Принципот слобода vs. стапиците на стравот

/, Литература, Блесок бр. 106/Принципот слобода vs. стапиците на стравот

Принципот слобода vs. стапиците на стравот

Принципот слобода vs. стапиците на стравот


Веќе во следните збирки доаѓа до проширување на тематскиот опсег, што повлекува редица други иновации: лексички, семантички, асоцијативни, психолошки, интертекстуални, дијалошки. Се збиднува иницијација во слободата, во една личност способна да се ослободува од стравот, да се спротивставува на каноните и на стереотипите. Доаѓа до израз „дивата мисла“ на интелектуалецот, подготвен за жртва, затоа што е подготвен за идеали кои го трансцендирале семејниот идеал, племенскиот порив и се свртиле кон поуниверзалното Добро. Таа поезија е пишувана во време во коешто „светот исчезнува во ништо“ („Град и дете“ од истоимената збирка, 1996). Песната се испишува како „хроника со болка во нејзиниот центар“. Страста на зборот веќе не е достаточна. Сега поетот сфаќа дека „историскиот ритуал се повторува“ („Ловечка посвета“, 2004: 65). Се чувствува присуството на Сенката, на југословенската персонификација на архетипот на Сенката. Стравот е влезен во коските на луѓето („Повторно крштевање“, песна посветена на Милан Ѓорѓевиќ – Белград). Ништо не е повеќе безгрешно („Млада муза“). Се насетува мирисот на војната, здивот на ѕверството, пеколот и бесмислата. Сето тоа е добра основа за да се востанови една „естетика на мракот“, како што гласи насловот на една песна од Град и дете.

Во Криумчари (1 изд. 2009, цит. според 2011), низ циклусите „Тука“, „Со празни раце“, „Внатрешен круг“, „Задолжителни вежби“ и „На погрешната страна“ (кои повторно имаат складен број на песни, секој циклус по осум, овој пат секоја песна се состои од по четири катрени), се деконструира топографијата на поствоената состојба на книжевните, духовните и егзистенцијалните простори на распаднатата заедничка југословенска држава, современата Атлантида. Книжевната, колективната и личната меморија од тие југословенски интеркултурни времиња се едно богато „духовно наследство“, како што истакнува и авторот на поговорот кон оваа книга, хрватскиот критичар Делимир Решицки (2011: 99). Песните се движат по патот на трагите во сеќавањата на изгубените времиња и по трагите на материјалните остатоци (градови, луѓе) од тие времиња, поточно од тој балканско-европски полуостров… Првиот циклус пешачи низ неколку микро-топоними на Љубљана, по „местата на приватното сеќавање“ („Елегантен лак“, 2011: 17). Она што посебно импресионира е стратегијата на гледање и говорење низ свеста на личностите (писатели, преведувачи, иселеници…) на коишто им се посветени песните од различни збирки на Дебељак (Едвард Коцбек, Јосип Ости, Мојца Шоштарко, Симона Шкрабец, Игор Штикс, потем Иво Андриќ, Давид Албахари, Џејмс Џојс, Томаж Шаламун, Миљенко Јерговиќ и др.): Така добиваме една трансферирана слика на свет, поточно една вкрстена слика на двојниот лирски субјект. Емотивната меморија е жестока, дикцијата е пркосна, реториката гномична, сентенционална, сугестивна („Секоја средба меѓу мажот и жената е прва“, 35; „Важно е желбата тврдоглаво да трае ии да трае“ – 33; – „кој љуби, ризикува многу облици / на зачуденост“ – 29; – „доаѓа само оној кој не владее, туку служи“ – 31; – „твоите зборови звучат искрено кога се најмалку вистинити“ – 47; – „никаде толку ѕвезди како во скршениот прозорец на родната куќа“ – 49; – „Тој несреќен град кај што се повторуваат поразите“ – 57; – „За заедничкото добро и опстанокот на племето сè е допуштено“ – 59; – „Не сум исклучок, не сум осетлив: имам многу / рани и уште повеќе завои за резерва и за ненадејности“ – 85; – „кукавицата не свива / гнезда, таа гостува во туѓи градови“; – „Самракот на боговите / започнува зад аголот, на шанкот, на прагот на двориштето.“ – 81; – „нашите стилови на рамнотежата се различни, но опсесијата ни е иста: да преминеме на другата страна, да ја допреме острицата и да се вратиме“ – 65; – топлината расте кога се споделува, кога ќе легнеш некому во прегратка…“ – 37, и многу други.

Сценско-семиотичката тензија во поезијата на Алеш Дебељак се одвива поткрепена со интелектуални техники и тактики. Таа е повод да се преиспита светот и сопствена позиција во светот. Таа тензија се стреми кон една рефлектирана историја. Во тој опус на песни во коишто се промислува историското и антрополошкото битие, дури и еротскиот дискурс станува поплотен. Тоа одлично се илустрира, на пример, со песната „Новородена ода“ (2013: 72):
„Твојот здив / ме стресе целиот и изгубив тло под нозете. Но и покрај тоа
стапнав здраво. Јас сум карпа од Стариот завет, кога си ми во скут.“

(Адаптација на македонски КЌ)

Таа тензична сценографија, или ако сакате, топографија, ги прави неговите песни од втората фаза (1996 – 2009), провокативни за читање и за препрочитување. Таа (тензија) е увод и за ова, по малку сценско и тензично толкување на поезијата на Дебељак. Тензично, затоа што, од една страна, се труди да биде интерпретативен и вредносен пресек на неговото севкупно поетско творештво, а од друга страна нема лесен пристап до неговата оригинална верзија (потешко следам словенечки), туку повеќе преку македонскиот, хрватскиот, бугарскиот па и англискиот превод, а од друга, нема студиозни претензии да ги илустрира сите кажани согледби со примери од самите песни, туку се потпира врз постапката на една индуктивна и трансестетска херменевтика која го уважува текстот во одбран културно-историски, интертекстуален (примарно литерарен) и интермедијален (музички, филмски, ликовен) контекст.

Контекстот на овој толкувачки есеј е претежно културолошки, па оттаму некои феноменолошки, структурно-семиотички и развојни аспекти на поетиката на Дебељак се само бегло спомнати (вклучително и песните во проза). Но, штом веќе толкувачкиот интерес е насочен врз дешифрирање на потписот на југословенскиот потоп, врз оптиката на поетот спрострена меѓу различните полови на носталгијата (копнежот) и рамнодушноста, на враќањето дома и патувањето по светот, на традицијата и модернитетот, на субјективитетот и алтеритетот, тогаш логично е да се очекуваат и референци за стилот, оти стилот е поглед-на-свет, матрица на поетскиот идентитет, увод во симболичниот архив на песните…
Освен тоа, ова толкување се соочи со тежината (или валидноста) на еден стих од песната „Неизбежни прашања“ на Алеш Дебељак (преведена на македонски од Игор Исаковски) кој опоменува, не толку со возбуда, колку со мудрост, дека:
„Најголемото зло добива облик на убавина“
(Космополис, 2010: 46)

И Алеш Дебељак (како, впрочем, и други писатели) потсетува дека зад естетската убавина на поезијата се притаени многу страдања, дека зад страдањата многу зла – архетипски, митски, библиски, историски… Ако е злото константа на човештвото, тогаш и убавината е негова константа, што ќе рече уметноста, односно поезијата, музиката, сликарството, филмот… И, освен сето тоа, уметноста на живеењето. Зашто, да признаеме, на еден поет од формат на Алеш Дебељак – врвен есеист и книжевен критичар, универзитетски професор, ангажиран интелектуалец, социолог на културата, културолог, филозоф, археолог на југословенската книжевна и културна Атлантида – му личи да ги владее вештините на уметноста и на животот. На еден таков поет му е својствено да го освојува просторот на слободата, секогаш одново. Секогаш одново ослободувајќи се од стравот, слободен во стравот.

Референци:
Господинов, Георги. „В републиката на буквите“, поговор кон книгата Край на носталгията, София, ДА, 2013: 85-86.
Дебељак, Алеш. 2004. Избрани песни. Скопје, Блесок. Превод и предговор на Лидија Димковска (застапени се песни од збирките Речник на тишината, Мигови страв, Градот и детето и Недовршени оди).
Дебељак, Алеш. 2008. Под површината. Скопје, Блесок. Превод и поговор на Игор Исаковски.
Дебељак, Алеш. Космополис/Kozmopolis/Cosmopolis, EvaTas, Skopje Blesok 2010 (превод Игор Исаковски).
Debeljak, Aleš. Krijumčari, Zagreb, Fraktura 2011, prvo ed. 2009 Tihotapci, Ljubljana Mladinska Knjiga (prijevod Edo Fičer)
Debeljak, Aleš. Balkansko brvno (eseji o književnosti jugoslavenske Atlantide), Zagreb, Fraktura 2014.
Дебеляак, Алеш. Край на носталгията, избрани стихотворения (превод на Людмила Миндова), София, ДА, книгоиздателство за поезия, 2013.
Димковска, Лидија. „Проста и строга песна“. Предговор кон книгата Избрани песни од Алеш Дебељак. Скопје, Блесок, 2004.
Исаковски, Игор. „Замисленост пред повторувањата на историјата (кога лириката и епиката се сплотуваат)“. Поговор кон книгата Под површината од Алеш Дебељак. Скопје, Блесок, 2008.
Rešicki, Delimir. „Za autostopere koji su morali, preko mnogih granica, krijumčariti sjećanja na svoje živote“, pogovor in Krijumčari, Zagreb, Fraktura, 2011: 91-103.

2018-12-19T12:08:11+00:00 март 30th, 2016|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 106|