„Среброљубива или алчна за пари?“

/, Литература, Блесок бр. 59/„Среброљубива или алчна за пари?“

„Среброљубива или алчна за пари?“

3. Погрешен избор на зборови

Делот од стихот во преводот кој е поместен и прикачен на горниот стих и покрај знакот за интерпункција има заеднички граматички субјект (јас). Доколку не е така, тогаш станува збор за некоректна граматика. Преку следнава анализа ќе се обидеме да видиме што е причината за ваквото решение:
Оригиналот гласи: (Овде сум на една топка-вртелешка)
горделива, среброљубива, властољубива

Оригиналниот стих содржи прекрасен избор на придавки, кои и покрај своето негативно значење се исполнети со поетска звучност, а кои во преводот стануваат груб опис на субјектот кој зборува:
(Auf einem Ball stehend kreise!) ich gefalle mir selbst
gierig nach Geld, hungrig auf Macht

односно:
(Стоејќи на топка кружам!) (јас) си се допаѓам сама на себе,
алчна за пари, гладна за моќ
Мислам дека нема потреба да го коментирам изборот на зборови во овој стих, бидејќи тие говорат сами за себе. Меѓутоа факт е дека германскиот јазик нуди огромен избор на придавки, особено комбинирани од два збора (како што е случајот во оригиналот), затоа не е јасен овој непромислен избор на зборови. Прашањето е, колку се овие стихови во оваа форма всушност на Катица Ќулавкова?
За преводот воопшто да се однесува на стиховите на оригиналот, решение би било:
Hier bin ich auf einem Karussell-Ball
selbstgefällig, goldgierig, machtgierig

каде дури и звуковноста и гласовноста ја поддржуваат содржината на кажаното, како и во оригиналот. Не е изгубена ниту смислата ниту формата ниту поетичноста како што е во преводот кој се наоѓа на порталот. Секако дека има и други можности во изборот на зборови и тој секако зависи од преведувачот, меѓутоа изборот што го направила преведувачката Дрезнер е непогоден и груб и едноставно погрешен.

4. Игнорирање на гласовноста

Поезијата ја има својата силна особина на гласовност и звучност, која се изразува на многу различни начини. Не е едноставно да се најдат соодветни зборови во јазикот на преводот, кои ќе кореспондираат со значењето, гласовноста и звучноста на оригиналот, меѓутоа сепак е возможно да се најде решение.
Неколку примери за непочитување на гласовноста при преводот:
Оригинал: и те сликам, те олицетворувам, те отелотворувам
Во овој стих имаме повторување на дејствие изразено преку „те“ + глагол во 1. л.ед. Последните два глагола содржат и ист почетен вокал (алитерација) и ист завршок.
Превод: und male dich, Spiegel dich wieder, dein Körper bin ich
Освен непочитувањето на гласовноста повторно наоѓаме правописни и граматички грешки и погрешен избор на зборови (Spiegel dich wiеder, треба: spiegele dich wider) и погрешна и груба интерпретација (наместо: те отелотворувам, вели: јас сум твоето тело).
Доколку не може да се задржи смислата или гласовноста со глагол, како во оригиналот, може да се направи обид да се употреби еден глагол 1. л.ед. комбиниран со друг глагол:
Ich versuche dich abzubilden, zu widerspiegeln, zu verkörpern

При што се оддалечуваме од смислата (се обидувам да те насликам, да те олицетворам, да те отелотворам) меѓутоа комбинацијата на глагол во 1. л.ед. со именки, ни нуди можност да го означиме истото дејствие, да го задржиме истото значење и гласовноста.
Пример: ich gestalte dein Abbild, dein Spiegelbild, deine Verkörperung
Или: ich gestalte dein Abbild, deine Widerspiegelung, deine Verkörperung
(
во двата примера: ја обликувам твојата слика, твоето олицетворение, твоето отелотворение)
Гласовно изедначување за завршокот на те олицетворувам, те отелотворувам е содржана во првиот пример преку dein Abbild и dein Spiegelbild а во вториот пример во deine Widerspiegelung и deine Verkörperung. Вториот пример и формално и смисловно одговара на оригиналот, но во преводот на овој стих не може да се задржи алитерацијата.
Меѓутоа, во истата песна постојат уште неколку примери каде што е возможно да се задржи алитерацијата, а тоа сепак не е сторено.
На пример, во стиховите од оригиналот:
те памтам, памтењето го предавам
од едни на други
поправки правам, предавство

Превод:
mich erinnere ich an dich, vom einen
zum anderen geb ich Erinnerung, die alte,
weiter, berichtige, verrate,

Во оригиналот имаме беспрекорно течна и поетска низа на зборови кои ја имаат почетната буква „п“. Во преводот не само што нема гласовност, туку како и секаде до сега има погрешна и непоетична интерпретација на стихот.
Секако дека е невозможно во преводот низата од зборови да почнува токму со истата буква како во оригиналот, меѓутоа има можности да се земат зборови со друга почетна буква, преку кои барем приближно ќе се задржи оваа поетска особина и секако значењето.
На пример:
gedenke deiner, das Gedächtnis gebe ich weiter
es wandert von den einen zu den anderen
ich verschönere, verbessere, Verrat

Во овој случај имаме во едниот стих почетна буква „g“, а во третиот стих наместо „п“ имаме „v“, но и во двата стиха смислата и значењето на оригиналот се задржани. Дополнителните зборови во првиот стих се неопходни на германски. Стихот меѓу нив е подолг отколку оригиналниот, меѓутоа тоа не е ништо невообичаено или погрешно при превод на поезија, туку исто така понекогаш неопходно, а во случајов дури има и поетска гласовност и звучност (weiter од претходниот стих се усогласува со wandert), а исто и значењето и смислата се верни на оригиналот. Се разбира, може да се изостават додадените зборови “es wandert” и да се остави: von den einen zu den anderen, меѓутоа сметам дека подолгата верзија на германски звучи подобро.
Секако дека би требала да се задржи паралелата предавам – предавство од првиот и третиот стих во оригиналот. Една можност би била наместо Verrat да се употреби vergeblich, vergebens што го содржи и затоа гласовно асоцира на глаголот gebe (weiter) од првиот стих, меѓутоа овој збор има поинакво значење – залудно. Како и да е, преведувачот мора да се одлучи за едно решение, дали ќе го задржи стилот или значењето. Одлуката е секако една и се прави според методата: кое од нив звучи подобро и одговара на оригиналот. Решение со vergebens е можеби и подобро, бидејќи зборот е смисловно близок, а исто така ова решение би кореспондирало со македонскиот оригинал бидејќи предавам и предавство во песната исто така имаат различно значење:
gedenke deiner, das Gedächtnis gebe ich weiter
es wandert von den einen zu den anderen
ich verschönere, verbessere, vergebens

АвторЕлизабета Линднер
2018-08-21T17:21:11+00:00 мај 10th, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 59|