Степени на другоста: Фетишизирање на „Западот“

/, Литература, Блесок бр. 67-68/Степени на другоста: Фетишизирање на „Западот“

Степени на другоста: Фетишизирање на „Западот“

4. Класна другост

Ако Шадја е странецот и непривилегираниот лик во поглед на нејзиното потекло и пол, тогаш Брајан е маргината од аспект на класниот статус. Ова го насетуваме уште на првите страници. Ни се соопштува дека секогаш носи иста кошула, факт којшто Шадја го забележува компулзивно, како постојано да има потреба да се потсетува на тоа. Додека ова за неа не е, сè уште, алармантен знак, неговиот лош англиски изговор10F е доволен сигнал за ниската класа. Самата таа не испушта да прокоментира дека има подобар изговор од него. Дури при крај ќе дознаеме дека, навистина, неговите родители се сиромашни. Мајка му продава лижавчиња; татко му работи како столар. А, нараторот ни кажува, „Фарид најмуваше луѓе како нив да му работат во куќата. Им издаваше наредби“. (109)
За разлика од него Шадја е дете на познат гинеколог. Тој земал втора жена, но мајка ѝ имала доволно луксузна позиција, како за жена во муслиманско општество, да одлучи да го остави и сама да одгледа шест ќерки, сите со угледни професии и познати во градот. За да ги обезбеди уште повеќе, ги омажила за ценети личности од локалната елита, а Шадја ја свршила за Фарид, син на сопственик на претставништво на 7Up и на фабрика за хартии со монопол за тоалетни марамчиња.
Хуморот на Абулела е суптилен, а воедно болно свесен за реалноста. Иако мајката на Фарид и неговите сестри одат во брачниот пакет со фабриките и големата новоизградена куќа, во истиот пакет одат и постдипломските студии за Шадја. Мајка ѝ е сосема свесна за нејзината загрозена социјална позиција па ја предупредува дека треба да го има образованието како противтежа и покритие за богатството што ќе го добие од сопругот.
Да ја оставиме свеста за сиромаштијата која го очекува семејството на Шадја (доколку не манипулира внимателно) настрана, и да се сконцентрираме на фактот дека таа е припадничка на локалната елита, а е исто така привилегирана и во поглед на многу други емигранти или тие што привремено претстојуваат во Шкотска. Како што вели Ахмад

Повеќето индивидуи навистина не се слободни да се преоформуваат себеси со секој нов ден … само привилегираните можат да живеат во постојана мобилност и вишок од задоволство … Повеќето мигранти се воглавно сиромашни и ја искусуваат раселеноста не како културно изобилство туку како измачување. (Ahmad 1997,373)

Во „студената“ Шкотска таа не мора да заработува за да ги отплати постдипломските студии. Место тоа, може да ужива и да се потсетува на базенот во клубот во кој редовно одела со сестрите и пиеле лимонади служени од слуги во бело. Да не ја споменуваме, пак, свршувачката со Фарид во Хилтон, со петстотини гости. Нејзиниот дискурс е далеку од дисквалификуван и премолчан. Едни од вистинските субалтерни во овој расказ се веројатно келнерите што служат на базените или работниците што Фарид ги вртка како сака и родителите на Брајан. „Во Картум, [Шадја] никогаш не се мешаше со луѓе како нив.“ (106)
Дури и вака обезбедена, таа пак размислува за својата економска состојба. Свесна е дека троши многу пари за студиите и грижливо пресметува колку потрошила, кога дома само „стерлингот11F [е] доволен да одржува едно семејство во живот“. (103) Во Картум, дознаваме, му „допуштала“ на Фарид да ги плаќа нејзините сметки, а парите си ги собирала за да купи подароци за мајка ѝ. И Фарид е загрижен за своите пари иако ги има на претек. Мошне е економичен со стедствата кога ја гради новата куќа и сака сите бањи да бидат исфарбани во иста боја за да добие попуст. Иглтон добро забележува:

Конечно не се прашањата за јазикот, бојата на кожата или идентитетот, туку на цените на производите, суровините, пазарите на трудот, воените сојузи и политичките сили, тие што ги обликуваат односите меѓу богатите и сиромашните нации (1996, 205)12F

Би додала и односите меѓу богатите и сиромашните луѓе. Постмодернизмот (Лиотар на пример) зборува за крајот на сите метанарации, но, како што ќе каже Ахмад, „онаа најмета- од сите нарации во изминатите три векови, постепената анексација на планетава заради доминацијата на капиталот … наиде на … зачудувачки успех“ (1997,364) Штом е така, тогаш Шадја е една од тие што профитираат од доминацијата на капиталот. Богатството (фабриките на Фарид) е тоа што ќе ја еманципира во елита, не знаењето и никако Брајан.
Конечно, се поставува прашањето дали Шадја ќе го отфрлеше Брајан доколку тој беше богат припадник на Првиот свет, со кралски англиски акцент, и, да речеме, вила во Шпанија и Ролс Ројс како противтежа на огромната куќа што ја гради Фарид и неговиот Мерцедес. Дали таа дискриминира повеќе врз основа на класата отколку колонијализмот? Веројатно да. Абулела самата вели „заштитата е женско право од исламска гледна точка“ (2007) и оттука следи дека е нормално Шадја да бара економски заштитен живот. Но, тогаш, богатиот Брајан ќе беше помала закана за нејзиниот идентитет и помалку интересен за нас.

5. Полова другост

„‘Женскоста’ е исто толку важно дискурзивно поле … како и ‘религијата’“. (Спивак 2003,89) Исто така и религијата има важен удел во дисперзија на концептот женскост. Ако ѝ веруваме на Абулела, тогаш ќе прифатиме дека жената „во суданската/африканската/арапската култура, се смета за поатрактивна ако е тивка, зборува меко, не е тврдоглава, не е себична, не е нападна, и листата продолжува!“ (2007)
Дел од ова мислење е одразен и во воспитувањето на Шадја. Таа си ги знае правилата. „Не беше тешко да се задоволат луѓето. Секогаш се согласувај, никогаш не доминирај со разговорот и биди економична со вистината“. (111) Дома е далеку помаргинализирана отколку во Шкотска. Фарид, навистина редовно се јавува да ја праша за совети како да ја уреди новата куќа, меѓутоа тој секогаш „се договара“ со неа откако веќе одлучил. И кога таа нема да се согласи, тој пак си ги уважува своите одлуки повеќе. Ниту пак е заинтересиран за нејзиното знаење, но се смета себеси за модерен и „либерален“ поради тоа што ѝ дозволува да замине на студии во странство.
Еден посериозен аспект на женскоста во Судан е она што Сисли Хамилтон го нарекува „бракот како задолжителна трговија на жената, церемонија која го одбележува нивниот влез како сопруги и подоцна мајки во сексуалната економија на патријархалното општество“ (во Whitlock 1995, 351). Дознаваме дека

Фарид дојде во пакет со претставништвото на 7Up, фабриката за хартии, големат куќа што ја градеше, неговите сестри и мајката вдовица. Шадија ќе се омажи со сите нив. Ќе биде среќна и ќе ја направи среќна мајка ѝ. Мајка ѝ заслужуваше среќа после несреќите од нејзиниот живот.

Во овој случај иницијатор на Шадја во економијата со женското производство и пропагатор на патријархалноста е самољубива и себична мајка која се однесува како дете и постојано се себевиктимизира. „Никој не страда како што страдам јас“, се сожалува таа. (105) Шадја и сестрите го живеат сонот на мајка им: затоа што таа не завршила училиште, сите тие мора да се високо образовани.
Скришно, таа го посетува татка си и е фасцинирана од неговата дивост и од маќеата која има помалку гржи од нејзината мајка. Со секое приближување до Брајан таа се оддалечува од силното влијание на мајка ѝ и се поистоветува со предавникот во фамилијата, егзилантот, номадот – таткото кој избегал. Потсвесно постојано размислува за другиот родител. Кога влегува во музејот на Африка очекува да види тоа што ѝ фали од дома, а меѓу набројаните работи се „ [л]уѓе како татко ѝ“.

6. Дијаспорична другост

Дерида вели „она што е својствено за некоја култура, е тоа да не биде идентична на себеси да може да добие облик на субјект единствено … во разликата со себеси“ (2001, 15). А таа разлика е најопиплива за нашата хероина сега кога е релоцирана на културно туѓо тло. Проблемот е што таа е дислоцирана и од генеричната култура. Осудена е, како што би кажал Дерида, на вечен „двоен генитив“. (16)
Оддомувањето е трауматичен настан. Дислоциорани од еден колектив, интернационалните студенти во расказот бараат заштита во друга група. Секогаш се заедно, секогаш се „колекција“, „колективен страв“ и „колективна тишина“, а Нигериецот кој се самоубил е „брат“. Си се држат едни до други како групата да ќе ги заштити и ќе им даде чувство на припадност. Со своето однесување и тивко шепотење и кикотење потсетуваат на средношколски тинејџери, несигурни во својот идентитет, кои претпочитаат да се идентификуваат како група затоа што така нема да бидат загрозени.
Колку е само смешен фактот што истиве овие луѓе, за кои Шадја толку цврсто се држи, пред да се зближи со Брајан, подоцна и самата ги избегнува. Лесно е, во поинакви услови, дома или на сигурно, истите овие луѓе да се сметаат за натрапници. Со Асафа, иако е од соседна земја, се пресреќни што се запознаваат во Шкотска, но дома би можеле да бидат непријатели13F.
Вербата во дома исто така е лажна. И да се вратат дома времето нема да ги чека, „ги очекува шок бидејќи нивните земји веќе се придвижиле напред“, нè предупредува Абулела. Таа си признава: „против тоа се борам … не сакам да бидам носталгична за минатото“. (цитирана во Sethi 2005) Лиминалните дијаспорични други не припаѓаат никаде. Тие се самци кои не се свесни дека се општожители, кажано со зборовите на Милорад Павиќ.
Пријатели на странецот … можат да бидат само оние што се чувствуваат туѓи на себеси“. (Кристева 2005,261) Шадја, „циничниот странец“, уште повеќе има потреба од друштвото на Брајан, „странецот верник“, но „не очекува ништо“ од тоа друштво. (247) Тоа друштво премногу ја компромитира.

#b
10. Во Обединетото Кралство се вели дека класата на човекот се препознава штом ќе ја отвори устата. Нивните дијалекти се повеќе класно засновани отколку географски.
11. Една британска фунта
12. Во македонското издание на книгата недостасува поговорот од кој е земен овој цитат и затоа преводот е мој.
13. Спивак интересно ги прекорува Американците со африканско потекло кога вели „Дијаспорични Црнци созда[ваат] одреден вид идиом на отпор, но [во] Третиот свет во целост… нема да бид[ат] во можност да се сведат на Црнци против Белци, има исто така Црнци против Црнци, па Кафеави против Кафеави итн. (2003, 182) Па, впрочем, Дарфур е доволен денешен пример за тоа.

АвторНаталија Јовановиќ
2018-08-21T17:21:05+00:00 октомври 12th, 2009|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 67-68|