Степени на другоста: Фетишизирање на „Западот“

/, Литература, Блесок бр. 67-68/Степени на другоста: Фетишизирање на „Западот“

Степени на другоста: Фетишизирање на „Западот“

2. Културна и религиска другост

„Мојот простор… [е] нешто што човек едноставно го учи од други луѓе“, вели Спивак. (2003,187) Тој дискурзивен простор не е само просторот кој те издвојува туку и оној што го делиш со другите од твојата култура. Шадја секако ги носи културните кодови и предрасудите на своите родители. Тие се активираат уште повеќе надвор од дома.
Она што нивната зедница ја разликува од британската, меѓу другото, е гостопримството и строго кодифицираните правила на добро однесување. Смешен пример имаме во телефонскиот разговор со Фарид при кој треба да следат строги правила: да се слуша одредено време, па да се зборува исто толку долго. Оваа учтивост понекогаш се граничи со лицемерство, како кога мајка ѝ ѝ трие сапун во очите на погребот на таткото на Фарид за да изгледа дека го жали, а треба да се радува што сега Фаред и, преку него, и таа е наследник на сето богатство што свекорот го оставил зад себе.
Во однос на нејзините културни стандарди Брајан е „целосно невоспитан“ (101): во ист клас се а понекогаш ја поздравува, понекогаш не; не седи убаво на столче; фрла хартија во корпата за ѓубре од место; мрмори; и списокот е скоро бесконечен и не без доза на потсмев од страна на Абулела.
Покрај неучтивоста и „познатата британска резервираност“ на која ја предупредуваат упатствата за интернационални студенти (101), туѓата земја е секогаш извор на „сензационални“ (103) работи за кои може да ѝ пишува на сестра си: како на огледалото во тоалетот некој испишал ХИВ со кармин, како паѓа град, како се вози на лево и слично. Дури и реториката на расказот е предодредена и инспирирана од културната разлика. „Вината беше ладна како маглата на овој град“ (103) – ќе каже нараторот кога Шадја се плаши дека нема да ги положи испитите затоа што не го разбира тоа што го учат.
Културните разлики што ни ги прикажува Абулела треба да се заемат со претпазливост затоа што се филтрирани низ призмата на една хероина за која ни е кажано дека никогаш не другарува со домашните студенти, а за викенд не излегува и не зборува со никого. Пред да го запознае Брајан таа комуницира единствено со студенти од „Третиот свет“. Каква слика, тогаш, моше да ни понуди за Британците, а таа да не биде, во најмала рака, површинска и плитка, детерминирана од предрасудите на нејзината култура?
Најдетерминирачкиот дел од таа култура, и дури и априорна на таа култура, според Абулела, е религијата5F.

Овде, на странска земја, религијата на напуштените претци [sic] е поставена во една суштинска чистотија и тие се замислуваат дека ја негуваат подобро од родителите кои останале „таму дома“… Фундаменталистите се пофундаментални кога ги губат сите материјални врски, измислувајќи едно „ние“ кое е чиста симболика; во недостаток на почва тоа се вкоренува во ритуалот дури не ја постигне својата суштина, а таа е жртвата. (Кристева 2005,262)

Шадја станува порелигиозна на туѓо тло. На Брајан му признава дека порано си спиела наутро кога ќе го чуела гласот на оџата; сега кога не може да го слушне, се моли секој ден. Едно утро заборава да се помоли и се чувствува како да шета гола по улиците. Нејзиниот нов религиозен пуританизам го изненадува и Фарид. Кога по телефон го предупредува да не купува златен капак за тоалетот затоа што ќе ги казни Алах, тој ја потсетува дека капакот ќе биде само со златна боја и воопшто не се предомислува. „Од кога пак си станала толку религиозна!“ извикува тој (114). Она што не може го забележи, е дека Шадја станува порелигиозна откако го запознава Брајан. Причина се, најверојатно, чувството на вина што го изневерува Фарид и фамилијата (иако само платонски), и потребата да се присили себеси да го гледа Брајан како друг.
Според Спивак религијата дозволува да се креира „веднаш достапен „друг“, без да се заплетк[аме] во проблемите на расизмот или експлоатацијата“ (2003,115). Религијата на овој начин ја ползува и Шадја. Како давеник за сламка се фаќа за она што смета дека нему ќе му биде најтуѓо. Може само да се замисли нејзиниот страв кога тој ѝ кажува дека учел за нејзината религија на училиште и патувал до Мека! Какво пак само олеснување чувствуваме во нејзиното „О“, откако дознава дека тоа било само „Во книга“. Го прашува во што верува и изненадена кога ќе каже дека не верува му вели: „Тоа е ужасно! Тоа е навистина ужасно!“ (112).
Наместо типична средба на доминантна и потчинета култура и омаловажување, кои сме извежбани да ги очекуваме во вакви моменти, го имаме обратното. Шадја е таа која не е подготвена да ја прифати Брајановата другост. За да се одбрани од сиве овие неочекувани изјави додека пијат кафе станува и, на заминување, подбивно му сугерира да ја прифати нејзината вера. И повторно удар: Брајан вели не би му пречело, затоа што му се допаднала книгата, а нејзе ѝ се насолзуваат очите. И ќе заплаче само уште еднаш, во музејот на Африка во Aбердин6F, каде ќе одат по желба на Брајан.
Шадја влегува во музејот со него и како да влегува во сржта на европоцентризмот. Очекува внатре да види сонце, бродови на Нил и минариња. Ја дочекува студен контраст: Африка припитомена од првите колонизатори и доволно безбедна да се смести во музеј или во било која енциклопедија на колонијализмот. Со други зборови, апстрахирана визура и конструкт што само ја велича храброста на првите „истражувачи“ што освоиле непознат континент.
„Не постои … колективно сеќавање … Но, има колективно подучување“ тврди Сузан Сонтаг. Сеќавањето е локално и индивидуално и исчезнува кога ќе ги снема индивидуите што помнат. Од друга страна, „колективно[то] сеќавање не е помнење туку договор“ (2006,87,89). Секако дека една нација ќе ги фаворизира своите колективни мемории и ќе ги изложи во музеј само оние слики што ги подржуваат, и, нормално, конструираат тие мемории; па така и овој музеј на Африка го претпочита херојството на истражувачите како подтекст, пред страдањето на домородците. И пак Сонтаг ќе потсети: „Посетата на музеј или галерија е социјална активност … Музеите еволуираа во многу повеќе од … разонода [и] магацин … Основната функција на музејот е забава и образование … како и рекламирање на искуствата, вкусовите и симулакрумите“. (121)
И нашиот херој е однапред детерминиран и фиксиран од својата култура, образование и вкус. Во музејот тој студиозно чита сè и ги декодира пораките на својата култура. Тие му говорат дека империјалистите биле херои кои сакале да побегнат од дома. Овој вториот дел кажува колку тој не може да ги одмине и своите лични искуства и предрасуди – ги гледа тие ликови од минатото како што би сакал да се види себеси, како луѓе што успеале да побегнат од дома.
За оваа посета Џејсон Коули тврди дека „заинтригиран од нејзината егзотична разлика, [Брајан] не успева да забележи … дека, за Шадја, Абердин има свој сопствен збунувачки егзотизам“ (Cowley, 2000). И Шадја има создадено своја апстрахирана визија за Шкотска (по нејзин вкус, се разбира – студена, дискриминирачка и невоспитана, меѓу останатото). Но, Брајановата слепост е почетничка заблуда. Кога ќе ја види расплакана тој е подготвен да се смени.

Тој рече, „Музеите се менуваат; јас можам да се сменам …“
Не знаеше дека тоа е стрмен пат за кој таа немаше сили. Не разбираше. Многу работи, години и пејзажи, бездни. Да беше силна ќе објаснеше и не ќе се умореше од објаснување. Трпеливо ќе го научеше на друг јазик, букви извиткани како ипсилон и гама што тој ги знаеше од математика. Ќе му покажеше дека зборовите можат да се читаат од десно на лево. Да не беше мала во музејот, да беше навистина силна, ќе го направеше неговиот пат до Мека реален, не само во книга. (2001, 119)

Само делумно ќе се сложам со Брендан Смит дека „ таа и Брајан се жртви на погрешното претставување (misrepresentation) на нејзината култура“ во музејот. (Smyth 2007,171) Сметам сепак дека се подеднакви жртви и на нејзината тврдоглава потреба да го заштити својот интегритет и на нејзините погрешни претстави за неговата култура. И самата Абулела изјавува „таа е оној што е немоќен или неподготвен да биде каталист за [неговата] промена“.(2007) Музејот од насловот на расказот е музејот кој го посетуваат, но и виртуелниот музеј што таа го има изградено за „Првиот свет“ во себе.
За среќа, ако таа не прифаќа и нема сили, тогаш нараторот, и Абулела со него, оставаат една можност, едно „да“ или „ако“, кое би можело да се исполни во друг случај и во поинакви околности.

3. Образовна другост
Првата алузија на западното образование се „белите чкртаници“ на таблата што Шадја не ги разбира. Само математичките ознаки ѝ се познати, но не разбира како формулите водат една до друга и не разбира скоро ништо од тоа што го учат (99). Навистина математиката за некој неупатен изгледа нереално, како хиероглифи – исто како што на неупатените им изгледа арапското писмо. Проблемот сепак е што Шадја не е неупатена, таа само не е упатена во европоцентричната математика.
Горнава формулација звучи неубедлива поради предрасудите кои ги имаме за универзалноста на математичкиот јазик, како апстрактен и ослободен од контекст, но Алан Џ. Бишоп потсетува дека „[м]атематичките идеи, како и секои други идеи, се човечки исконструирани“ и „имаат културна историја“ (Bishop 1995,72). Тој оди понатаму и вели дека иако многу народи придонеле за развој на математиката, оправдано е да зборуваме за една „западна математика“ бидејќи западноевропската култура е таа која ја прошири како едно од „тајните оружја“ за „културна инвазија“ и „продолжување на културниот империјализам“. Не само што ги наметна симболите и концептите преку трговијата, администрацијата и образованието, туку и самите вредности имплицитни во тие симболи и концепти: западните вредности на рационализам, објектизам, моќ и контрола7F. А учениците кои се подвотвуваа за високо образование во европските центри беа „од-образувани од својата култура и од своето општество“ и подложени на „намерна стратегија на акултурација“. (73-76)
Абулела се чини дека ја има оваа акултурација на ум кога си поигрува со математичките алузии во расказот. Линеарни модели е првиот час по статистика кој ни е именуван, и е симбол на линеарноста на „западната“ рационална и патријархална култура. Линеарноста присуствува и во европоцентричната писменост. Во својата интересна студија за културното фиксирање што го прават професорите по англиски јазик, Алестер Пеникук посочува дека студентите се „фиксирани и дефинирани и детерминирани од нивните култури“. Исконструиран е и начинот како се однесуваат: пишуваат циклично, само го меморизираат материјалот, премногу цитираат, тргнуваат од погрешни премиси и не можат да го одбранат својот став. (1998, 187-189) Имено, професорите по англиски јазик имаат фиксирани очекувања за студентите зависно од нивното потекло и пред воопшто да го проверат нивното знаење. А тие очекувања во поглед на студентите од „Третиот свет“ се дека не ја следат линеарната западна логика. Ако ова важи за професорите по странски јазик, не гледам зошто не би важело и за професорите по математика.
Брајан се чувствува удобно во културната хегемонија на европоцентричната математика. Тој дипломирал со највисок просек на истиот факултет, лесно ги следи предавањата од постдипломски студии и на добар пат е да земе одликување за највисок просек. Ги знае и професорите и системот толку добро што може да си дозволи да ги третира професорите како еднакви и да не им се обраќа со почит (повторно потсетување на културната разлика со построгото образование во Африка, барем од времето кога Абулела учела таму8F). Наспроти него, Шадја е исфрустрирана затоа што се губи по ходниците, тешко управува со машината за фотокопирање, не успева во библиотеката да ги пронајде книгите што ѝ требаат, не пишува читко како Брајан и дури му ја замачкува тетратката со солзи. На моменти би можела да не убеди и нас и себеси дека сето ова е мерило за имање или немање математичко знаење.
„Ние и тие, помисли таа. Оние што ќе покажат успех, оние што ќе ползат и ќе се препотуваат и едвај ќе поминат. Две преддетерминирани групи“ (100). Во извесна смила Шадја е во право, на првите им е својствена и разбирлива европоцентричната математика. Сепак, има иронија во фактот што таа успешна група ни е претставена од само двајца Европјани што отскокнуваат од целиот клас: една девојка од Шпанија, која повторно е странец, и еден сиромашен Шкот, кој е странец од аспект на класата.
Впрочем, Шадја и самата се побива. Подоцна дознаваме дека „неговите забелешки беа знаењето што ѝ требаше, дупките“, (106) во математиката, но и во неговата култура исто така. Кога ќе се ги пополни и ќе се здобие со знаење, таа веќе не се смета за потчинета. Напротив, станува дрска кон Брајан. Се чини никогаш нема да го надмине инхерентното (и можеби реакциско и безбедно) чувство за супериорност.9F

#b
5. Абулела религијата ја гледа „како многу приватна и лична работа“ и вели, „можам да ја носам со себе каде и да одам, додека другите работи можат лесно да ми бидат одземени“ (цитирана во Sethi 2005). Истовремено, за неа религијата е нешто универзално, што ги надминува индивидуалните и културните разлики, нешто „надвор од политичкото“. (Aboulela 2007) Религијата за неа, значи, е нешто пред политичкото, пред културното и пред индивидуалното, што ќе каже дека таа се смета за најмногу одредена од својата религија.
6. Музејот Маришал (The Marischal Museum) не е целосно посветен на Африка. Виртуелна тура на колекцијата која вклучува експонати од Африка е достапна на http://www.abdn.ac.uk/virtualmuseum/index.php?page=southgallery
7. Бишоп укажува колку се поразителни овие вредности за културите како Навахо каде се верува дека феномените се во постојан флукс и не можат да се изолираат и некои африкански култури за кои предметите се неспознајни. (72,74)
8. Инаку, и Абулела учела статистика на постдипломски студии меѓутоа во Лондон.
9. Интересно е како малите и потчинети индивидуи (па и нации) секогаш имаат потреба од митови за ситни, но итри карактери, од типот на македонскиот Итар Пејо, кои ќе ѝ пркосат на тиранијата. Ова е еден вид бегство од империјалистичка власт за тие што не се доволно силни да се ослободат себеси. Постои огромна сатисфакција, во најмала рака, во идејата дека сте далеку попаметни од својот опонент (па биле тоа Отоманци, Грци или „глупави“ Американци). И како тука да не се помисли на кисело грозје и сладок лимон?

АвторНаталија Јовановиќ
2018-08-21T17:21:05+00:00 октомври 12th, 2009|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 67-68|