Предупредувачката нужност на државните ритуали

/, Литература, Блесок бр. 18/Предупредувачката нужност на државните ритуали

Предупредувачката нужност на државните ритуали

Албер Ками, мојот херој чиешто дело, исто како и неговиот живот – а ова е стандард чиешто задоволување изискува многу – инспирира почит и восхит, во влијателниот магазин Combat за ослободувањето на Париз во 1944, напиша дека бреговите на Сена блескаа не само во светлината на ослободувањето, туку исто така и во светлината на идната слобода.
Оваа дистинкција ми доаѓа на ум кога го набљудувам ставот на Словенците кон нивната држава. Со нужниот степен на симплификација, луѓето во мојата држава можат да бидат сведени на два главни идеални типа: од една страна се оние коишто покажуваат отпор кон сè што мириса (или, подбро: смрди – термин којшто претставниците на овој тип несомнено би претпочитале да го употребат) на државата и нејзините институции, додека од другата страна се оние коишто покажуваат разигран ентузијазам за сè што е словенечко. Првата група, во најголем дел, се состои од не-реконструираните левичари, дежурните поплакувачи, носталгичните членови на движењата за граѓанска иницијатива од осумдесеттите години, придружните анархисти и луѓето кои обиваат да гледаат подлеку од сопствениот нос, сите коишто зајадливо тврдат дека нивниот став е кулминација на „автономијата“.
Овие особеници во принцип се згрозуваат од сите државни структури, тројната поделба на власта, механизмите на парламентарната демократија, дури и од државните симболи, какви што се знамето и армиските обележја. Изгледа дека таквиот став беше автоматски наследен од ерата на Југославија кога државата, којашто денес е распадната, повеќе или помалку дејствуваше како отелотворување на комунистичкиот потлачител како и на српските културни обичаи, со тоа што влијанието и јавната перцепција на последниве сè повеќе се зголемуваше, колку повеќе се приближувавме кон конечното распаѓање на Југославија. Таквата длабоко вкоренета одбојност имплицира дека овие индивидуи a priori одбиваат – без подробностите на една критичка анализа – да го согледаат главниот raison d’etre на државата. Тоа значи дека тие се обидуваат да го отфрлат фактот дека државата обезбедува поширока рамка за навиките на колективна егзистенција на нејзините граѓани. Токму апстрактното функционирање на државните структури и нејзините институции го гарантира множеството јавни и приватни животни стилови во рамките и под заштитата на архитектурата на колективната егзистенција. Накусо, ние сме во позиција да ги негуваме и култивираме нашите сопствени задоволства затоа што рамката на државата ја осигурува возможноста на таквото култивирање. Државата, на крај, гарантира дека не се сите сфери на животот подложни на политичката волја и нејзините честопати арбитрарни изливи.
Во овој поглед принуден сум да тврдам дека логиката на граѓанството е најважниот аспект на државата; граѓанството по дефиниција е слепо за етничката, расната, половата и културната диференцијација. Имено, културниот идентитет не е исто нешто со граѓанскиот идентитет. Универзалното наследство на просветителството исто така суштински ги обликува структурите на независната и демократска словенечка држава којашто ги обезбедува уставните услови за колективната егзистенција под ист покрив.
Сепак, ни луѓето од втората група не се помалку кусогледи. Чудна комбинација од националистички џингоисти и тапоглави патриоти кои ја признаваат конзервативната формула „ова е моја земја, без оглед дали е во право или греши“ за единствена валидна платформа за јавно дејствување, писатели кои ѕурат во папокот престрашени од среќавањето на што и да било кое може на некаков начин да се смета за различно (на пр. „Европа“, не-домородни словенечки граѓани, други национални традиици и достигања, и особено, глобалното село, да наведеме само неколку примери за националистичкото одмаздољубие). Оваа група одлучно ја поистоветува словенечката држава со словенечката култура. Лути поради забелешката којашто јас (и други одвратни практикувачи на сферата на критичкиот дискурс) честопати јавно ја изнесувам, дека словенечкиот национален армиски симбол повеќе наликува на извидничка значка одошто на занимливо и симболички кохерентно хералдичко средство, тие без двоумење покренуваат милитантна опозиција против секој којшто се осмелува да поткрепи некое мислење различно од нивното.
Националистите, сето она што се однесува на словенечката држава – било да е тоа знамето, корупцијата на носителите на политички должности, чувствителното одвојување на црквата и државата, а понекогаш дури и еднаквоста пред законот – го перципираат како да е едно и исто. Сите државни гестови стануваат подеднакво црни во мрачното слепило на некритичката љубов. Гласовите од оваа група како да мрморат „или сакај ја или да те нема одовде“.
Ниедна крајност не ѝ е блиска на мојата сопствена јавна философија. Сфаќам дека поентата на ослободувањето коешто словенечките граѓани со неочекуван успех го здобија во летото 1991 секогаш треба да ја носиме во срцето доколку сакаме да бидеме достојни на целите на тоа ослободување – т.е. самата слобода. Ослободувањето тука треба да биде согледано првенствено како концепт на преминот, единечно остварување од витална важност за воспоставување на условите неопходни за да ја породат слободата. Овие услови мораат да се воспоставуваат одново и одново, секој ден. Слободата е посуштествена од ослободувањето. Според идеалистичките заложби на Ками, тоа е држава во којашто „не е важно да се бориме за моќта, туку за правдата; не за политиката, туку за етиката; не за превласта на државата, туку за нејзиниот благороден карактер“.
Клучното значење на „секојдневниот плебисцит“ за слободата се состои во изразувањето на волјата за архитектура на колективната егзистенција во којашто секој може да ја бара сопствената среќа. Слободата не може да биде слобода на индивидуата доколку не се прошири во слобода на колективот. Среќата, којашто ја разбирам само како метафора за целосното исполнување на потенцијалите на индивидуата, најпосле, е единственото нешто коешто расте доколку е споделено со другите. Националните празници се една можност за да се сфати колку длабоко – сакале или не – сме вплеткани во дијалектиката на индивидуалниот граѓанин и колективното тело со неговите навики и обичаи. Искрено, јас не согледувам никаква посебно убедлива причина tout court да ја изложуваме на потсмев почитта којашто може да биде покажана кон ритуалите (како знамињата на куќите, јавните празници, химните, уличните прослави итн.) со коишто нашата млада држава се обидува да ја одржи јавната свест за некои важни настани на ист начин како што тоа го прават и сите други држави. Низ различни ритуали државата тврди дека таа не е создадена вчера (иако, во случајот на независна Словенија, навистина е) и за себе ги бара почитта и вредноста кои инаку им се припишуваат на оние приказни кои ја збогатуваат, ако не и кои и даваат значење, на нашата колективна егзистенција. Ниедна држава, вклучително модерната словенечка држава која израсна од урнатините на комунизмот и поширокото заедничко искуство на животот во Јужнословенската федерација, не може да егзистира без псевдо-митските приказни за нејзините сопствени почетоци, без ритуалот на пренесување на свеста за таа припадност, којашто се предава „од поколение на поколение“, и без одржување на граѓанските здруженија во кои барањето за остварување на правата оди рака под рака со одговорноста и зрелоста.
Друго прашање е како се одржува оваа приврзаност. Тоа е работа на политички преговарања, како и на соочување на различни погледи за светот. Тоа е нормално. Една таква приказана постојано е тема а честопати и происход на на јавните „преговарања“ коишто се однесуваат на смислата на колективната егзистенција. Сепак, никакви камени плочи не го носат пророштвото за тоа дека оваа словенечка држава ќе трае вечно. Уште повеќе, која и да било биографска историја на некои од старите Словенци, родени на почетокот на столетиево што изминува, сосем веројатно би ја открила потребата од барем четири различни пасоши и четири различни држави во текот на еден единствен живот. Сепак, доколку ние самите не веруваме во сопствената држава, тогаш не можеме да се надеваме дека другите субјекти на меѓународната сцена ќе нè третираат сериозно. Доколку самите не сфатиме колку се нужни државните ритуали за воспоставувањето на граѓанската самодоверба, и доколку веруваме дека тие се само нужно зло (како што некогаш беше и социјалистичкото самоуправување), тогаш имаме малку надеж дека на нашата држава ќе ѝ биде укажана почит од другите, откако ѝ беше укажано толку малку од нас самите.
Лично не сум заинтересиран ниту за првата група којашто сака права без обврски и одговорности, ниту, пак, за групата фанатични националисти којашто – во името на одговорноста – лесно би ја жртвувала заштитата на правата којашто мора да се бара од државата. Наместо тоа, претпочитам тивко да си ја свиркам мелодијата на американскиот протестирачки кантавтор Вуди Гатри, којшто му одговори на десничарскиот патриотизам на неговата земја и во неговото време со песната: „Оваа земја е моја земја, оваа земја е ваша земја, оваа земја беше создадена за вас и за мене“. Сугерирајќи колектив – т.е. „ваша“ и „моја“ егзистенција – Гатри совршено јасно покажа дека секоја единка мора, со еден дел од своето суштествување, исто така да стреми кон колективна егзистенција. Од оваа перспектива, станува, се надевам, јасно, дека и стереотипското отфрлање на државата и нејзиното слепо воздигнување се бедно несоодветни. Иако, признавам, се мошне удобни.

Превод од англиски: Ана Димишковска Трајаноска

2018-08-21T17:21:59+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 18|