Пушачи

Собата е полна луѓе, но никој не зборува. Тоа не е место за собир, туку повеќе е јавен тоалет. Завршуваш работа и си одиш. Сите тие пушат, во тишина. Вентилацијата е прилично лоша, воздухот е замаглен и смрдлив. Аеродром Бен Гурион, Хитроу, Франкфурт: мала колонија лепрозни во аголот, ќош за џанкерите, за грешниците.
Во 1993 година ми беше доделена Фулбрајтова награда, престој во Меѓународната програма за пишување во Ајова Сити, САД. Тогаш првпат сфатив, како пушач, кој навистина сум јас во очите на Бога. Америка, богобојазлива земја, беше првата која ја усвои новата заповед, и уште од почетокот на деведесеттите на активните пушачи таму беа протерани речиси од секаде: универзитетските кампуси, кафеата, рестораните и журките.
Бидејќи нема планини кои би им го попречиле патот, арктичките ветрови победнички дуваат низ градските улици без пешаци. Па сепак, на температури соодветни за пингвини, тук-таму можеш да забележиш дека одредени индивидуи стојат надвор, пушат и се тресат, полека претворајќи се во бел прав. Но, се разбира, така им треба, да се надвор на улица заедно со бездомниците и уличните мачки, казнети, на лице место, за нивниот порок.
Меѓуградските летови во Америка ги ставаат пушачите на уште потежок испит. По неколку часа во запечатената железна летачка кутија, додека чекав на следниот лет, попусто го барав ќошот на лепрозните; открив само дека аеродромот е ослободен од никотин. Секако, имаше многу барови за алкохоличарите, простории за лица со посебни потреби, излудувачки екрани за ТВ џанкерите, Мекдоналдс за предебелите и булимичните, и бескрајни продавници за добрите американски потрошувачи. Па зошто, се прашав, пушачите се единствените жртвени јарци кои треба да ги понесат гревовите на американскиот свет? Можниот одговор почна да ми се открива дури откако ја научив дванаесеттата заповед која им беше дадена на верниците во отприлика истите години, односно „Биди ПК (PC, политички коректен) со својата душа и јазик“.
Немаше ниски или дебели луѓе. Исчезнаа. Немаше повеќе глупаци или криминалци. Некои беа ставени на хоризонтален, вертикален или етички испит, но со тоа може да се живее, нели? Сепак, ПК беше повеќе од обично лицемерство. Не беше само Политичка. Тоа беше и „Коректност“: посебна единица на моралната полиција, чии агенти се одамна присутни кај секоја индивидуа, надгледувајќи и управувајќи ја кон добриот живот исполнет со протестантски обврски, создавајќи допирливи материјални докази дека е благословена со божествена милост. „Мрзеливоста е работилницата на ѓаволот“, затоа стани, напорно работи, земи и прекувремени саати, јади ја вечерата соочен со телевизорот, и легни да спиеш. „Во здраво тело, здрав дух“, затоа џогирај, јади органска храна, оди во вежбалници или во салони за убавина, засекогаш биди млад и убав. И, жити Бога, не пуши. Навистина, спортовите и вежбањето, стриктните диети, козметичките операции… сето тоа може да биде исто толку опасно за твоето здравје и да предизвика исто толкава зависност, но тоа, секако, е со добра цел.
Американскиот сон се чини дека се состои од напорна работа и консумирање на што е можно повеќе докази за сопствениот успех, афирмативен дипломатски и често само-рекламирачки говор, и кастрење на сопствената најзелена трева во викендите. Америка имаше завидливо добар устав, големи пространства и природни богатства, како и доволно амбициозни и талентирани луѓе за да го изгради најдоброто можно општество; но, истовремено, во моите очи на туѓинец, Америка личеше на голем експрес лонец кој повремено испушта млаз пареа од рабовите под капакот. Прошетката низ неколку маала во Њујорк или Чикаго се чинеше дека е доволен доказ: бев дојден од земја во која луѓето слободно пушат, па сепак тоа не предизвика никаков морален пад: улиците беа безбедни и дење и ноќе, а не се соочувавме со толку криминал и насилен перверзии како што тоа е случај во Америка. Од каде доаѓаше сиот тој еруптивен насилен притисок?
Би можеле да посочиме на сиромаштијата, недостатокот од добро образование, угнетувањето на малцинствата итн. Но секогаш се потребни двајца за танго на тој подиум; кој ги направил тие луѓе сиромашни, очајни, насилни и подложни на самоунижување? А од психолошка гледна точка, дали на белите, богати и примерни граѓани навистина им беше подобро? Америка беше очигледно полна енергија и стремеж за достигнувања и надминувања, но луѓето делуваа угнетени, осамени, опседнати од диви пориви и копнежи, без речиси никаков излез и често натоварени со потиснато насилство. Се чинеше дека американскиот сон го разменува задоволството за удобност, и дека е нетолерантно конформистички. Кога сите се осудени да го живеат животот зад оваа фасада, човек не може да претпостави кога експрес лонецот ќе испушти малку пареа: ништо не е премногу за гладната душа. На крајот, ПК означува Контрола на задоволството (КЗ, Pleasure Control).
Хипи побуната, која всушност беше востание против постариот ПК режим, во оваа богобојазлива земја беше задушена со црн публицитет, тешки дроги и брутална сила. Отидов да ја гледам Коса во еден локален театар, но видов само како актерите од Генерацијата Икс ги искажуваат идеите без воопшто да им е јасно за што се работи. „Мир и Слобода“ сега звучи како евтин изборен слоган; а „Водете љубов а не војна“ повеќе воопшто не се однесува на љубовта и војната, туку на едноставно ебење. Хипи културата навистина беше култура на љубовта, но вистина е дека во шеесеттите дури и ебењето беше загрозено човеково право. Дали е само коинциденција што таканаречената „сексуална револуција“ од таа ера се одвиваше во главно протестантски земји? Зарем не можеме да речеме дека мерката на реакција во тие општества истовремено била и показател за угнетувањето кое го наметнувале? Ништо не е подобар доказ за тоа од неуспехот за вистинска преобразба на сексуалната револуција. Всушност, таа само започна. Сексуалното однесување во овие земји се чини доволно неограничено, но некако реактивно, изместено, со недостаток од општествени и психолошки рамки и вредности, и често прилично тажно. Сексуална слобода наместо опсесија: тоа е вештина која допрва треба да се совлада во многуте идни децении или векови.
Во програмата за пишување имаше писатели од целиот свет: од Африка, Западна и Источна Европа, од Блискиот и Далечниот исток, Австралија и Јужна Америка. Организаторите нè носеа на приеми и забави кај спонзорите. Имаше изобилство храна и пијачка и говори, но како правило, по некои десетина минути, повеќето од писателите создаваа алтернативна група надвор, потпивнувајќи од пијалаците, пушејќи и разговарајќи. Поминуваа уште десетина минути пред некој да дојде и да рече „океј, океј, можете да пушите внатре, нема проблем“. Им попуштија на „тоа уметниците“ и во студентскиот кампус Мејфлауер, каде студентите скришно пушеа цигари а катот на писателите беше единствениот на кој пушењето не беше официјално забрането. Се покажа дека тие се исто така единствените кои отворено се исклучени од другите закони за Контрола на задоволството во кампусот, каде подолготрајното гледање во жена беше доволен повод за обвинение за сексуално малтретирање.
Но, што да се очекува од уметниците? Примерните заедници на верниците нив ги гледаа како морално сомнителни индивидуи, безбожни и склони кон секакви пороци и разузданост. Се чинеше дека не работат ништо полезно; не го обожуваа богот на удопството, ниту во своите дела се залагаа за морални вредности. Овие писатели повремено си поигруваа со својата ПК, но сигурно е дека воопшто не беа ПК.
Помеѓу уметниците, па дури и помеѓу писателите, поетите се сепак привилегирани. Ролјите кои ни се припишуваат – критичен општествен пророк, маченик како „проколнат поет“, па дури и забавен шут или трубадур – сето тоа се нездрави модели, но само последниот е експлицитно грешен во протестантска смисла, а во текот на вековите од тие три ролји се создадени многу комбинации кои се применуваат врз поетите. Тоа не го кажуваме на глас, но често се чини дека поетот е единствениот кој во современиот свет може да биде некаков метафизички гласник, претставник на потсвесното (уште една хипостаза на злото) или на божественото, оној кој гледа, света луда, или маченик. Ако ги запрашате луѓето во нашата глобализирана култура, тешко дека некој изречно ќе признае дека мисли дека поетите заземаат некоја од овие ролји во традиционална смисла на зборот, а ако ги прашате поетите тие веројатно ќе ви објаснат дека во стварноста поетот има и други задачи, како на пример пишувањето на своите дела, и заработување за живот. Но можеби сè уште можеме да признаеме дека во овие чувства има малку вистина: дури и најскромниот поет е бунтовник и револуционер кој со самата своја креативност му се заканува на постојниот поредок на стварноста која ја знаеме.
Обично можете да ги сретнете повеќето писатели како се збираат во баровите во кои пушењето сè уште не е забрането или во The Coffee Bowl, единственото кафé во градот во кое смее да се пуши, онаму каде што нема да морате да се соочите со сеприсутната пушачка полиција. The Coffee Bowl изгледаше како збиралиште на некое тајно друштво, ќелија на отпорот, здружение на уметници и повремена толпа маргиналци собрани заедно. Сите видови бунтовен дух се слеваа таму а, како што можеби знаете, пушењето е многу друштвена активност; „Имаш запалка?“, „Пробај една од овие“, „А од каде си ти?“ беа вообичаените фрази во тоа место. Таму, со кафе и цигара, ја запознав и жената со која подоцна се оженив (и се разведов), во тоа време студентка на шпански и фотографија, која влезе внатре за да испуши една цигара на пат кон дома. Откако ќе влезевте во The Coffee Bowl, понудата беше јасна: озборувањето и филозофијата, начуените разговори и книжевните расправии гореа обвиени во чад, како заедничко облаче од мисла споделена помеѓу сите во една тајна иницијација.
Од друга страна, поетите и уметниците отсекогаш биле вистинска закана. Филозофијата, фамозната и авторизирана професионалка во нашата култура на мудроста, станува помалку убедлива кога човек ќе помисли што всушност се подразбира под „мудрост“. Филозофијата говори за мудрост и спознавање, но ја држи мислата со дебели клешти. Мноштво тешки бавни зборови несмасно се фаќаат за идеи кои мудроста ги осознава во едно трепнување со окото. Само ретките филозофи како Хераклит, Платон или Ниче, кои имале поетски талент, можеле да се справат со електричната силина на мислата. Се чини дека само поезијата на зборовите им го прави она што мислата им го прави на поетите, во нивната полна моќ и опсег: ги слуша, ги вкусува, ги разбира точно и погрешно, ги комбинира на чудни начини, оставаат да ги понесат, ги судираат едни со други, кажуваат. Поезијата навистина низ зборовите го кажува она што зборовите можат да го доловат, и повеќе. Поезијата ги одржува зборовите во живот во моментот кога ќе настанат.
Исто е и со другите уметности. Сликарите, музичарите или архитектите работат со слични слободи. Звукот и формата можат да бидат помалку експлицитни од гледна точка на концептуалното изразување, но спознавањето и визијата на тие уметности секако немаат помал ефект при формирањето и изразувањето на умствените слики. За споредба, самиот факт што нивните идеи се изразени на невербален начин им овозможува малку повеќе да уживаат во просторот и да избегаат од поострата цензура која се спроведува над писателите. Па сепак, од истата причина се чини дека визуелните уметници, музичарите и изведувачите станале дури и посомнителни во очите на посветените. Со право, уметниците секогаш биле сметани за непријатели на моралистите, проповедниците кои го негираат животот и ПК пророци. Наскоро ќе бидат вклучени на списокот на Луциферовите поклоници, повремено блеснувајќи под неговата лажна убавина и естетика, но лишени од Божјата милост. Уметниците ги сметаат за развратни, нестабилни, омаени, луди, втонати во пиење, страсни пушачи, мрзливци, сексуално разуздани и двосмислени. За да биде списокот на пороци поточен, би требало да се додадат и екстравагантност, ненаситност и контење, зашто во постариот ПК режим дури и задоволствата на облекувањето и вкусувањето се сметаа за смртни гревови а строгата економија беше правична мерка дури и за имашливите.
Веројатно е дека во текот на вековите поетите и уметниците на крајот морале да се вклопат во овој боемски модел, само за да ѝ припаѓаат на својата сорта и за да го имаат својот идентитет. И навистина, под притисокот кој врз нив се врши, тие често се така класифицирани и живеат во прилично нездрави ментални и телесни услови. Со генерации ги носат гротескните старогрчки маски кои општеството им ги наметнало, а нивните лица им се приспособиле.
Но тоа не значи дека сите уметници и индивидуалистички мислители се родени пушачи, иако нивните поголеми апетити за смисла и искуство ги прават посклони кон пушење, сеедно дали е тоа замена за или надградување на нивната егзистенцијална глад. Исто така, не значи дека сите пушачки потреби ги имаат овие особини. Пушењето е задоволство. Орално е како и јадењето, џвакањето и пиењето, и можеби уште повеќе. Цигарите и пурите, лулињата и наргилињата – сето тоа се предмети создадени за шмукање. Толку за оралните задоволства, но она што човек го вшмукува со пушењето не е млеко ниту некоја друга хранлива материја, туку само чад, жежок воздух, прочистена материја. Вдишувањето други материи секогаш вклучувало оган, како на пример при горењето миризливи масла, сандаловина и други зачини. Елементите кои се вдишуваат не се Водата и Земјата на вообичаените жртвени материјали, туку Воздух и Оган. А играњето со оган, како што знае секое дете, не е шега. Пушењето е форма на телесно умртвување: спаѓа со бичување, тркалање во снег, постење, при што елементот на уживање е присутен како страдање. Огнот на крајот од цигарата те консумира тебе, како жртвена жртва понудена на боговите; очигледно прилично вознемирувачка и навредлива активност во очите на обожавателите на телото и претставниците на Бога.
Сепак, единствената причина што немој да пушиш во Библијата е испуштено е што долго време тоа на Западот било непознато. Јадењето и пиењето, погрубите форми на внесување живот, биле и посовремени религиски симболи. Вистина е дека Бог во носниците на Адам го издишал здивот на животот, но не можеш секој да издишуваш во Бога. Всушност, како правило, тоа е исклучок во Библијата: на Адам му е наредено да не јаде од дрвото на спознанието; на Езекиел, пак, му е наредено да го изеде свитокот кој му е даден; а Исус на своите ученици им наредува симболично да го јадат и пијат. Треба да имаме на ум и дека дишењето е постојано, па со тоа и воздухот е достапен и се зема здраво за готово. Не ловиш воздух, не го бараш, не го готвиш и не им го служиш на гостите. Воздухот не е поврзан со телесните страсти.
Делфичката пророчица Питија, која ги вдишувала светите испарувања кои ја поттикнувале на пророштва е во голема мерка исклучок како метод на прорекување, и дотолку повеќе мистериозна техника. Како при евхаристија, верниците од многу пагански религии внесувале разни храни и пијалаци како да се телото на божественото битие, но само Американските Индијанци пушеле. Американските Индијанци пушеле од прастари времиња, во религиозен и општествен ритуал во кој лулињата се подавале низ групата во шаторот. Сè до денес, бројот на пушачи помеѓу Индијанците е повисок отколку во која било друга етничка група во Америка, но се чини и дека традицијата ги одвраќа па повеќето се умерени пушачи. Америка е татковината на билката, но дури и при анти-пушачките кампањи луѓето се повеќе опседнати со тоа отколку на кое било друго место.
Пушењето беше забрането во Америка, а тутунските компании од Вирџинија продолжија да ги преплавуваат пазарите на првиот и третиот свет со своите производи. Сепак, деновите кога Черчил и Че би биле тешко препознатливи без својата пура, а холивудските ѕвезди пушеа цигари гордо како каубојот од пакетчето Марлборо, се дамнешно минато. Како и другите американски вредности, анти-пушачките проповеди наскоро се раширија преку целата планета.
Во 1995 година, со Ер Франс летав кон Јапонија. Еден налутен Американец му се пожали на главниот стјуард што половина од патниците во авионот пушат без сопирање. „Ах, Јапонци!“ одговори стјуардот разочарано ширејќи ги рацете. И навистина, во Токио имаше челични пепелници на улиците, во конаците на будистичките храмови и на секое јавно место. Но, и ова набргу се смени.
Кога бев дете, задниот дел од автобусите беше простор за пушење. Луѓето се нудеа со цигари, мажите им запалуваа на жените, проследено со жив разговор. Подоцна, кога тоа беше забрането, човек можеше да пуши само во такси, а потоа ни таму. Следната забрана ги опфати авионите, штедејќи гориво за вентилација и овозможувајќи сите да го вдишуваат рециклираниот воздух полн бактерии. Очекувано, протестантските скандинавски земји беа првите кои ја прифатија американската анти-пушачка проповед, додека последни беа медитеранските земји. Шпанската Иберија Ер беше последното европско пушачко упориште кое падна, а набргу и остатокот од светот. Земјите од ЕУ прифатија постепено, чудовишно кревајќи ги даноците на тутун, и отидоа во крајности забранувајќи го пушењето во секое кафé и бар, не дозволувајќи ни исклучоци како The Coffee Bowl за оние кои сакаат да пушат. Европските медиуми ја следеа модата, сега проповедајќи им на грешниците во од свети посвети тонови и насочувајќи го јавното мислење против нив, небаре прогонот е нивна оригинална идеја.
Прилично чудно, но се чини дека Германците се единствените кои сè уште ги почитуваат правата на Американците за ваквиот став. Гневен новинар на Хералд Трибјун минатиот јуни го опиша своето искуство во некој ресторан на отворено во Берлин: откако ги замолил луѓето на соседната маса да се воздржат од пушење, добил одговор: „Господине, овде не е Америка“. Додека поголемиот дел од ЕУ ја прифати анти-пушачката легислатива, Германија досега тоа сè уште не го сторила. Но, дали е тоа навистина чудно? Германците сигурно сè уште имаат свежи сеќавања на последиците од едно угнетувачко општество кое го оневозможувало слободниот избор.
Добро, што се однесува до културниот империјализам, забраната за пушење е исто онолку американска колку што е и Мекдоналдс, а поттикнва слични заменски вредности. Можете да замените храна со култура на јадење исто онолку лесно како што можете да замените слободен избор со одговорност. Терајќи ги луѓето во позасилена контрола врз уживањата, или дури и водејќи сметка за нивното здравје преку моќта на еден легислативен систем и полиција едноставно се чини како спротивност на сржта на Просветителството и неговите вредности: индивидуализам, немешање и одговорност за сопствените постапки. Иронично, демократските влади често избираат да бидат прилично тоталитарни, а ако при тоа делуваат божем се доблесни, тешко можат да му одолеат на предизвикот. Можете да ги убедите луѓето да им ја ограничат личната слобода на пушачите, имигрантите, малите претпријатија, на Евреите и Циганите, на жените, па дури и својата сопствена слобода. Како што може да посведочи историјата, потребно е само малку перење мозок. Некој може да спори дека за разлика од Америка, владините трошоци во Европа во јавното здравство, поради пушењето, пиењето и слободниот секс се премногу големи, но се подразбира дека доколку би имале избор, кога се работи за нивниот живот, многумина попрво би избрале индивидуална одговорност за здравственото осигурување отколку да се откажат од личната слобода. Тутунот и алкохолот се и онака безобразно оданочени; но очигледно овде не станува збор за пушењето, здравјето па дури ни за реална политика, буџети или културна промена, туку за контрола, моќ и психолошка политика.
Американските претседатели можат да ги преплават индијанските резервати со алкохол и дроги, но такво нешто не им се прави на своите послушни поданици ако сакаш од нив воопшто нешто да добиеш. Не, ти требаат функционални и без многу да го преиспитуваат системот. Треба да им дозволиш доволно комфор за да гласаат за тебе, а во меѓувреме пери им го мозокот со ТВ забава, вести и реклами, лиши ги од уметничко, книжевно и филозофско образование и потисни ги изразите на тие по слобода полудени уметности. Тогаш ќе имаш корисна заедница на работници, техничари и трговци, но дури и сето тоа можеби нема да биде доволно за да ја контролираш неблагодарната човечка природа. Можеби сè уште ќе сакаат да остварат некој друг непродуктивен потенцијал, да мислат со своја глава, да имаат лажни визии за лична слобода и револт кон својата одредена ролја на овој свет. Ако и тоа не е доволно, луѓето некако се чини дека се во суштина етички битија, и имаат потреба да го прават исправното. Навистина е многу тешко да ги поробиш и да ги поапсиш освен ако не ги натераш тоа самите да го сторат. Е, тука настапува генијалноста на изумот КЗ: Контролата на задоволството значи психолошка поделба и владеење. Сега, не само што направи да се чувствуваат виновни што се луѓе, туку таа вина можеш и да ја употребиш, да им понудиш божемни спасувања, да им дадеш жртвени јарци, и да ги натераш бесконечно да работат за по секоја цена да го скријат или потиснат она за кое сега веруваат дека е внатрешна маана.
Вербата е моќ, пророштво кое самото се исполнува. На пушачите веќе толку им се испрани мозоците што се неспособноста да сопрат со својата криминално убиствена навика ги прави да чувствуваат виновни и безвредни. Истовремено, при секојдневното перење на мозокот со анти-пушачки реклами кои се појавуваат дури и на кутиите цигари кои ги купуваат, и верувајќи во пренагласеното штетно влијание на пушењето – сето ова е доволно за навистина да се разболат. Прогонети од сите јавни простори, гледани со презир и набедени, соочени се со тоа еден ден нивното дете да се врати од школо каде што гледало безбедносен документарец и да чујат „Тато, те молам престани да пушиш. Не сакам да умреш“; а тоа би можело за секого да биде премногу. Нема да биде големо изненадување ни ако веќе непушачите се изложени на поголема опасност од вдишувањето на малку чад од цигара отколку да вдишат од воздухот на улиците кој е многу загаден со јаглероден моноксид. После сето ова, не е чудно што во своето соседство би толерирале клуб на пушачи исто колку што би толерирале карантин за лепрозни или гангстерско дувло.
Во идеалниот нов храбар свет во кој тутунот, алкохолот и кофеинот ќе бидат забранети и сите ќе станат идеални граѓани, веројатно ќе консумираме повеќе дијазепам, апаурин и други психијатриски смеси, ќе гледаме повеќе фудбал и сапунски серии, и по ниски цени ќе јадеме генетички модифицирани хамбургери во стерилни земички, со бонус од бесплатна кока кола. Психијатрите конечно ќе засноваат нов религиозен правец, а големите корпорации отворено ќе владеат со светот.
Имаш запалка?

Превод од англиски: Игор Исаковски

2018-08-21T17:20:58+00:00 август 1st, 2011|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 77-79|