Распеани градови: Сликите на градот во популарната музика на екс-Ју

/, Литература, Блесок бр. 45/Распеани градови: Сликите на градот во популарната музика на екс-Ју

Распеани градови: Сликите на градот во популарната музика на екс-Ју

Gradovi daleki
Koje želimo znati
Gradovi od pjesme
Gradovi daleki 1F

Музиката и градот претставуваат интересна тема за анализа. Во однос на поранешна Југославија, популарната музика во суштина нуди многу забавен извор за разбирање на секојдневниот живот во однос на политичката митологија. Песните за градот, особено, се чини дека го одразуваат обидот на режимот да ја модернизира и урбанизира земјата. Во овој есеј, ќе је истражам морфологијата на градот кој може да биде (ре)конструиран од текстуалната анализа на избрани песни, а кои сопоставени на историскиот контекст можат да пружат увид во мито-пејзажите на поранешна Југославија. Изборот на песните го опфаќа периодот помеѓу крајот на 1950-ите и доцните 1980-и. Овој период сведочи за подемот на градот во светлината на повоената ентузијастичка обнова и следствената проблематизација на градот истовремено со колапсот на режимот. Пресвртна точка се чини дека е Титовата смрт, по која пукнатините во државната градба станаа вџашувачки видливи. Во обид да го скицирам градот онака како што е претставен во стиховите, особено ќе се сосредоточам на звучните слики за Љубљана, но ќе се обидам сликите да ги поврзам и со Белград и со Загреб.
Областа на музиката во поранешна Југославија, тврди Мирјана Лаушевиќ, дозволува распознавање на три експресивни модови: револуционерни песни, дела на културни и уметнички ансамбли, и популарна музика. Што се однесува до популарната музика, нејзините „мноштво жанрови […] можат да се набљудуваат како субкултурни звуци и да се разгледуваат одделно“. Но, она што е важно во овој контекст е „нивната заедничка карактеристика: способноста да групираат луѓе во категории кои не се национални“2F. Два жанра, значително оформени низ често позајмување од странски, предоминантно западни форми на музички израз и суштински поврзани со градот, нудат интересни читања. Еден е жанрот на популарната песна, која својот процут го имаше во текот на 1950-ите па сè до раните 1970-и. Во него спаѓаат лесните ноти кои влегуваат во категоријата канцона, шлагер, попевка, џез и мјузикл.3F Оваа музика главно беше популаризирана преку радиото и фестивалите, а подоцна и преку ТВ, па така беше присутна и позната низ целата земја. Другиот жанр е наречен југо рок, музика која од 1970-ите па натаму играше улога на една од најпознатите рамки на популарната култура. Петер Станкович забележува дека „разликите кои постоеја на ниво на естетика, не попречија во чувството на припадност на заедничката ју-рок култура […] [дури,] ју-рокот, поделен во различни жанровски изрази, остана еден од неколкуте погледи на свет кој во втората половина на 1980-ите функционираше интегрално“.4F Без оглед на тоа што двата жанра се квалитативно различни и што не значи дека се најпопуларни во смисла на бројки, нивните транс-етнички карактеристики ги прават „југословенски“ и со тоа соодветни за анализа на сликата на градовите. Ретроспективниот поглед низ формите на популарната култура некои нешта открива, а други замаглува. Во предвид треба да се земат следниве нешта: прво, иако во минатото постоела поголема разновидност на изразите на популарната култура, уметност, итн., ограничувањата на технологијата не дозволиле да се сочува онолку колку што тоа би било можно денес – технички аспект. Второ, идеолошкиот апарат така бил многу поефикасен во изборот на содржините кои ќе се сочуваат, бидејќи контролата врз студијата, камерите, уредите за снимање бил поцентрализиран – идеолошки аспект. И трето, во самата ретроспектива, подалечното минато може да се чини похомогено и унифицирано од она што навистина било, споредено со поблиското минато, кое поради блискоста и тековната историја може да се чини пофрагментирано и шаренолико. Неизбежно, поради технолошкиот развој и следтсвената достапност на неопходна опрема, се појавија мноштво различни жанрови и дисперзија на содржината.
Најважната и најсилната врска меѓу двата жанра е нивното несомнено градско потекло. Градовите во југословенското уредување играа важна улога. Републичките главни градови и другите урбани центри беа врзивни точки во националната мрежа на градови. Исто така, градовите се јавуваа како референтни точки во однос на градската околина. Гледани како центар на бирократската машинерија, индустрискиот развој, места за средби и трговија и стопанисување, понекогаш места за раскалашаност, бесрамност, градовите „ветуваат поголема економска можност, пристап до образование, подобри услови, [и] големо шаренило и слобода од традиционалните стеги на селскиот живот“.5F Понатаму, како јазол во преку-граничната мрежа на градови, градот е „најпроточен канал за странска роба, идеи и влијанија, и е фокусиран врз оние линии на комуникација кои му се овозможени од надвор.“6F Интеракцијата и размената помеѓу граѓаните, посетителите, патниците, кои всушност го прават градот жив, го олеснува создавањето на симболичкото ткиво кое е во голема мера дефинирано низ внатре-градскиот и полилогот град-околина. И, како што вели Анри Лефевр, „ако постои создавање во градот, и општествени односи во него, тоа е создавањето и пресоздавањето на човечките битија од човечки битија, а не создавање на предмети“.7F Сепак, луѓето треба да ја стабилизираат менливоста и несигурноста на постоењето преку создавање материјални одредници кои овозможуваат колективно учество. Во градот, товарот на материјализираното минато постојано ја менува сегашноста во потрага по иднината, и така создава и пренесува многу симболична слика. Пред ширењето на масовните медиуми, сликата на градот го имаше своето место најмногу во личните средби, разгледниците и фотографиите. Во втората половина на XX век, филмовите, ТВ вестите, репортажите, документарците, туризмот, итн., станаа главни преносници на градските слики. (Популарната) музика, сепак, постоејќи во токот помеѓу материјалното и симболичното, е моќна алатка за снимање на сликите и нивно спојување со крајно индивидуализираните перцепции на надворешниот свет. Така, таа гради звучни слики кои се суштински дефинирани од присуството на фотографските и подвижните слики низ кои се проследува реалноста. Поради својата крајна флуидност и флексибилност во освојувањето на свеста на слушателот, популарната музика го наведува слушателот во универзалност која гарантира искуство на колективност.
Во повоениот период, Југославија минуваше низ процес на обнова на земјата и изградба на ново симболичко ткиво. Ентузијазмот на обновата, барем во областа на официјалната политика, беше поткрепен со меѓународната положба на државата и внатрешната несигурност на режимот кој обезбеди сиров материјал за поттикнување на митологијата на транзицијата. Според стиховите од Интернационалата: “Sav svjet iz temelja se mjenja/Mi nismo ništa, bićemo sve”,8F државата примени политика на брза индустријализација и модернизација, двете нешта во кои заостануваше зад остатокот на Европа. Ова значеше развој на тешка индустрија и раст на бирократскиот апарат, кој неизбежно го олесни растот на градовите. Понатаму, поголем број градови беа создадени ex nihilo, како на пр. Нова Горица во Словенија, град кој беше создаден да биде излог на социјализмот. Процесот на модернизација и урбанизација резултираше со големи преселби кон урбани(зирани)те области. Во духот на економскиот раст и наводниот напредок, градовите, како спротивни на околните рурални области, фигурираа како важни центри околу кои се фабрикуваше симболичната географија на земјата. Сепак, градот имаше и темна страна.

#b
1. Grupa 220, “Kule od riječi/Кули од зборови”; [Далечни градови /Сакаме да видиме/Градови од песна/ Далечни градови].
2. Mirjana Laušević, “The Ilahiya and Bosnian Muslim Identity” во Mark Slobin (ed.), Retuning Culture, Musical Changes in Cental and Eastern Europe, (Duke University Press, Durham and London, 1996), стр. 117-135, стр. 118-20.
3. Alenka Barber-Kersovan, “Tradition and Acculturation as Polarities of Slovenian Popular Music” во Simon Firth (ed.), World Music, Politics and Social Change: Papers from the International Association for the Study of Popular Music, (Manchester University Press, Manchester, 1989), стр. 73– 89. стр. 75.
4. Peter Stankovič, “Uporabe ‘Balkana’: Rock in nacionalizem v Sloveniji v devetdesetih letih”, Teorija in praksa, let. 39, 2/2002, стр. 220-238, стр. 226-228. Види и кај Sabrina P. Ramet, Balkan Babel, (Westview Press, Boulder, CO and Oxford, 2002), “Rock Mucic”, стр. 127-150; “Shake, Rattle and Self-Management: Making the Scene in Yugoslavia” во S. P. Ramet, Rocking the State: Rock Music and Politics in Eastern Europe and Russia, (Westview Press, Boulder, CO and Oxford, 1994), стр. 103-132.
5. Andrei Simić, The Peasant Urbanites. A Study of Rural-Urban Mobility in Serbia, (Seminar Press, London and New York, 1973), стр. 17.
6. Ibid, стр. 11.
7. Henri Lefebvre, Writings on Cities, (Blackwell, Oxford, 1996), стр. 101.
8. “Internacionala”; [Светот во темел се менува / Ние сме ништо, ќе бидеме сè].

АвторМартин Погачар
2018-08-21T17:21:29+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 45|