Состојбата на aмериканската колективна психа изразена преку филмови и серии со паралелни универзуми

/, Литература, Блесок бр. 122/Состојбата на aмериканската колективна психа изразена преку филмови и серии со паралелни универзуми

Состојбата на aмериканската колективна психа изразена преку филмови и серии со паралелни универзуми

Вовед
Декамуфлирање на симптомите
Науката и паралените унивезуми
Создавање на паралелни универзуми во американското општество
Колку и да се само запознаваме, сè уште сме самозапознаени во истиот универзум
Мелани Клајн
Џојс Бајерс = Мелани Клајн
Заклучок
Референци


Оваа аналогија е битен дел од лакановата теорија за субјектот. Теорија за тоа што значи да се биде личност. Лакан тврди дека субјектот е претставен преку јазикот или преку зборови кои Лакан ги нарекува „означувачи” (signifiers). Сè што субјектот говори, пишува и сонува го претставува самиот субјект. Од ова може да се заклучи дека нема директен контакт субјект – објект. Нешто слично како: мојот адвокат ме претставува пред твојот адвокат, или пак премиерот на нашата држава нè претставува пред премиерите на другите држави. Означувачот на другиот субјект, твојот адвокат, е наречен „означен“ (signified) и со тоа го добиваме парот означувач – означено. Твојот означувач претставува означен за мене, а мојот означувач претставува означен за тебе. (Hill, 1997, pp. 70 – 82.) Според Лакан, во случаи кога означувачот не може да воспостави контакт или да најде означен, не е возможно да има „место на зашивање“ при што се создава психоза. Или непостоење на врската означувач-означено создава психоза кај субјектот. (Lacan, 1977, p. 217.)

Да се вратиме на примерот на Жижек со ветерницата. Во моментот од кога повеќе не е возможно да создадеме врска помеѓу чудното движење на ветерницата (во обратен правец од сите други ветерници), тој мал неприроден детал не ни дозволува да ја воспоставиме врската означувач – означено и од тука се генерира страв и анксиозност. Тука може да се постави прашањето: зошто субјектот има потреба својот означувач да го поврзе со означено? За да добиеме одговор на ова прашање потребно е да се запознаеме со уште еден важен дел од лакановата теорија, за да можеме заедно со теоријата за означувач – означено да ја изведеме финалната анализа на “Чудни работи”.

Имено, Лакан тврди дека реалноста на луѓето е поделена во три нивоа или реда: Симболично, Имагинарно и Реално ниво. Лакан го позајмува концептот „боромијански прстени” (Borromean Rings) од математиката, каде што ако отстраниме еден од прстените остануваме со два неповрзани прстена, истото се случува и со трите нивоа, во случај кога Симболичното ниво не функционира, тогаш не може да дојде до поврзување на Имагинарното и Реалното ниво.

Славој Жижек во „Како да се чита Лакан” (How to Read Lacan) (Zizek, 2007, pp. 8 – 9.), се користи со шаховската игра како еден од начините на кои може да се опишат трите нивоа: правилата кои мора да ги следиме – начинот на кој е дозволено да се движат фигурите го претставува Симболичното ниво, што значи дека фигурите се дефинирани од потезите кои шахистите можат да ги прават со нив. Тоа пак значи дека фигурите се веќе дефинирани од Симболичното ниво (правилата на шаховската игра), при што нивните називи и нивниот изглед се целосно произволни, лесно може наместо кралица да ставиме слон и покрај таквиот изглед и назив, почитувајќи ги правилата, сè уште би можеле да продожлиме со шаховската игра. Оваа произволност на изгледот и називот го претставува Имагинарното ниво. Реалното ниво пак, е сиот збир од потези и одлуки на шахистите од кои зависи колку брзо и на каков начин ќе заврши шаховската партија.

АвторБорис Тасков
2018-11-30T13:18:05+00:00 ноември 2nd, 2018|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 122|