Уметноста на создавање легенда

/, Литература, Блесок бр. 48/Уметноста на создавање легенда

Уметноста на создавање легенда

Во што се разликува „книжевноста“ од „лесната проза“? Умберто Еко го бара одговорот во минатото.

Прочитав дека во Франција се воделе живи дискусии во врска со протестите во градот Виле-Котере – родното место на Александар Дима – поради преместувањето на останките од нивниот автор во парискиот Пантеон. Се плашам дека во Италија многумина, исто така, ќе протестираат ако овој голем популарен раскажувач (малку е општ описот за него во една ваква канонизација) биде погребан до оние кои се веќе канонизирани со научни декрети. Но всушност, ние не сме единствените кои имаат потешкотии во разграничувањето помеѓу книжевноста и таканаречената „лесна проза“.
Секако, лесната проза постои и во неа спаѓаат мистериите или второкласните љубовни романи, книги кои се читаат на плажа, чија единствена цел е да пружат забава. Овие книги не се загрижени околу стилот или креативноста – но успешни се зашто се повторливи и следат еден образец во кој читателот ужива.
Ако е така, тогаш дали Дима имал за цел да пишува лесна проза, или дали воопшто се грижел околу такви нешта – како што некои од неговите критички и контроверзни текстови би навестиле? Тој имал „робови“ кои му помагале да ги напише безбројните книги а пишувал опширно за да заработи повеќе пари. Но во некои од делата, бил способен да создаде ликови кои можеме да ги наречеме „легендарни“, кои ја населуваат колективната мечта, и кои се копирани и прекажани како и ликовите од легендите и бајките.
Понекогаш му успевало да создаде легенда со чисто книжевна способност: Тројцата мускетари први ми паѓаат на ум; текстот тече како таблатура за џез музика, а дури и кога ги создава оние дијалози, кои ги имам дефинирано како „дробни дијалози“: две или три страници со куси и непотребни упадоци (кои ги вметнувал за да го зголеми текстот), Дима тоа го прави со „булевардовска“ грациозност.
А што да се каже за Грофот од Монте Кристо? Пишував за тоа како еднаш бев решил да го преведам. Наидов на фрази како: „Тој стана од столот на кој што седеше“. Добро, од кој друг стол би станал, ако не од оној на кој што седел? Сè што требаше да запишам во мојот превод беше „Тој стана од столот“, или дури само „Тој стана“, зашто веќе е јасно дека седел крај масата.
Пресметав дека на читателот сум му заштедил барем 25% од времето потребно за читање, скратувајќи го јазикот на Дима. Но, потоа сфатив дека токму вишокот зборови и повторувањата имаат суштествена стратегиска функција – тоа создава исчекување и напнатост – го одложуваат крајниот настан и се од суштинско значење за одличната одмазда да делува толку ефектно.
Дека ова е големата наративна способност на Дима, станува јасно денес, при препрочитувањето на неговиот современик, Еуген Сју, кој во тоа време бил попопуларен од Дима. Ако ги препрочитаме Мистериите на Париз – кои предизвикале колективна хистерија низ препознавањето на ликовите и кои, исто така, понудиле политички и општествени решенија – сфаќаме дека додадените зборови и фрази ја прават книгата претешка за читање, и можеме да ја читаме само како документ, а не како роман – што би требала да биде.
Затоа, постојат ли доблести во пишувањето кои не се задолжително одбележени со лингвистичка креација, туку се дел од ритамот и прецизното дозирање, и иако неосетно, ја надминуваат границата помеѓу литературата и лесната проза? Романот, како и легендата, започнува во јазикот, во смисла дека Едип или Медеа се типични ликови и се земаат за пример едноставно поради нивните постапки, дури и пред да станат велики старогрчки трагедии. Слично на ова, дури и Црвенкапа или ликовите во африканските или индијанските митологии функционираат како модели на животот зад поезијата која ги превзема и врз нив создава друго рамниште.
Дали романот мора да длаби низ психологијата на своите херои? Секако дека тоа го прави современиот роман, но античките легенди не правеле така. Психологијата на Едип е изведена од Есхил или Фројд, но ликот е едноставно тука, фиксиран во една чиста и ужасно вознемирувачка состојба.
Особено во Италија, наведени сме да го идентификуваме романот со прозата како уметност и, со кусо премостување, со поезијата, еден вид на „проезија“. Па сепак, Стендал ја користел прозата на цивилниот код; Итало Свево, велат, лошо пишувал, а ако сакаме нешто „поетско“, има повеќе поезија во Лијала отколку кај Алберто Моравија.
Проблемот е што романот мора да „раскаже приказна“ и да оживее ликови за пример, дури и кога го опишува само нивното надворешно однесување. Психологијата на Д’Артањан е забавна, но ликот станува легендарен. Психологијата на Жулиен Сорел е сложена и затоа се согласувам дека постои разлика помеѓу историскиот роман, кој ни опишува цела една ера преку своите херои, и романот на мистеријата кој се случува во еден одреден миг, но кој лесно може да се смести во друга ера и да останае подеднакво привлечен.
Но овде не зборуваме за уметнички дела чија величина и богатство од рамништа никој не ги порекнува. Зборуваме за митски текстови, кои се сосем друга работа. Во основа, и Пјер Сувестре и Марсел Алаи ги проширувале своите дела за да заработат повеќе пари. Нивните приказни за Фантомот не се примери за вдахновено пишување, а сепак овој лик станал урбана легенда која ги обземала надреалистите и многу други. Рокамбол на Пјер-Алексис Понсон де Терје сè уште нè забавува, но не станал легенда.
Зошто? Постојат мноштво оригинални модели и наративни стратегии кои допрва треба да се проучат и темелно да се споредат.

Текстот е објавен во The Guardian на 20 јули 2002

Превод од англиски: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 48|