Состојбата на aмериканската колективна психа изразена преку филмови и серии со паралелни универзуми

/, Литература, Блесок бр. 122/Состојбата на aмериканската колективна психа изразена преку филмови и серии со паралелни универзуми

Состојбата на aмериканската колективна психа изразена преку филмови и серии со паралелни универзуми

Вовед
Декамуфлирање на симптомите
Науката и паралените унивезуми
Создавање на паралелни универзуми во американското општество
Колку и да се само запознаваме, сè уште сме самозапознаени во истиот универзум
Мелани Клајн
Џојс Бајерс = Мелани Клајн
Заклучок
Референци


Создавање на паралелни универзуми во американското општество

Речиси и да е неизбежно да се води разговор со Американец, да се прочитаат вести од Америка или да се говори на која и да е тема, а да не се спомне и воочи поделеноста на американското општество. Особено по победата на Трамп. Но, при подлабока анализа може да се увиди дека поделбата не е само политичко-идеолошка, туку расна, верска, финансиска, образовна и најстрашно – научна. Работите се апсурдни во Америка, нација во која два бизнисмена се во мртва трка за комерцијализирање на вселенската индустрија, истовремено има претседател кој ги негира климатски промени и преку социјални медиуми се заканува на држави со нуклеарни боеви глави. Крајната левица окупира и цензурира универзитети, а крајната десница отворено покажува нацистички афинитети и намери.

Огромен број на аналитичари се обидуваат да ги стават работите под микроскоп, но така наодот е пострашен: една од причините е директното врзување на политичката определба со сопственото индивидуално его и длабоките стратуми на психата. Тоа што сум, за тоа што се залагам се импрегнира во структурата на моето битие, на моето сопство (self) и тоа се одвива на овој начин – тoa што го говорам и пишувам е мојот „означувач“ и со тоа создавам врска со „означени“ и преку нив индиректно со субјектите. На тој начин го објаснувам светот околу мене и го разбирам редот и законот на социјалното однесување. Сè додека сум во „универзум” каде што мојот „означувач“ може лесно да воспостави врска со „означени“, тогаш сум стабилен субјект. Стабилноста на молекулите во овој универзум се должи на силите кои владеат меѓу честичките. Но доколку тие сили исчезнат или се од друг вид, како што и претпоставуваат научниците дека е случајот со паралелните универзуми, тогаш молекулите ја губат стабилноста и се распаѓаат. Истото се случува и со субјектот кој не е во можност да ја направи врската означувач – означено со Симболичното ниво на другата димезнија, „името на таткото“ во другата димензија е „исклучено“, има недостаток на шевови при што се случува дезинтеграција.

Оваа појава не е нова, но овојпат е амплифицирана преку социјалните медиуми и вестите со создавање на таканаречени „ехо комори“ каде што слушаме тоа што сакаме да слушнеме и тоа што го зборуваме, при што нашето либидо нè наградува со инстант гратификација. Па така модифицираната структурата на сопството, импрегнирана со тие компоненти може да ја задржи својата структурна целина во само еден универзум, каде што законите на „квантната физика“ го подржуваат постоењето на сили кои ќе ја задржат „молекуларната структура“.

Дезинтеграција настанува во случај кога индивидуа од рурална Америка е соочена со прашањето на хомосексуалноста. Иста таква дезинтеграција се случува кога интелектуалецот од Силиконската долина се обидува да го разбере негирањето на климатските промени на неговите помалку едуцирани сограѓани, кои својот опстанок на оваа планета го препуштаат во божји раце. Нивните сопства, вшмукани во или подложени на законите на паралелните универзуми се дезинтегрираат до најмалата можна честичка.

Тоа се отсликува на колективно ниво, па затоа сè почесто по социјалните медиуми може да се прочита „Во кој универзум е ова нормално?“ (In what universe is this normal?). Присилени да користат иста држава, нација, валута, образовен систем, здравство и други заемни институции и околина, американската колективна психа се цепи на паралелни универзуми за да може да опстане и да ја одржи својата молекуларна конституција. Тоа испливува во вид на симптом преку паралелни универзуми во умственото творештво на креативците во Холивуд и Америка.

АвторБорис Тасков
2018-11-30T13:18:05+00:00 ноември 2nd, 2018|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 122|