Смртоносно точна желба

/, Литература, Блесок бр. 50/Смртоносно точна желба

Смртоносно точна желба

Самракот е ситуација во која едно нешто може да се измени во друго. В зори денот оживува; на самрак денот умира. Со користење на холандските термини во двете ситуации, Ван де Ваарсенбург оваа минлива фаза ја претвора во територија во која животот е можен. Луѓето живеат бидејќи се минливи. А самракот во оваа линија станува нежен гест. Поетската персона тргнува во самракот како галење на кожата на неговата сакана. Еросот се храни со интимноста на смртта, на живеењето на еден минлив живот.
Го употребив зборот борбен за подетално да ја окарактеризирам меланхолијата на Ван де Ваарсенбург. Изборот на овој термин е делумно инспириран од поезијата која тој ја напишал порано во својата кариера. Борбеноста, милитантноста била позитивна карактеристика за оние луѓе во шеесеттите и седумдесеттите кои биле активни во политичките партии или во синдикатите. Ханс ван де Ваарсенбург ја објави својата прва збирка поезија во 1965. Неговите дела во тоа време беа политички ангажирани. Војната во Виетнам е присутна во неговите песни, уништувањето на човечките суштества од индустријата во дваесеттиот век, експлоатацијата, уништувањето на нашата околина. Нешто од ова сè уште може да се слушне во Јужен ѕид. Оваа збирка содржи два циклуса за компирот, „Божествен компир“. Првиот циклус со лирски термини го евоцира откритието на чипсот, на позадината на Големата војна, и во зрелите години на Римокатоличката црква. Вториот циклус се однесува на компирот како храна на сиромашните, евоцирајќи слики кои потсетуваат на „Јадачите на компири“ на Ван Гог. Оваа слика е во контраст со компирот на масите на богатите. Ван де Ваарсенбург ова парадоксално го нарекува „навреда полна со горчливо каење“.
Ханс ван де Ваарсенбург си останува доследен на себе си. Неговата меланхолија е слична на онаа на Ханс Тентје, чија прва збирка Alles is er (Сè е таму, 1975) содржи ангажирани песни поттикнати од шокантните политички настани и работните услови на рударите. И во неговите дела, навраќањата на општествени и социјални ситуации стануваат помалку видливи. Овој развој на делото кај двата поета може да се поврзе со нивната свест дека политичките алтернативи обоени со утописки очекувања веќе не се можни. Но, тие ги задржуваат своите утописки соништа во меланхолија.
Описот на поезијата на Ханс ван де Ваарсенбург како „борбена меланхолија“ не се однесува конкретно на политичка ангажираност. Тој повеќе се однесува на вкупната ангажираност во која политичката ангажираност е само една, историски дефинирана форма. Тоа ги покажува напорите на поетот да го зачува и најневажното и најранливото дури и против разумот, за да се препознае неговата вредност. Иако сè минува, тоа не треба да се изгуби: ова е можеби најдобриот опис на ангажираноста на Ханс ван де Ваарсенбург во пишувањето. Тоа произлегува од насловната песна на Јужен ѕид. Тука тој опишува како некој се враќа на „Јужниот ѕид“, местото кајшто живеел во младоста. Сеќавањата се толку силни, сликите се толку компактни, минатото и иднината се мешаат. Човекот не е само човек кој се присеќава, тој е повторно момче во рајот на својата младост. Момчето повторно оживува со враќањето на сцената на своите помлади години. Сликите не навестуваат идила. Приказните за рајот се измислени за да го искажат проблемот на Гревот. Немирот и желбата да се избега се опишани со овие слики. Ван де Ваарсенбург не го задржува само животот како што бил во овој циклус, туку на овој начин ги задржува и соништата, желбите и очекувањата. Факт е дека луѓето имаат залудни и минливи идеи за својата судбина. Поезијата на Ханс ван де Ваарсенбург е посветена на чување на овие идеи од заборав.
Оваа посветеност е јасно фундаментален квалитет на сета вистинска поезија.
Beschrijvingen van het meer (Описи на езерото, 2000) започнува со долг циклус. Писателот не пишува само за трошење на водата, туку и на изворите на поезијата и на тоа што таа го додава на животот. Уште еднаш се осврнува на она што Валтер Бенџамин го нарекол „слабата месијанска сила“, „скриен хелиотропизам“ во сето она што е поминато:
Дури го опишуваш езерото
Истрелот е сè уште срце
На песната, смртно-прецизна желба.
Дури го опишуваш езерото
Пајката-мамка грачи.

Крајот на овој циклус потсетува и на една од тезите на Бенџамин. Деветтата песна ја претставува историјата како лик на еден ангел на Пол Кли: „Очите му се широко отворени, устата му е отворена, а крилјата раширени. Сигурно така изгледа ангелот на историјата. Тој му го свртел лицето на минатото. Таму каде што гледаме последователни настани, гледаме една катастрофа која трупа руина над руина, а потоа му ги фрла на патот. Тој може да застане, да ги оживее мртвите и да го состави она што било уништено. Но, од рајот дува бура која се нафаќа на неговите крилја, а која е толку силна што ангелот не може да ги склопи (…) Оваа бура ја нарекуваме напредок.“ Ханс ван де Ваарсенбург ја изразува месијанската желба за исцелување во последната строфа. Не да се склопат очите пред смртта и осакатувањето да се покаже како состојба за тоа точно копнеење кое е силата на неговата поезија:
Дури го опишуваш езерото
Крвта е избришана, раните се
Исцелени и окната поправени.
Дури го опишуваш езерото
Тоа еднакво е на леш накажан.

Се чини дека песните на овој автор никогаш не се доволно гласни.

Превод од англиски: Елизабета Баковска

АвторХанс Груневеген
2018-08-21T17:21:22+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 50|