Царот на Птиците

/, Литература, Блесок бр. 09/Царот на Птиците

Царот на Птиците

од книгата „Големата градба и други разговори со Непознатиот“, Блесок 2001

Од планините Аладаг, во коишто, според јуручката легенда, бесмртни живеат љубовниците Халил и Џерен, сè таму до таинственото езеро Исик-Кул, во огромен распон покриен со остри сртови и осамени номадски шатори, се раскажува прикаска за Царот на Птиците.
 Господарот на сите што се дарувани со крилја, вели оваа омилена тема на разговори што се водат покрај логорски огнови, по највисоките планини на оваа планета, својот дворец го има на некој непознат врв, скриен во непрегледниот Океан од скаменети бранови. Всушност, врвовите се кубиња, кули, минариња, камбанерии, чардаци од џамии, цркви, пагоди, катедрали, светилишта и храмови, со кои земјата го слави небото – велат номадите, од она што ние, обични туристи и минувачи, површно и погрешно го подразбираме под „планини“.
 Запознаен со таа древна бајка, еден персиски мистик и поет, пред 800 години, на приказната ѝ дал еден завршеток што ги восхитил, и до денес ги восхитува сите учени меѓу туристите и минувачите.
 Еве ја, најнапред легендата:
 Решени да го откријат дворецот на својот цар, се состанале еден ден птиците од цел свет, и го избрале јатото составено од сè најдобри летачи, та им дале задача по секоја цена да стасаат таму каде што ни една птица дотогаш не беше стасала, и да го најдат дворецот, што ниту една птица не го беше видела. Таму да го поздрават и да му се поклонат на тој што на сите птици отсекогаш им заповедал, и што решавал за судбината на секоја птица, од секогаш.
 Летнале птиците, та полетале! Над сите планини поминале, многу нови пасишта и води откриле и на номадите им ги кажале. Овие, од благодарност, им давале храна, ги оставале да се одморат, ги лекувале и раните по крилјата поткршени им ги лекувале. Здогледале многу врвови, дотогаш од око нездогледани, и сртови неизодени надлетале и прелетале. Летале долго овие прекалени јунаци, летале! Но ни трага од дворецот на Царот на Птиците не нашле!
 Почнале веќе да страдаат и умираат, една по една! Од напори, од повреди, од студ, од ветришта, од виулици!
 Најнакрај, им останал неистражен уште само еден голем масив од силниот Кавказ! Таму, стрмната карпа што исчезнувала на небото, им се истопорила! Смело летнале трагачите, во височините, домот на царот свој да го најдат. По многу денови и ноќи летање без одмор и сон, без пиење и јадење, стасале тие до крајот од последната, највисоката карпа. Погоре веќе ништо освен небесната бездна, полна ѕвезди, немало.
А на карпата немало ништо; ни дворецот, ни Царот на Птиците.
 А од големото јато, само уште 30 птици останале живи и до врвот на врвовите стасале. Легендата на номадите тука завршува. Некаде, врвот е во Хималаите, некаде во Тјан Шан, некаде во Памир, некаде во Алтај. Но, останатото е исто во сите, а ист е и бројот на птиците што до врвот стасале живи.
 Големиот мислител, а како мистик, не помал романтичар и поет, номадската бајка вака ја завршува:
 „И тогаш, откога виделе дека ни на врвот од врвовите нема ништо, тие се погледнале, секоја со секоја, се броеле и пребројувале, онака истоштени и искршени, но прекалени и горди, и наеднаш едната кажала: Ако е ова Врвот на врвовите, и ако на него живее Царот на Птиците, тогаш, ние сме тој Цар! Ние 30-те птици сме Царот! Затоа Царот на Птиците и се вика Си Моргх. А Си Моргх значи и ‘30 птицѝ, и ‘Царот на Птиците’!
 Нежно, возбудливо, мистично, ведро – токму како што доликува на мистична и поетска душа. Но, две работи сепак треба да се речат.
 Најнапред, зборовите не се исто што и она кое го означуваат. Истражувањето на зборовите е и корисно, и важно, но не ги открива оние нешта за кои зборовите се само знаци. Затоа знаењето за нештата не треба да се изведува од нивните имиња, туку од самите тие нешта.
 Тоа дозволува да се претпостави, задржувајќи ја сета арматура на прикаската како основа, дека можеби немало воопшто никаков Цар на Птиците. Се случува и најсилните, и најистрајните да го направат својот најголем подвиг во животот, само за да се уверат дека бил – залуден!
 Можно е, исто така, дека Царот на Птиците постои, но на друго место, до коешто ни најсмелите меѓу летачите, сепак не успеале да стасаат. Неговото име, пак „Си Моргх“ или „30-те птици“ исто така може да не значи ништо, може да значи нешто, но на јазикот што птиците и номадите не го знаат, и конечно, може да значи токму тоа, но само како симболичка мерка, како метафора за силата на царот на Птиците, кој сам може да го направи она, што од огромно јато најодбрани и најсилни птици, во живот ќе остави само 30!
 Сето тоа можело да биде она што навистина се збиднало, таму, на тој Врв од Врвовите, до кој само 30 птици стасале! Не знаеме дали стануваме исто со целта во чиешто барање сме ги вложиле сите свои сили, сета своја страст и сета своја љубов. Мистиците веруваат токму во тоа. Она што го бараш, ќе го најдеш, ако го бараш без сомнеж и резерва. Кој го бара Царот на Птиците, ќе го најде, па макар и само во себе самиот; кој го бара Господ, ќе го најде, макар онака како што птиците го нашле својот Цар. Барајќи го она најдоброто и највредното. На крај утврдуваме дека сме го нашле кај себе! Но не пред да го изодиме својот пат, и не пред да поминеме низ сè она низ што воопшто сме биле способни да минеме, и не пред да ги прелетаме сите сртови и да стапнеме на сите врвови, што нам ни биле кажани.
 И второ;
 Оние што живеат со птиците, тие на коишто птиците им ги откриваат новите пасишта и води, а тие ги хранат и лекуваат, што своите шатори ги поставуваат врз покривите на оние храмови и светилишта со кои Земјата го слави Небото (а ние, минувачите и туристите, погрешно ги наречуваме „планини“ и уште имињата наши им даваме!), да се потсетиме, легендата не ја завршуваат така. А тоа е, сепак, нивна легенда! И не ја завршуваат затоа што ваква, каква што тие ја раскажуваат, им кажува повеќе нешта и поважни нешта – им ги кажува нештата врз кои тие го темелат целиот свој живот.
 Мистеријата на Дворецот на Си-Моргх, Царот на птиците, и тајната на неговото име, остануваат неодгатнати. Но, во постоењето одгатка, тие не се сомневаат. 30-те јуначки орли, соколи, јастреби, жерави, лебеди, диви гуски и диви пајки (сè од ред летачи над летачите!) долетале до Врвот на Врвовите, на оној до кој крепела силата нивна да ги донесе. Тие дале сè од себе. Таму ништо не затекнале. Но, го виделе и тоа, дека друг освен нив таму нема.
 И тоа е сè. Славата што стасале таму каде што никој не стасал пред нив, тоа е нивната награда!
 Царот на Птиците постои. Но најважните тајни не се, во овој живот, одгатливи. Она што во овој живот може да се реши, самото не завредува да му се посвети целиот живот. Мал дел од животот, за мали тајни, целиот живот, само за нерешливата. Наоѓањето би било полошо од казната! Би било подбив со оној човек во птиците, што ги наведува да го бараат Царот „Си-Моргх“, и онаа птица во луѓето, што ги наведува да стремат кон сртовите и височините.
 А името на царот на Птиците е „Си-Моргх”.
 Името навистина значи и „Царот на Птиците“, и „30 птици“.
 И тоа е сè.

2018-08-21T17:22:08+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 09|