Реконструирање на европезимот?

/, Литература, Блесок бр. 47/Реконструирање на европезимот?

Реконструирање на европезимот?

„Европеизмот“, така, едвај е „измислена традиција“ (како што би рекол Ерик Хобсбаун) којашто содржи кршлива верба дека нејзината далекусежна, вклучувачка агенда може да се однесува на мнозинството на европски граѓани и народи. Досега, сепак, ретки се скапоцените напори што се направени да се создаде заеднички главен наратив. Тоа е делумно така затоа што на Европа ѝ недостасува природен заеднички јазик. Покрај бројните национални, етнички и културни традиции на континентот, „европеизмот“ не се котира особено високо на чија било листа на идентитети. Дури, не би било претерано да се каже дека разликата помеѓу системската и институционалната интеграција на европскиот континент, од една, и културната интеграција, од друга страна, нараснува. Навистина, со разбирливо жалење морам да го кажам она што е очигледно: Европската Унија сè уште не успеала во градењето на задоволителна серија на слики, вредности, и идеали коишто би го надминале нашето моментно постоење со сите негови тешкотии и радости. „Европеизмот“ – како постара констелација на аспирации, вредности, слики, односи, убедувања и концепти коишто би можеле да послужат како извор на индивидуална инспирација и да му дадат значење на колективното однесување – таквиот „европеизам“ сè уште не се појавил на хоризонтот.
Сепак, убеден сум дека тоа треба да се замисли и обмисли заеднички. Во спротивно, сите – и богатите западни Европејци и сиромашните Европејци од Централна и Источна Европа – ќе се најдеме во една непожелна ситуација. Ќе ги споделуваме институциите и филијалите за надзор на слободниот тек на финансиските и трудовите трансакции, но нашите културни сфери ќе останат осудени на постоење во реципрочна толеранција, во најдобар случај, односно во взаемно поттикната пасивност и недостаток од активен интерес во смисла на моментното взаемно искуство, како што елаборира Вил Кимлицка во Мултикултурно жителство. Со широк општествен консензус на легитимното, и со тоа јавно признаеното присуство на главниот наратив во којшто Европејците можат да се препознаат себеси токму како Европејци – а не исклучиво како Полјаци, Германци, Литванци или Хрвати – секој обид да се создаде таков наратив мора да почива на апстрактни постулати. Затоа, воопшто не изненадува што развојот на „заедничкиот менталитет“, во којшто богатството на европската културна разноликост би можел симболично да се интегрира и преобликува, се соочува со тешкотии и во формата и во содржината поголеми отколку тешкотиите што ги има при развојот на „заедничкиот пазар“. Џон Стјуарт Мил во Размислувања за претставителната власт ја изрази оваа потреба во класична формулација: „Помеѓу луѓето без заеднички чувства, особено ако читаат и зборуваат на различни јазици, обединетото јавно мислење неопходно за работата на претставителната власт не може да постои“.
Наднационалните идентификации ја претпоставуваат потребата за признавање на повеќекратни лојалности. Богатството на култури по традиција е клучен елемент на великоста на Европа; ова богатство треба да се поттикнува и да се слави. Калењето на новиот европски идентитет како сложена, хибридно создадена традиција бара осознавање на неодминливите повеќекратни идентитети од коишто „европеизмот“ би можел да биде создаден. Овде е, секако, присутен елементот на фантазирање: повеќеслојните идентитети би требало да дозволат истовремена прослава на локалните, националните, и континенталните елементи. Не би требало да е невозможно во исто време да се биде Каталонец, Шпанец и Европеец. Основните припадности не би требало да бидат исклучиви припадности.
За жал, сегашните стратегии во тековните преговори за обликот и карактерот на „европеизмот“ во голем степен се водат со длабока недоверба во засебните и националните идентификации. Таквата недоверба може да е разбирлива, но е епистемолошки неприфатлива во глобализирачкиот свет во кој самиот „европеизам“ е засебен идентитет. Токму затоа е неможно да се создаде каква било заедничка почва за заедничкиот европски идентитет кога некој е принуден да ги одбегне богатите локални и засебни ознаки. Доколку некој бега од проблематичната дијалектика на засебното и општото, единствениот издржан одговор секако ќе остане апстрактен и, на крајот, затскриен. Доколку некој намерно ја одбегнува свесноста за значењето на културните навики и вредности на различните националности од Европа, неговиот „европеизам“ ќе биде празен, вештачки и несуштински. Ниту авторитетот на Европската комисија ниту во општествен и етнички поглед слепото однесување на европските наднационални тела е во можност да ги поттикне граѓаните; овие институции се премногу шупливи за каква било општествена иницијатива и премногу слаби за да ја спотнат спонтаната љубов, како што тоа Џон Кин убаво го кажа.
Додека се обидував да ги смирам моите возбудени деца на терасата на хотелот Сент Францис во Асиси, нејасно размислував на оваа тема, колку што некој воопшто може во едно августовско попладне. Иако моите размислувања беа неповрзани и расцепкани, моментот на вистината сеедно наближуваше. Кога надмениот и резервиран келнер ја донесе сметката, „европеизмот“ се покажа во целата своја клета и апстрактна природа. Кога се обидов да му платам со куп нови, едвај употребени евро банкноти, келнерот ги изброја љубезно но строго, исто онака како што несомнено научил да ги проверува чековите со сомнителен изглед и несигурните кредитни картички. Поважно од мојата навреденост во оваа ситуација беше сфаќањето дека навистина има нешто вештачко во евро банкнотите. Тие се – ако одблизу ги погледнете – потполно безлични. Едноставно, тие го одразуваат „европеизмот“ наложен одозгора.
Она што визуелно ја одделува бакнотата од пет евра е сликата на замаглениот антички вијадукт којшто можел да биде подигнат каде било во Римската империја. Банкнотите од десет евра прикажуваат романички портал и мост, додека оние од двесте евра, коишто не му ги понудив на келнерот, содржат едвај видлива слика на стаклена врата и некој вид на челичен мост. За разлика од националните валути, еврото е премногу срамежливо да си го покаже ликот и премногу повлечено за да сугерира некаква биографија, за да возгордее која било приказна. Ниту еден човечки лик не се појавува на овие шушкави банкноти. Во неможност да поттикнат какво било чувство на распознавање, на de te fabula narratur, овие банкноти се апстракции, идеи коишто сугерираат малку, ако и воопшто, допирен или познат сензуален квалитет. Попусто ќе трагате по портрети на ликови какви што се Еразмо Ротердамски, Шекспир, Микеланѓело, Мицкиевич, Веласкез, Њутн, Гете, Андриќ. Ходниците и сводовите на овие банкноти сугерираат уништени империи претворени во носталгија за поврзување и заедништво, нешто што е загубено во песоците на неповратното минато. Минатото е неповратно бидејќи нема темели, нема препознатлив пејзаж. Сликовноста на евро-банкнотите визуелно претставува ничија земја без историско паметење. Валутата може да служи како некоја колективна лична карта којашто на луѓето им кажува дека ѝ припаѓаат на замислената заедница. Она што со тага можеме да го заклучиме од евро-банкнотите е дека пост-Мастрихтска Европа е земја без основачки момент, судбина или битка за независнот – всушност, без вистинска независност, доколку помислиме на американските растечки непосакувани сигурносни гаранции за големиот европски експеримент.
Во оваа смисла, најслабата точка на Европа, според мое мислење, е дека таа не може да понуди доволно наднационални идеи коишто би функционирале интегративно, а во исто време не би се потпирале само врз законите на слободниот пазар. Оваа неможност ме загрижува не само во однос на фрагментираните состојби во културата на „европеизмот“; оваа неможност има уште полоши ефекти. Во вакуумот создаден од недостатокот на интегративни дела создадени од заедничката имагинација можат да процутат многу гранки на политичкиот популизам, бидејќи тој е навикнат да користи такви поедноставени и лесно разбирливи метафори какви што се „преполн брод“ и „Тврдината Европа“, онака како што тоа го направија Жан-Мари Ле Пен во Франција и Јорг Хајдер во Австрија (да ги споменам двата најилустративни примери). Овие десничарски политички метафори имаа една единствена цел: да ги замаскираат економските интереси со етнички слогани. Овие реторички поттикнувања на исклучивата загриженост за сопствената етничка заедница сакаат да ги прикријат ефектите на глобализациската распределба на богатството и ерозијата на важната европска традиција – социјалната држава. Бидејќи политичката елита не може критички да се справи со транснационалните корпорации, а од коишто сè повеќе ѝ зависи опстанокот, наједноставниот начин да се реши проблемот е да се оцрнат странците, имигрантите, источните маси (да не го споменуваме Третиот свет). Просветениот дел од јавноста сè уште ги смета овие изблици на „фашизам со насмевка“ за несоодветно и неприфатливо политичко однесување. Главната работа, сепак, се крие другаде. Изразите на шовинистички популизам, навистина, не можат едноставно да се сметаат за отстапување од нормата туку, попрво, за составен дел на процесот на интеграција којшто е заинтересиран единствено за слободата на пазарот, кој пак, од друга страна, ѝ претходи на заедничката хомогенизација на секојдневниот живот. Скриеното ракување на солидарноста коешто порано беше гарантирано од социјалната држава и нејзините сигурносни мрежи, сега е оттурнато на страна.
Во овој контекст, човек уште поболно забележува дека свеста за неопходноста од сеопфатен, вклучителен и плуралистички главен наратив е изразена со премногу нејасни термини. Оваа нејаснотија, секако, е нераскинливо поврзана со рационалната и намерна конструкција на таквиот главен европски наратив. Немам илузии во однос на „природната“, „вечната“ или „стабилната“ природа на основачките наративи, коишто секогаш се произволен производ на тековните преговори околу изборот на конститутивните елементи и нивната констелација. Од суштинско значење е, сепак, да се согласиме околу ова: конструирањето на европеизмот мора да биде втемелено врз широкото поле на културни и етнички традиции. Тешкотиите при остварувањето на овој консензус го претставуваат мноштвото пречки при реализирањето на проектот. Уште поважно од несомнено големите пречки е слабо одразената основна претпоставка, којашто ја опишав како „метафизичка“. Таа произлегува од нејасната употреба на терминот „Европа“ – и неговото соодветно јавно восприемање – којшто го резервира терминот на Западна Европа или на самата Европска Унија. Опасноста од таквата ограничена употреба во политичкиот идиом беше страотно разоткриена во војните во поранешна Југославија. Срамната улога и пресметаната неактивност на ЕУ во балканскиот конфликт на многу горчлив начин ја разоткри кршливата природа на постоечкиот „европски“ главен наратив. Во најголемиот дел од времето, конфликтот беше или отрфлен како „племенски“, „етнички“ и „примитивен“, или за него се дискутираше само во рамките на потребната хуманитарна помош. Овој конфликт не беше сметан за „европски“.

Превод од англиски: Игор Исаковски

Купете ја книгата Избрани есеи од Алеш Дебељак, издание на Блесок.

2018-08-21T17:21:27+00:00 април 16th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 47|