Црно јагне и сив сокол

/, Литература, Блесок бр. 99/Црно јагне и сив сокол

Црно јагне и сив сокол

Црно јагне и сив сокол Македонија

Македонија

Rebecca West
Black Lamb and Gray Falcon
A Journey through Yugoslavia
Penguin Books, New York 1994

Превел од англиски јазик:
Владимир Цветковски
(на македонски во издание на Три,
во рамки на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“)

СКОПЈЕ I

Ова е врвен миг на Велигден кога свештениците го креваат навезеното платно од масата, го изнесуваат надвор на отворено, и го вртат три пати околу црквата на чело од толпата верници, сите носат запалени свеќи пеејќи химна за воскресението Христово. Константин и јас се придруживме кон ваква процесија кога дојдовме во Скопје претходната година, и посакав да го повторам истото. Тоа е вистинското совршенство на сликовитоста со цветната жолта осветленост од свеќите, студенилото на ѕвездената и месечевата светлина, светликавоста на крстовите и одеждата на свештениците, темните силуети на луѓето потпрени врз осветлените прозорци на куќите на плоштадот, што се чини како и тие да се лелеавеа со ритамот на светлината и сенките што наидуваа. Но овде има и повеќе од тоа, има вистински Велигден, воочливата разлика меѓу зима и лето, меѓу студенило и жештина, меѓу темнина и светлина, меѓу смрт и живот, меѓу минус и плус. Нешто значајно што минува незабележано затоа што тоа постојано се доживува тоа постојано се чувствува во неговата важност. Но сега не можевме да ѝ се придружиме на процесијата затоа што бевме на крајот од иконостасот кога таа започна, и таа ги направи првите кругови пред да стигнеме до вратата. Кога владиката кој беше на чело на свештеничката поворка сврте кон влезот за да ја одржи својата богослужба ние се наоѓавме во предворјето, така наречениот нартекс, којшто се наоѓа во предниот дел на секоја византиска црква, кое овде беше особено големо и световно, зашто архитектите биле навикнати на големите тремови на џамиите, каде што муслиманите се навикнати да седат и да муабетат да го обават својот бизнис или да расправаат за политика.
Јас бев многу уплашена додека стоевме таму, зашто си мислев дека одредена група луѓе, збиени еден до друг постојано мрдајќи од неудобност, сите држејќи свеќи би можеле да се запалат. Но заборавив на својот страв, затоа што стоев спроти една селанка која седеше на пезулот од еден прозорец којашто го претставуваше есенцијалниот дел на Македонија, којашто беше токму она поради што се вратив да го видам. Таа беше на возраст на која сите Македонки стасуваат веднаш штом им престанува моминството: педесет годишни шибани од времето. Главата ѝ беше покриена со темна марама до рамена и со нејзините бори и со благородниот изглед на нејзините коски и со намаченото тело, таа наликуваше на многу византиски мадони што се среќаваат на фреските и мозаиците. Во својата рака мајчински ја држеше свеќата гледајќи во нејзиниот пламен како таа да беша младо живо суштество; и на ракавите од нејзиното пожолтено кожувче се гледаше вез со стилизирани црни и црвени дрвја кои препознатливо водат од урнек наменет за елегантни Персијанки од пред две илјади години. Тука беше чудото на Македонија, видливо пред нашите очи.
Оваа жена пропатила повеќе од многу други суштества, таа и нејзините предци. Компетентен набљудувач на овие простори рече дека секој поединец роден овде пред Големата Војна (и поприличен број што се родија по неа) искусил чувство на насилничка смрт – барем еднаш во својот живот. Таа се родила за време на кобниот крај на лошото турско владеење со циклуси од востанија и масакри, како и со општествениот хаос. Ако од нејзиното село не биле убиени, таа сигурно слушнала за многумина што биле убиени, и никогаш не била сигурна дека некои од нејзините нема да ги задеси иста судбина. Потоа , на нејзина зрелост дошле Балканските војни како и Големата војна, колера и епидемија од тифус измеѓу. Потоа дојде – ВМРО, и постојано владееше невидена сиромаштија. Таа имала најмалку од сé, како од лични потрепштини, безбедност, грижа при пороѓај како која било жена на Запад што би можела да замисли. Но таа имала две работи на што секоја жена од Запад можела да ѝ позавиди. Таа имаше јачина, страшната стамена јачина на Македонија; таа беше зачната и родена од секој кој може да им се подбива на сите куршуми освен оние што поминале низ нејзиното срце, којшто ќе ги надживее зимите кога беа протерани по планините, кој ќе ги преживее маларијата и чумата кој ќе доживее длабока старост хранејќи се со леб и пиперки. Изгнездени во својата немаштина како во шуплината од истркалана карпа овие се последните капки од визнатиската традиција.
Во нашите умови сите ние знаеме што беше Византија. Сите ние сме свесни дека источното продолжение на Римското Царство беше извонредно прекрасна цивилизација. Таа не беше несовршена затоа што беше тотален игнорант на економијата, и народот беше доведен до лудило од немири поради гладотија што немаа име. Знаеме дека крај Златниот Рог ослабнатото царство развило дворска церемонија, која поранешните цареви ја позајмиле од Азија, додека не ги навело сите оние што ја посматрале свесни за симболите на духовните нешта што можат да се изразат со слика и звук. Црквата и самата научи од својот партнер државата и ја воздигна службата до највозвишено ремек дело на општествена уметност а луѓето задоени со ритуалните импресии за идејата за Бога и за Царот кој теориски беше пратеник на Бога, создадоа уметност што е единствена по својата благородност, која по својата архитектура и сликарство, мозаици како и металните фрагменти и текстил пронајдоа калиграфија за изразување на човековите посериозни искуства што ги прави другите уметности да изгледаат малку наивни или безизразни. Значи дека ваквите достигнувања не беа технички трикови туку беа знаци на вистински спиритуални процеси, зашто Византијците беа способни да живеат во достоинство и со чесност во однесувањето цели четири века знаејќи дека им е судено, дека еден ден ќе бидат уништени од корен од безмилосните Турци. Тие не се однесуваа само стоички во таа сенка; тие продолжија да живеат во целовитоста на животот, да творат дури и до последната од нивната судба, до точка на пуштање на подникци на нова школа во сликарството.
Сево ова го знаеме со нашите умови, и само со нашите умови. Но оваа жена го знаеше сето тоа со сето свое битие, затоа што таа не знаеше ништо друго. Беше тоа медиј во која што таа постоеше. Турското тешко владеење ја лишија од сите полезности на западната култура; сè врз што таа имаше да се храни беше благотата истурена од ничкосаниот цариградски путир. Затоа таа беше византијка во сите нејзини постапки и супстанца. Кога ја земаше иглата таа инстинктивно го бодеше платното создавајќи византиски украси, и таа имаше византиска идеја дека човек мора да украсува, секогаш да украсува, богато да украсува. Како што седеше таму таа беше вкочанета, може да се каже вткаена, во делото на своите раце. Вкочанетоста не беше случаен одраз на нејзините материјали, тоа беше симбол на нејзините верувања за општеството. Таа веруваше дека луѓето што треба да се почитуваат практикуваат подостоинствено држење одошто оние кои не вредат ништо; но нејзиниот грб беше прав, таа не се смееше премногу лесно. Ете зошто нејзе не ѝ беше досадно во ритуалот на нејзината Црква. Таа би можела да проседи долги часови како што правеше тогај, милувајќи ја својата свеќа со тивка милозливост, гледајќи ги озбилните и бавнодвижечки свештеници побудувајќи ја идејата за величественост, побудувајќи чувство на обожавање што се должи на врвната величественост. Таа не се ѕвереше во ѕиркачка претстава, односно таа не убиваше време. Таа беше опседната од истата страст што честопати ги побудуваше спасувачките дејци да дојдат овде на почетокот од веков да се борат против гладта која често ги пратеше задушувањата на христијанските востанија. Не еднаш, во селата кои западнале во немилост кај Турците па спрема тоа биле предмет на убиства, палежи и грабежи, тие ги присилувале да се преселат во Србија и Бугарија, а селаните секогаш одговарале дека тоа би било најмудро, но дали тие не можат да ги напуштат своите цркви. Но ова беше суеверие. Пред олтарите, плодот на Византија беше го поминал истиот тест како сегашниов; тој ја спречи судбината да се претвори во деградација. Лицето на оваа жена беше неодбивно, егзалтирано, чувствително кон нејзините таги сепак преокупирана со она што таа го сочувала како позначајно, величенственост и нејзиното обожавање.
Сега Владиката беше пред вратата, прекрасна појава, не само затоа што неговата одежда беше сјајна со срма, туку и неговата висока митра и пастирското жезло и крстот на неговите гради сјаеја со драги камења. Постои наследно достоинство во цртите на одеждата во која има вградено од философската наметка на древните времиња, од околувратникот на римскиот конзул, како и од туниката и ракавицата на византискиот император. Со раскошен глас Владиката најави дека Христос воскресна и од лицата над разгорените пламенчиња се издигнаа остри извици на верување. Потоа тој изговори молитва или повтори пасус од евангелието, не бев сигурна што, и продолжи со обраќањето слично со воскресението Хростово и ослободувањето на христијанска Македонија од страна на Србија пред дваесет и пет години. Всушност тоа беше вистинска југословенска пропаганда, и повеќето од неа можеше да биде изговорена од политичка платформа.
Само нашата современост е шокирана. Ова не беше никаква новина, туку продолжение на древната традиција на Црквата. „Бидеј отелотворената политика, како човечкото тело, е составена од делови и членови, така најзначајните и највлијателните делови се Царот и Патријархот“, напиша еден византиски теолог; „на ист начин акко што мирот и среќата на човечкото суштество зависат од хармонијата на телото и душата, така во владеењето мора да постои совршена слога меѓу Царот и свештенството“. Бидејќи Православната Црква не претендира да биде ништо друго освен религија, и бидејќи не тврди дека нејзината власт е крајната вистина за философијата, етиката и политичката наука, ова не предизвикува такви потешкотии како што му се случило на Западот. Православната Црква сметала, и сé уште смета дека нејзината главна задача е магичноста, евоцирањето преку ритуал на духовното искуство што е неопходно за човека. Исто така таа е должна да ги постави општите обрасци на моралното однесување. Ако цивилната власт го помага ритуалот и го прифаќа ваквиот образец таа има право да ја бара поддршката на црковната власт,и црковната власт е должна да ѝ ја пружи доколку нејзиниот домен не е загрозен. Всушност таа ќе го прави тоа, политички ќе ја поткрепува цивилната власт доколку цивилната власт не се меша во теологијата. Ова е став што треба да биде прифатен од секоја државна црква, и ова не создава тешкотии во случај кога една црква не полага право на крајна мудрост над профаните субјекти како и верските.
Православната Црква не се противела на таквото право по избор. Откажувањето било направено под присила врз неа од страна на турбулентната историја на Византија. Човек може да настојува на крајна мудрост над еден поданик до оној степен додека животот на односниот поданик е претскажлив. Сега животот во Европа никогаш не е среден нешто повеќе од неколку години истовремено и во ограничен ареал; но на Запад тој бил среден во доволна мера, доколку во хомогеноста на неговото безредие, да им се дозволи на умните луѓе да воспостават принципи што со сигурност ќе можат да сметаат дека се вечни, зашто тие овозможија да се постават корисни основи за дејствување и мислење за еден приличен временски период. Во Источна Европа не беше така. Долги и запрепастувачки беа историските бранувања. Византиското царство кое доживеа инвазија од крвожедните и безмилосни христијански пријатели кои дојдоа да го повратат Христовиот гроб во Ерусалим и запреа да го вкусат понепосредно големото задоволство од пљачкосувањето на Константинопол, и кое само беше свесно за извесноста дека ќе биде освоено од Азијците па спрема тоа и невозможно да им се обрати како на личности во кошмар, не можеше да прорекне. Така неговиот гениј се сврте од спекулативната мисла кон уметноста, и неговата црква ја сочува својата догма без да ја развива концентрирајќи ги своите сили кон славата на Богослужбата, што им пружаше магична закрила од злоделата кои беа непознати како и од оние кои беа познати. Ете зошто таа врз себе ги навлече критиките дека таа стана стерилна и архаична како во учењето така и во лечебноста на празноверието; но таа не би можела да му служи на својот народ во неговото посебно страдање.
Поради ваквите историски причини никој од верниците не беше шокиран од проповедта на Владиката во поддршката на Владата, и исто така сум сигурна, бидејќи животните околности на Балканот забрануваа каква било интервенција во религиозни и пацифистички чувства; никој не се шокира што Владиката во младоста бил комита.

Извадок (13-18 стр.)

АвторРебека Вест
2018-08-21T17:20:42+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 99|