Странствувањето и провинцијализмот

/, Литература, Блесок бр. 71-73/Странствувањето и провинцијализмот

Странствувањето и провинцијализмот

Ограничени во стегите на оваа Другост, т.е. двојната Другост, бидејќи жената најчесто самата по себе е Друга, а двојно Друга кога е странец, и Колбе и Димковска се соочуваат со самотијата, неодминливата состојба на другоста. „Јас, за волја на вистината, живеам осамено. Дванаест години. Откако ја напуштив Македонија. Нема ништо поосамено од немажена, перфекционирана пистателка во егзил, со виртуелна биографија од Казабланка.“ вели Кица Колбе. Доаѓајќи до истиот заклучок, на еден малку поинтроспективен начин, Лидија Димковска вели„… И којзнае кој пат во нашиот номадски живот ја почувствува онаа добро позната, речиси семејна празнина на битието, празнината на Домот како јадро и како атом на човечкиот живот, празнината на сопственото Јас пред светот што не можеш да го смениш, но самиот те менува, те ништи и те воскреснува.“ Ова е всушност моментот на големото сознание, мигот кон кој авторките (т.е. нивните наратори) се стремеле уште кога заминале на своето патување. Во моментот кога се сфаќа дека духот на провинцијализмот е всушност универзален, а не национален, се случува просветлувањето кое било првичната цел на патувањето. И тоа не е наоѓање на еден, универзален одговор, туку едено, универзално прашање – ако светот е татков каков што е, таму од каде што си заминала, и таму каде што си отишла, тогаш која си ти? Каде припаѓаш? Кој е твојот дом?
Поставувајќи си ги овие прашања, Кица Колбе и Лидија Димковска тргнуваат во различни правци. Кица Колбе на овие прашања им пристапува романтично-иселенички, па вели: „Сакам да избегам од сиот европски Запад некаде многу далеку. Особено од неговото грандиозно минато… Сакам силно да мириса на македонска, проста вар.“ Одговорите на прашањата за припадноста таа ги бара назад, во татковината, т.е. во она што таа го замислила како своја татковина. Зашто, „ако секое напуштање на родната грутка е мало умирање, тогаш секое враќање е воскресение.“ вели таа, свесна за својата потреба да се врати дома, т.е. на местото од кое патувањето започнало. Меѓутоа, таа едновремено е свесна и дека такво место едноставно не постои, т.е. дека татковината е индивидуален конструкт на секој поединец, виртуелен хронотоп, насликан од нашите реконструирани сеќавања, емоции и очекувања, само наша Казабланка. „Во изминатите дест години мојот роден град за мене ги беше изгубил сите реални белези. Тој некако беше станал предмет на мојата имагинација.“ Таков дом, таков град слика таа во својот роман, виртуелен, видоизменет, затскриен под снегот, разубавен со музиката и со присуството на мажот кој ја љуби. Фиктивен, а сепак исто толку реален како и реалниот. Во тој реален свет, пак, Кица Колбе јасно, хајдегеровски, ќе го каже одговорот на прашањето каде таа припаѓа: „ми го подаривте мојот мајчин јазик и земјата каде што се родив токму во еден миг на творечки јанзи и колебања, за тоа каде ми е местото како писател, во Македонија или во Германија, кому воопшто му треба мојот збор и слика, каде е мојата вдоменост… писателот преселник е вдомен во јазикот, бездруго најмногу во мајчиниот.“
Лидија Димковска, од друга страна, одбива да го разубави местото од каде што тргнала, дури и виртуелно. Поставувајќи си го во суштина истото прашање: „Беше ли тоа дом или симулакрум на дом? Беа ли сите години странствување и номадство години на симулактрум живот?“ таа не смета дека домот е концепт што неминовно мора да поврзе со место (реално или виртуелно), во смисла на простор што ќе се одбележи со топоним. „ Лично, ја претпочитам и се трудам да ја следам својата сопствена мисла: ‘Важно е да се има оган, а не огниште.’“ вели таа, наоѓајќи го огнот, домот, во саканиот, т.е. во човекот наместо во просторот. Љубовта е причината за преселбата, таа е причина за враќањето. И друга пореална причина за патување, за враќање и за творење, не постои.

2018-08-21T17:21:02+00:00 јуни 30th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 71-73|