Субјектот кај македонските прозаистки

/, Литература, Блесок бр. 58/Субјектот кај македонските прозаистки

Субјектот кај македонските прозаистки

Авторитативноста и убедливоста на овој субјект, во комбинација со вештото градење на (преносот на) емоциите кај читателот, сосема нè убедува дека неговите/нејзините чувства (кои, по својата природа, како и секогаш, се исклучително субјективни) се всушност објективна рефлексија на реалноста во која се наоѓа. Така, субјектот, неосетно за читателот, се поставува во една апсолутистичка позиција – во расказот нема ниту еден друг глас освен нејзиниот, ниту една друга реалност, ниту една реченица која би се спротивставила на раскажувањето на понижената сопруга за тажните остатоци на својот брак. Бахтиновското многугласие отсуствува од оваа проза, и таа останува да функционира единствено на ниво на монолог на еден единствен глас.
Бракот е хронотопот во кој и Јадранка Владова го сместува дејството на својот расказ „Палавиот Амор“. Се чини дека и нејзиниот субјект во суштина се наоѓа во лош брак, сличен на оној на Оливера Николова, и тоа лесно се гледа во неколкуте коментари како: „Многу е тешко да се погоди вкусот на жена ми… Таа е студена и многу брзо открива колку нејзините восклици на воодушевеност при дарувањето биле преправање, станица..“ или „… одамна минало времето кога верував дека зборовите можат да помогнат во нашата комуникација…“ Меѓутоа, наспроти Оливера Николова, Јадранка Владова пишува една лесна, разиграна проза. Верна на постмодернизмот, авторката во неа претставува еден друг, поинаков субјект, оној кој теоретичарите на постмодерната го дефинираат како „секогаш плурален, фрагментарен, [оној кој] нема потекло и нема центар, бидејќи процесот на означување е бесконечен.“ (Роберт Алаѓозовски, Обвинети за постмодернизам).
Авторката се дистанцира од својот субјект и од својата проза, минимизирајќи го своето присуство и својот авторитет во приказната, која на моменти се чини дека функционира сосема независно од неа. Дистанцирањето се јавува во односот автор-наратор, зашто вториов е машки глас, кој својата приказна ја раскажува во некое неопределено време. Уште повеќе, она што на прв поглед делува дури и парадоксално, е дека машкиот субјект настапува со скоро мизогени чувства – тој негува искрено непријателски чувства кој својата жена. Меѓутоа, и оваа негова карактеристика не влијае на динамичниот, придвижувачки елемент на текстот, зашто тој се полни со атмосфера понаква од „Саботна вечер“, со атмосфера карактеристична за постмодернизмот – игрива, динамична, неочекувана, надреална, атмосфера која ја релативизира приказната, во која ставовите и пораките на субјектот се само во функција на разигрување, а не на закоренување на неговите позиции.
Со ироничен хумор, кој мрачната атмосфера на „Саботна вечер“ го нема, наместо да се повлече и да се затвори во себе, субјектот во „Палавиот Амор“ во бракот внесува подарок – малечок Амор, дете од мермер. И тука почнува заплетот на приказната, кој истовремено е и расплет на лошиот брак. Наместо преку спротивставености, овој субјект својот плурален идентитет го гради преку пренос – мермерниот Амор, објектот во расказот, всушност функционира на едно ниво како алтер-его на самиот субјект. Аморот ги искажува сите оние чувства кои субјектот ги носи кон својата сопруга – протест, инает и лутина. Тој истовремено се отвора и како суштинско прашање и како одговор на проблемите на нараторот, наметнувајќи се како главна личност во приказната, преземајќи го сосема на себе нејзиниот тек и нејзината разрешница.
Текстот на Јадранка Владова нуди поинакви читања при секое навраќање на него – неговите значења, за разлика од цврстите, неприкосновени пораки на реалистичната проза на Оливера Николова, се на маргините на текстот. Тие функционираат повеќе како прашања и ребуси отколку како одговори. Проблемот кај Оливера Николова е јасно лоциран – мажот е проблемот, тој и неговиот карактер е одговорен за несреќатата на нараторот (авторката). Кај Јадранка Владова, пак, проблемот е детето, или отсуството на дете, или пак желбата за дете, или можеби несогласувањето на сопружниците околу имањето/немањето дете…
Споредбата на двата субјекта, оној на Оливера Николова и оној на Јадранка Владова, на крај неизбежно ме води и до ставот на Жак Лакан, кој вели дека стануваме целосен субјект (т.е. оној кој се здобил со свест за сопствениот идентитет) само преку влегување во јазикот. Во таа смила, и двете авторки, секоја верна на својот стил, преку своите субјекти арахнолошки вешто ги расказжуваат своите приказни. Онаа на Оливера Николова е јасна, отворена и недвосмислена, и за времето во кое е пишувана (седумдесеттите години на дваесеттиот век) прилично револуционерна – нејзиниот субјект е жена, која мора остане таа што е, доследна во својото монолог, отворена за своите емоции, за да нè убеди во веродостојноста на својата женска приказна. Така, таа се позиционира како еден за тоа време (а би можела да кажам, дури и сега) редок субјект во македонската проза – жена која расчистила со своите илузии. Посебноста на пристапот на Јадранка Владова, пак, е новa на сосема поинаков начин. Преку нешто што на изглед е преземање на идентитет на другиот пол, таа всушност во својот расказ ја релативизира важноста на полот на авторот или на нараторот при формирањето на субјектот. Дури и повеќе од оваа, таа ја релативизира и потребата на субјектот целосно да се оствари преку влегувањето во јазикот, па нејзиниот вистински субјект е една статуа – Аморот, токму оној кој во приказната воопшто не се служи со јазикот во процесот на своето позиционирање наспроти другите ликови.

2018-08-21T17:21:13+00:00 февруари 25th, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 58|