„Цена на живеењето“, Арундати Рој

/, Литература, Блесок бр. 133 - 135/„Цена на живеењето“, Арундати Рој

„Цена на живеењето“, Арундати Рој

Во март отпатував во долината Нармада. Се срамев што толку малку знаев за сето тоа, како и за борбата што траеше со години. Се вратив со убедување дека на долината ѝ е потребен писател. Не било кој писател, туку прозаист. Пишувањето за она што се случува во долината можеби е премногу вулгарно за проза, но потребно беше да се употреби уметност и суровост за да се состават распарените делови, да се раскаже приказната онака како што заслужува да биде раскажана. Верувам дека приказната за долината Нармада е приказна за современа Индија…

… За подобро или за полошо Проектот за развој на долината Нармада ќе има влијание врз животите на 25 милиони луѓе кои живеат во долината и ќе има влијание врз екологијата на целиот речен базен. Ќе бидат потопени три свети гробови и храмови и стари на ходочастие и археолошки наоѓалишта за кои научниците велат дека се од непроценливо значење за човештвото од каменото доба…

… Денес Индија е трет по големина градител на брани во светот. Според податоците од Централната комисија за води, во Индија има 3.600 брани, од кои 3.300 се изградени по добивање на независноста. Сега се градат околу една илјада.

Познатата изјава на Нехру дека браните се храмови на модерна Индија е влезена во учебниците на сите јазици во Индија. Големите брани се дел од верата нераскинливо поврзана со национализам. Секое дете на училиште го учат дека Големите брани ќе ги спасат луѓето од глад и сиромаштија. Дали навистина ќе ги спасат? Дали ги спасиле? Дали браните се сигурност за храна во Индија? Денес Индија има повеќе наводнувано земјаиште од која било земја во светот. Во последните 50 години наводнувањето се зголемило за 140%…

… Се градат брани, луѓето се раселуваат, се трошат огромни суми пари, каналите никогаш не се довршуваат. Нема никаква корист, освен онаа што ја имаат политичарите, бирократите, посредниците. Првата брана изградена на реката Нармада е приказна за себе. Браната Барги во Мадиа Прадеж беше завршена во 1999 година и чинеше десет пати повеќе отколку што беше предвидено со буџетот, а потопено беше три пати повеќе земјиште отколку што беа предвиделе инженерите. За да ги избегне трошоците и трудот околу правењето извештаи, владата едноставно го наполни резервоарот без претходно предупредување, така што наместо 70.000 луѓе од 101 село што морале да бидат преселени, биле преселени 114.000 луѓе од 162 села. Бегале пред водата што надоаѓала, како глувци се измолкнувале од своите куќи. Без никакво претходно предупредување. Немало рехабилитациона програма и само мал дел од нив добиле некаква компензација. Поголемиот дел не добил ништо. Некои умирале од глад…

… Зошто се случува сето ова? Како воопшто може да се случува вакво нешто? Може зашто големите брани се споменици на корупција. И тоа меѓународна корупција од незамисливи размери. Банкари, политичари, бирократи, консултанти за природната околина, како и агенции, сите тие се инволвирани во рекетирањето…

…Стотици луѓе во долината Нармада биле поплавени од водата што надоаѓала од резервоарот Сардар Саровар. Некои од нив со денови стоеја во куќите во вода до половина гради протестирајќи против одлуката на Врховниот суд да ја зголеми висината на браната Сардар Саровар. Ги сметаа за непријатели кои не сакаат да ја платат цената на националниот просперитет. Ги нарекуваа антинародни елементи кои се противат на развитокот на земјата и ги затвораа. Владееше мислење дека: „Да, точно е дека одлуките се тешки, но некој мора да ја плати цената на развитокот. Проектот Сардар Саровар е поинаков“. Го нарекуваа ‘светски добро проучен проект’. За овој проект секогаш се заборува во суперлативи: најдобро проучен, најдобар проект во долината, најдобра програма за рехабилитација и т.н…

… А што да речеме за цената на животната средина? Поплавените шуми, опустошениот екосистем, уништените речни устија, резервоарите полни тиња, загрозениот животински свет, биодиверзитетот што исчезнува, милиони хектари земја што се или поплавени или со солена вода. Ништо од сето ова не е споменато во завршниот извештај. Нема официјална проценка за кумулативното влијание на Големите брани врз животната средина…

… Многу од раселените луѓе сиот свој живот го имаат поминато длабоко во шумата и никогаш немале никаков контакт со пари и со современиот свет. Сега, одеднаш, се најдоа во ситуација да се борат со глад, или пак со километри да пешачат на север до најблискиот град нудејќи се како стока за продажба. Наместо шумата од која добиваа сè што им беше потребно – храна, гориво, коноп, тутун, прав за чистење заби, лековити билки, материјали за градба на куќи, сега заработуваа по 20 рупии на ден за да го прехранат семејството. Наместо река имаат рачна пумпа за вода. И во своите некогашни села беа многу сиромашни, но беа заштитени од потполно страдање. Имаа шуми, имаа реки во кои ловеа. Стоката им беше инвестиција. Сега, раселени, мораат сè одново да учат. Секоја мала и секоја голема работа: од употреба на тоалет, купување автобуска карта, учење нов јазик. Најлошо од сè беше извршувањето наредби. Мораа да научат дека имаат господари. Да одговараат само кога ќе бидат прашани. Од самозадоволни, слободни луѓе станаа уште посиромашни, влегуваа во свет на јарем и незадоволство, свет за кој ништо не знаеле. Што мислите, како се чувствуваат? …

… Се разбира, овој говор не влезе во учебниците. Јас станав многу непопуларна во Индија додека јавно зборував за овие работи. За среќа, не сум кандидат на изборите. Како писателка, претпочитам да бидам сакана долината Нармада, отколку од државата и нацијата!

Инсерти од предавањето на Арундати Рој на Нехру меморијалот на Универзитетот Кембриџ, Обединето Кралство, ноември 1999.

Превод: Катица Гароска Ацевска

ПреводКатица Гароска Ацевска
2021-04-03T19:12:15+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 133 - 135|