Товарот на мимикријата

/, Блесок бр. 07, Литература/Товарот на мимикријата

Товарот на мимикријата

1

Пред многу време, кога имав осум или девет години и кога светот беше сè уште преполн со ветувања, еден од моите наставници, збунет од моето презиме, атипично за Србија каде што повеќето презимиња завршуваат на „иќ“, ме праша што сум јас. Јас станав и му го кажав она што татко ми секогаш ми го кажуваше: дека сум Евреин. „Но, како е тоа можно“, рече тој, „мислев дека вас Евреите веќе ве нема наоколу“.
Во тоа време немав поим што сака со тоа да каже. Тој беше, веројатно, искрено збунет, без каква било намера да ме навреди. Јас бев само дете, и ми требаа неколку години за да ја научам грозната приказна за Холокаустот. Но неговата забелешка се врежа длабоко во мене, и за момент се видов себеси како жив мртовец.

2

Дефинирањето на еврејската литература е тешко како што е тешко дефинирањето на еврејскиот идентитет, или, во крајна линија, секуларниот еврејски идентитет. Растејќи во мала, секуларна еврејска заедница во поранешна Југославија, мислев дека дефинирањето на еврејскиот идентитет е една од нашите обврски. Ми се чинеше дека сите останати во нашето мултиетничко општество се крајно сигурни во својот идентитет, и дека само Евреите се оние што минуваат бескрајни часови во обиди да разберат кои се, всушност, тие самите. Кога ќе се соберевме во некој од летните одмаралишта на јадранскиот брег, имавме два или три состаноци посветени на тоа прашање, а потоа во нашите еврејски центри, при редовните неделни средби во нашите Младински клубови, одново и одново се обидувавме да изнајдеме прифатлив одговор. Ги споменувавме еврејската традиција и еврејските празници, убавината на Сабатот, сплотеноста на Хебрејството, светлината на Зион. Но, бидејќи не бевме Евреи што го практикуваат еврејството, сите тие нешта, иако го согледувавме нивното значење, не ни беа којзнае колку важни. И бидејќи повеќето од нас беа деца од мешани бракови кои што избрале да го следат еврејското наследство, секогаш доаѓавме до истиот заклучок: еврејскиот идентитет е прашање на избор.

3

Истиот одговор е единствениот што можам да го понудам кога станува збор за дефинирањето на секуларниот еврејски писател: станува збор за личен избор. Но, тој одговор функционира само на индивидуално ниво. Погледнати како група, без оглед на нивните индивидуални избори, еврејските писатели покажуваат повеќе сличности отколку разлики. Со други зборови, дефинирањето на еврејската литература останува акутно како и секогаш, но одговорот – како и оној што се однесува до прашањето за еврејската секуларност – сè уште не е на повидок.

4

Јазикот, за жал, не ни помага. Во повеќето случаи тој ја дефинира националната литература, но Евреите секогаш зборувале повеќе јазици. Постои, навистина, еден „свет јазик“, Хебрејскиот, за сите Евреи, но не сите Евреи го говорат. Покрај тоа, за писателите светиот јазик е оној на кој што ги пишуваат своите песни или раскази. Од друга страна, Евреите отсекогаш користеле различни јазици во секојдневниот живот, а понекогаш и кога ги пишувале нивите свети книги.
Ентитетот е исто така проблематичен. Еврејските писатели често се противат на класифицирањето во етнички писатели. Тоа е можеби последица на стариот еврејски страв: „Ако се покажам во мојата инаквост, ќе им дадам солидна причина да ме издвојат“. Безбројните историски случки на прогони и погроми го имаат потврдено овој страв. Тоа објаснува зошто мимикријата, уметноста на имитирањето и површната сличност, била неопходна за опстанокот на Евреите, и зошто сè уште се користи и денес во светот во кој што чиновите на поделба се сè уште посилни од чиновите на зближување.
Така, критичарите и книжевните теоретичари можеле да дојдат до само една дефиниција, имено, дека еврејскиот писател е од еврејско потекло и дека еврејската литература е напишана од писатели со еврејско потекло. Тој заклучок не е многу илустративен, но покрај сите разлики, поделби и негирања во самата еврејска заедница, се чини дека е единствениот можен заклучок. Би сакал кон оваа дефиниција да ја додадам фразата „оние/оној што пишува(ат) на еврејски теми“, следствено додавајќи го неопходниот елемент на изборот. Зошто инаку би пишувале на еврејски теми (со разбирливиот исклучок на анти-Семитското пишување, секако) ако не се чувствувате како Евреин, или, барем, имате некои сомнежи околу Вашето еврејско потекло?

5

Сомнежите околу еврејскиот идентитет можат да се објаснат со големиот број писатели меѓу секуларните Евреи. Нивната долготрајна и секојдневна мимикрија може да дообјасни уште нешто. Но, иако сомнежот и уметноста на мимикријата се од особена важност за писателите, не верувам дека тоа ги прави Евреите поспособни за пишување, или за уметност воопшто. Евреите се можеби потврдоглави во нивните сомнежи или се повеќе волни да се обидат да ја достигнат совршеноста, но како народ тие немаат нешто што некој друг народ не го поседува.
Со други зборови, не се сложувам со оние писатели, и еврејски и не-еврејски, кои што тврдат дека еврејскиот писател има посебна улога, посебна цел што треба да ја оствари. Рејмонд Федерман, американски романсиер и преживеалец на Холокаустот, некаде има запишано дека должноста на еврејскиот писател е да пишува за ужасите на Холокаустот, и тоа веројатно е вистина за повеќето еврејски писатели, посебно за оние што го преживеале тоа искуство. Но, зарем не е тоа должност на секој писател: да пишува за ужасите на она што тој/таа ги доживува во својот холокауст? Тоа не значи дека ужасите на Холокаустот ќе бидат намалени. Тоа само значи дека има премногу стравотии на овој свет и дека писателот се обидува да се справи со нив, сеедно колку се тие „мали“ или „големи“, тие се, и тоа е она што е важно.
За мене, да се биде еврејски писател значи да се биде дел од една етничка литература која што е составена од многу други помали етнички литератури, исто како што еврејските заедници низ светот се разликуваат една од друга. Тоа што сум Евреин ми наметнува и товар, некој ќе рече добредојден товар, бидејќи во тоа лежи суштината на пишувањето: да се носи товар и да им се кажува на другите луѓе какво е чувството кога тој се носи, помагајќи им да го симнат од нивните раменици, барем за кратко, и да се сфати дека и покрај тежината и патилата постои зрак светло на крајот на патот.

6

Иако се почувствував непријатно и исплашено кога другите деца, кои што дотогаш не ме сметаа за различен, продолжително зјапаа во мене, благодарен сум на наставникот од основното училиште. Тој ми помогна да ја научам најважната лекција за писателите: зборовите, како и тишината по нив, не можат да убијат, но можат да сторат речиси сè друго. Можат да повредат, но исто така можат и да создаваат.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторДавид Албахари
2018-08-21T17:22:11+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Есеи, Блесок бр. 07, Литература|