Субјектот кај македонските прозаистки

/, Литература, Блесок бр. 58/Субјектот кај македонските прозаистки

Субјектот кај македонските прозаистки

(виден во два раскази на Оливера Никoлова и Јадранка Владова)

Последниве децении, централното прашање на академскиот книжевен феминизам, според Нина Баум, стана самата теорија. Така, се чини дека книжевната теорија живее сама за себе, сосема одделена од книжевноста како (историски) иницијална каписла на своето постоење. Новите правци на книжевната теорија се надоврзуваат на претходните, побивајќи ги или понатаму развивајќи ги (скоро) филозофските постулати преку кои теоријата сè повеќе се оддалечува од книжевноста, од материјата, од месото, а сè повеќе се нурнува во апстрактното, т.е. во самата себе.
Сепак, книжевната теорија, без разлика на степенот на апстрактност кој го достигнала, секогаш се врти околу една од точките на вечното тројство: автор-текст-читател (или, поточно, во феминистичките студии, авторка-текст-читател).Во рамките на овој триаголник, едно од најчесто поставуваните прашања е важноста која теоретичарите му ја придаваат на еден или друг од овие три пола, како и нивниот взаемен однос. Традиционално, сè до дваесеттиот век, книжевната критика и теорија била во голем дел насочена кон авторот. Тој (а поретко и таа) бил оној стабилен, цврст елемент зад делото (многу често поистоветуван со нараторот), кој преку текстот ги изразува своите идеи и продуцира одредени значења. Фокусот на структуралистите во 50-те и 60-те години на дваесеттиот век, од друга страна, се поместува кон текстот, книжевното дело. Потпирајќи се на лингвистичките теории на Сосир, тие сметаат дека дека книжевноста не е израз на креативниот ум на авторот, туку лингвистичка структура чие значење го контролираат правилата на јазикот. Книжевноста така се гледа како систем (т.е. означувач) на правила и кодови (т.е знаци) кои ѝ овозможуваат да се полни со значење (т.е. да означува).
Дефокусирањето од авторот во постструктуралистичката ера на некој начин кулминира со мислата на Барт, кој пишува за смртта на авторот. Американската школа на reader-response, од своја страна, оди уште понатаму, поместувајќи го фокусот кон читателот (или читателката), релативизирајќи ја универзалноста и непроменливоста на значењето на текстот. Така, еден текст може да има безброј значења, оти секој читател, со самиот чин на читање стапува во интеракција со текстот, придавајќи му така свое, единствено значење. Малку подоцна, Дерида, кој (како и структуралистите) целокупното значење на текстот го наоѓа единствено во него самиот („не постои ништо вон текстот“), ја внесува темпоралноста во начинот на манифестација на значењето на еден текст. Според него, секој текст го одлага своето значење, т.е. како што тече времето, новите значења, кои на почетокот биле скриени, помалку видливи, а сепак присутни на маргините на текстот (или пак постоеле само во сферата на несвесното кај авторот при создавањето на тој текст), се појавуваат, се откриваат, и така отвораат нови читања на текстот.
Феминистичката книжевна теорија донекаде повторно го врати авторот, т.е. авторката, во фокусот на теоретските дускусии. Ненси Милер, дефинирајќи го терминот арахнологија, и надоврзувајќи се на Барт, вели дека е вистина оти текстот функционира како мрежа од многу значења, но во центарот на таа мрежа е авторот (т.е. авторкатата), пајакот, плетачот на мрежата. Терминот автор овде не е сфатен ограничено, во смисла на оној поединец кој го пишува делото. Како што вели Фуко, авторот е многу налик на наратор, и тој термин не се однесува исклучително и единствено на некој вистински поединец, туку може да биде дури и алтер-его на вистинскиот писател од крв и месо. Затоа, современата теорија сè помалку зборува за автор или наратор, а сè повеќе за субјект. Денешниот субјект, кој го заменил авторот, т.е. нараторот, има посебно филозофско значење што сугерира свест и самосвест, моќ да дејствува и да ја наметнува својата волја.
Токму манифестирањето на субјектот (и разновидноста на тоа манифестирање) е темата која понатаму ќе ја разгледам, врз два примери на раскази напишани од две авторки, генерациски и стилски различни: „Саботна вечер“ од Оливера Николова и „Палавиот амор“ од Јадранка Владова. И двата раскази авторките ги сместуваат во хронотопот на бракот, и нараторот во секој од нив зборува во прво лице, но, тука некаде почнуваат и завршуваат сличностите меѓу двата текста.
Во саботната вечер, резервирана за излегување од домот, дружење и забава, Оливера Николова преку една реалистична проза ја прикажува кризата во еден брак. Нејзиниот субјект, кој себеси се прикажува како тажна и разочарана жена, преку губењето на своите илузии за љубовта и блискоста, зборува за оттуѓеноста од својот маж: „Седам спроти него и го гледам како наполно туѓ човек. Тие линии, тоа лице, очите и насмевката малку игрива и запаливо заразна, само пред неколку часа ми се чинеа сосема блиски, поправо како мои. Уште повеќе – ги сакав.“
Субјектот во овој расказ, во духот на реализмот, има за цел да нè убеди во своето постоење, во своите ставови, да се оформи како реална личност од крв и месо. Неговата, т.е. нејзината веродостојност авторката ја доловува преку процесот на поистоветување – во нарацијата во прво лице, лесно е да ги воочиме сличностите – и субјектот како и авторката е жена, времето на дејствието е совремието, па дури и брачниот статус е ист. Така, кај нас читателите, поистоветувањето на авторката со нараторот лесно се гради во еден единствен субјект – сосема во духот на реализмот, се чини (или подобро речено, веруваме) дека авторот зборува токму за себе.
Вешто и систематски, субјектот во овој расказ, преку една тешка и сериозна проза, ја гради атмосферата на празнотија, разочараност и тага. Овие чувства се пренесуваат по пат на спротивставености од видот на некогаш и сега: „Порано овие зборови ми се чинеа обични. А зошто сега им придавам такво значење?“, или начинот на кој субјектот се поставува наспроти објектот (нараторот/авторката наспроти сопругот): „тој имаше нов костим, јас стар фустан…, мојата отфрлена рака при влегувањето; неговото самоувремено држење…“ Стабилен, доследен во своето гледање на работите од почеток до крај, концентриран на еден момент на разбивање на илузиите (disillusionment), во духот на модерната, субјектот се наметнува како единствен, реален пренесувач на апсолутната вистина. Со видлив песимизам, субјектот на Оливера Николова во оваа генерално реалистична проза, функционира и како „оттуѓениот поединец“ на модерната книжевност, скоро џојсовски или елиотовски лик, кој се соочува со разбивањето на едно убедување (дека го сака својот сопруг) кое некогаш било централно во градењето на нејзиниот идентитет (во случајов оној на сакана сопруга).

2018-08-21T17:21:13+00:00 февруари 25th, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 58|