Реториката и перспективизмот

/, Блесок бр. 03, Литература/Реториката и перспективизмот

Реториката и перспективизмот

Но ако перспективизмот на овој начин го либерализира плуралитетот од значења кој тематизирањата на вистината, напротив, отсекогаш се обидувале да го ограничат и редуцираат на канонички форми, во идеален случај на еднозначни искази, тоа произлегува од фактот што неговиот искон може да се најде во концептот за јазикот кој Ниче го промовира во раните списи. Основите на перспективизмот – тоа е тезата која тука ја сугерираме – се реторички.
Воспоставувајќи го приматот на интерпретацијата во однос на фактот, всушност се тврди еден генерализиран примат кој го забранува вреднувањето на која и да било поединечна перспектива. Тој нема врска со предупредувањето дека ниеден друг свет независен од перспективите кои го обликуваат не постои, сè до поентата дека светот е секогаш, и во секој случај, резултат од комбинација на перспективите. Оттаму, перспективизмот, како свое прво барање го истакнува тоа да не биде исклучен од концептот кој го скицираше откривајќи дека „луѓето се заведени од граматиката на јазикот кој го зборуваат и имплицитно веруваат дека го опишуваат светот, додека всушност, светот каков што го сфаќаат е единствено одраз од структурата на нивниот јазик“. (Данто, 1980, п.84)
Тогаш, прашањето е каква е таа структура. Одговорот, или барем суштината на она што тука е важно да се нагласи, може да се најде во Ничеовите текстови за јазикот напишани околу 1872, каде што тој вели дека „не е тешко да се докаже дека она што се нарекува „реторичко“ како средство на свесна вештина, било навистина активно како средство на несвесна вештина во јазикот и во неговиот развој; всушност, дека реторичкото е само понатамошно развивање, водено од јасната светлина на разумот, на артистичките средства кои веќе се наоѓаат во јазикот. Очигледно, не постои нереторичка „природност“ на јазикот на која би можеле да се повикаме, бидејќи самиот јазик е резултат на чисто реторички средства“ (во Гилман, Блаир, Парент, едс., 1989, п.21)
Така, откако разликите меѓу вообичаениот и фигуративниот говор се замаглени, статусот на тропите во јазикот е изменет. Отстранувањето на овие разлики повлекува значајни консеквенци, факт на кој Ниче вехементно упатува кога во 1873 го изложува она што јас го нарекувам реторички основи на перспективизмот: „Тогаш, што е вистината? Мобилна армија од метафори, метонимии и антропоморфизми, накусо, сума на човечки релации, кои по долгата употреба, на луѓето им изгледаат цврсти, економични и задолжителни: вистини и илузии за кои луѓето одамна заборавиле дека се токму тоа; метафори лишени од сетилна моќ; парички кои ги загубиле ликовите и сега претставуваат само метал, наместо монети“ (во Кауфман, 1971, пп. 46-47). Токму во овој концепт за јазикот во кој предноста што ѝ се дава на неговата реторичност го субординира репрезентативниот регистар на референцијалноста, П. Де Ман го согледува главното средство на Ничеовата критика на метафизиката (сп. Ман 1979, гл. 3 и 4), сугерирајќи го разгледувањето на клучната апорија помеѓу, од една страна, убедувачката реторика, од перформативна природа, а од друга – реториката на тропите, со деконструктивни интенции.
2.2. Еден интересен приод кон оваа апорија претставува главниот аспект на теоријата на интерогативноста, развиена од страна на М. Мејер.
За една површна анализа, интерогацијата би можела да изгледа како феномен кој може совршено да се објасни со граматичка или лингвистичка анализа. Во секој случај, токму оваа идеја води кон нејзиното редуцирање на исказна форма и потчинување на алтернативата вистинито/лажно. Сепак, сè изгледа сосема поинаку доколку овие претпоставки ги замениме со една анализа на интерогативноста која се заснова врз критичка позиција во однос на пропозиционализмот.
Пропозиционализмот е воспоставен уште со аристотеловската теза дека единството на умот треба да се бара во судот. Тој постепено се етаблираше во онаа мерка во која интерогативната практика се интегрираше во логиката на одговорите: тоа е патот кој водеше од сократовската интерогативност кон платонизмот на идеите, и најпосле, кон аристотеловата теорија за исказот; на тој пат е воспоставен најзначајниот дел од философската, но и научната источна традиција. Оттаму, пресудниот чекор кон еден интерогативен приод лежи во повторното воспоставување на разликата помеѓу прашањата и одговорите, чекор кој го направи Мејер, и кој е заснован врз идејата дека употребата на јазикот е секогаш поврзана со решавањето на проблеми, на прашања. Но оваа употреба има два облика меѓу кои треба да се прави разлика, во зависност од тоа дали некој изразува проблем за кој има одговор, или поставува прашање кое, експлицитно или имплицитно реферира на некој проблем. Во едниот случај, изразен е проблем, на пример „Колку е часот?“, а во другиот на пример, „Денес е убав ден“ е изразено решение.
Она што се обидуваме да го покажеме е дека во јазикот постои централно двојство, дадено низ регистрите на прашањето и одговорот, кое ги засега и обележува сите негови употреби; оттаму, интерогативноста не е исклучена од декларативната форма на јазикот, исто како што не може да биде сведена на реченичната форма на прашањето. Далеку од тоа да се поставува себеси во која и да било граматичка или лингвистичка определена форма, таа сите нив ги испитува од аспект на разликата која ја поседуваат – разликата помеѓу прашањата и одговорите, која Мејер ја нарекува проблематолошка разлика. Сега можеме подобро да ја согледаме апоретичката динамика сугерирана од П. Де Ман. Таа се открива во тензијата помеѓу буквалниот и фигуративниот пол на оваа разлика, во која фигуративноста го зголемува, а буквалноста го намалува елементот во кој е вкоренета динамиката (и различието) на јазикот: неговиот проблемски карактер.

АвторМануел Марија Кариљо
2018-08-21T17:22:15+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 03, Литература|