторува секогаш кога седнуваат нешто да јадат. Таткото секогаш се обидува да му даде на детето повеќе од храната, а детето никогаш не дозволува да му биде дадено повеќе од половина, инсистирајќи и таткото да изеде ист дел.

Оваа љубов и грижа се директно спротивставени на многу почестиот и поверојатен начин на однесување во време на целосен недостиг на храна: бандите од кои човекот и детето се кријат меѓу мртвите дрвја ги убиваат и јадат луѓето на кои наидуваат. Детето го знае ова и му изгледа пострашно да се претвори во човекојадец отколку да умре, а таткото постојано го уверува дека тие двајца се „носители на огнот“ – метафора што детето ја поврзува со добрината – и дека никогаш нема да станат канибали. И навистина, оваа идеја и вредност е целосно интегрирана во карактерот на детето. Тоа му дава конзерва од нивните минимални резерви храна на еден старец на патот, а го тера таткото да му даде храна дури и на еден човек кој претходно се обидува да ги ограби.

Сепак, Патот на Мекарти не е наивна визија за тоа во што ќе се претвориме кога сè што ни е препознатливо ќе биде уништено. Најизвесниот исход е дека крајот на ресурсите ќе значи и крај на солидарноста и емпатијата, и доминација на безмилосна борба за опстанок. Но, дури и сред такви услови постои избор: љубовта и алтруизмот се возможни, дури и кога им штетат на шансите за живот.

Во Илјада деветстотини осумдесет и четврта на Орвел, протагонистот Винстон Смит во еден момент се сеќава како, кога бил дете и немале ништо за јадење, мајка му силно ја гушнала неговата помала сестра, која веќе умирала од глад, иако оваа постапка ништо не сменила – не ја ублажила гладта, ниту ја спречила смртта. Но, размислува Винстон, за мајка ми, „ако некоја постапка е неефективна, со тоа не станува безначајна. Ако сакаш некого, го сакаш, и кога немаш што друго да му дадеш, му даваш љубов“ (Orwell 172). Тоа е во основа идејата и на Патот – добрината на детето и љубовта меѓу таткото и детето може да се неефективни за опстанок, но тоа не може да ги направи безначајни.


Користена литература
Fetherston, Rachel. “Evolving a New, Ecological Posthumanism: An Ecocritical Comparison of Michel Houellebecq’s Le Particules élémentaires and Margaret Atwood’s MaddAddam Trilogy”. Ethical Futures and Global Science Fiction, eds. Zachary Kendal, Aisling Smith, Giulia Champion, Andrew Milner. Palgrave Macmillan, 2020.

McCarthy, Cormac. The Road. Vintage, 2006.

George Orwell. Nineteen Eighty Four. London: Penguin, 1998.

АвторКалина Малеска
2020-08-14T21:20:46+00:00 август 5th, 2020|Categories: Есеи, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 130 - 132|