Постмодерен пристап: литературата и мемоарите како паметење и како архив

/, Литература, Блесок бр. 87/Постмодерен пристап: литературата и мемоарите како паметење и како архив

Постмодерен пристап: литературата и мемоарите како паметење и како архив

I

Пред околу сто и седумдесет години, „дијалектичкиот лиричар“ Сорен Кјеркегор (1813-1855) во предговорот на своето дело „Страв и трепет“ (1843), ќе укаже говорејќи за сопственото време: „Нашето време подготвува ‘вистинска распродажба’ не само во светот на трговијата туку и во светот на идеите. Сè може да се добие за толку смешно ниска цена, та оттаму, сега, е големо прашање дали на крајот ќе постои уште некој кој ќе сака и да нуди“. (Kierkegaard, 1985: 41)
Спротивно на стравот на Кјеркегор за можното губење на понудите на планот на идеите, целиот ХХ век беше исполнет со огромен број и теориски и практични понуди на ниво на идеите! Една од клучните такви понуди, пројавена во последниве четири децении, е токму постмодернизмот кому му се обраќаме во нашево излагање во контекст на литературата, мемоарите, паметењето, архивот и историјата.
Но, ако на историјата ѝ се предадеме нефилозофски, а тоа уште повеќе важи за појавите коишто сè уште траат и чии сме современици, тогаш можноста да нè навјасаат големи незгоди е мошне извесна. Зашто, како што вели Карл Левит, „ако историјата на времето, меѓутоа, на нешто и може да нè поучи, тогаш е јасно дека таа не е нешто за што човек би можел да се држи и ориентира. Да сакаш сред историјата да се ориентираш кон неа, тоа би било исто како и кога при еден бродолом би сакале да се држиме за таласите.“ (Löwith, 1980: 52)
Сепак, бидејќи постмодерното мислење го напушта дискурсот на модерната, имено темата што ја воведе Хегел во вид на самокритичко потврдување на модерната, а воедно, според Хабермас, „и ги наведе правилата според кои таа тема може да се варира – дијалектиката на просветителството“ (Habermas, 1985: 65), оттаму постмодерното мислење ја напушта конститутивната врска значајна за дискурсот на модерната, врската меѓу историјата и умот. Постмодерната тврди дека модерната го доживеа својот крај зашто во основа е проект што не може да се оствари , зашто се потпира врз верувањето во она што често се нарекува „големи мета-наративи“, што е само друг израз за „Големите Приказни“ што со милениуми доминираат со Западната култура и цивилизација. Овие големи приказни на различен начин се појавуваат и се именуваат низ историјата.
Да именуваме, заедно со Дик Хебдиџ, еден грст од нив:
„Божјото откровение, раширената Реч, засенчувањето на Историјата од Логосот, проектот на Просветителството, вербата во Прогресот, вербата во Разумот, вербата во Науката, модернизацијата, развојот, спасението, искупението, совршеноста на човекот, трансценденцијата на историјата низ божествената интервенција, трансценденцијата на историјата низ класната борба, Утопијата, поднасловот Крајот на Историјата…“ (Habdige, 1993: 79)
„Анти-естетиката“ може, исто така, да биде една од одредбите на постмодернизмот, зашто со отфрлањето на „мета-наративите“ (на пр. хегелијанизмот, марксизмот итн.) се исклучува можноста, како што тоа го прави Лиотар, дискурсите да се засновуваат врз каква и да е традиционална филозофска смисла. Но во тој случај врз што ќе се засновуваат дискурсите? Веројатно врз наративите, а тие, ако добро го разбираме Лиотар, се чини дека значат кој и да е низ од настани. Вредноста на наративата се состои во тоа што таа е само-оправдувачка и само-потврдувачка: „таа се осведочува себеси во прагматизмот на својата сопствена трансмисија“ (Lyotard, 1984: 27), таа едноставно е, и не треба да се потврди од некоја „мета-наратива“ (било идеолошка, било релиогиозна). Лиотар е повеќе заинтересиран за употребата или злоупотребата на наративата, отколку за нејзиното значење, така што на тој начин се доближува до Витгенштајновите одредби од „Филозофските истражувања“ дека „значењето на зборот е во неговата употреба во јазикот“ (Wittgenstein, 1953: § 43).
Ако постмодернизмот нешто и значи тој пред сè е врв на неверувањето во „кохерентноста и континуитетот“ (Habdige, 1993: 80), губиток на тоталитетот како терапевтска мерка, или кажано во духот на Валтер Бенјамин: еднонасочната улица на целината се надвладува од фрагментот, зашто, како што укажува Лиотар, „скапо ја плативме носталгијата за целината и за едното, за помирувањето на поимот и на сетилноста“ и затоа да ѝ објавиме „војна на целината, да укажеме на непредочивото, да ги активираме разликите, да го спасиме честа на името.“ (Lyotard, 1990: 30-31)
Во меѓувреме што ќе биде со културата, што над главата, и без да сака, ја носи својата постмодерна аура, останува отворено прашање. Во духот на постмодерната ќе го завршиме нашето излагање со цитат во дијалошка форма, толку познат а во суштина непознат:
„Прашање е“, рече Алиса, „дали можете да сторите зборовите да значат толку многу различни нешта.“
„Прашање е”, рече Хампти Дампти, „кој ќе биде господар – тоа е сè.“
Lewis Caroll, Through the Looking Glass, ch. 6 (Carrol, 2008)


II

Вообичаено знаење е дека паметењето е во непосредна пренадлежност на психологијата. Но, ако го консултираме класичниот „Сеопфатен Речник на психолошките и психоаналитичките поими“ на Инглиш и Инглиш, ќе се потсетиме дека паметењето се определува како: 1. Општа функција на оживување и повторно проживување на минатото искуство, со повеќе или помалку одреден увид дека сегашното искуство е едно оживување. 2. Целосен опфат на стварите на коишто човек може да се сети: склад и паметење. 3. Секое минато искуство на коешто се сеќаваме. (H.B.English & A.C.English 1958)
Јасно е дека едно вакво одредување повеќе говори за паметењето на индивидуално психолошки план, а помалку за паметењето што нас во овој случај нè интересира, паметењето како метафора за историјата, природата, културата или, пак, вистината. Зашто во синтагмата „Постмодерен пристап: литературата и мемоарите како паметење и архив“, ми се чини дека се инсистира токму на ваквото метафоричко исчитување на паметењето.
Но, ние можеме да кажеме дека паметењето (како што тоа беше дефинирано кај Инглиш и Инглиш), меѓу другото, е и складиште и памтење а токму оваа димензија на памтењето како да функционира во одбраната метафората за „литературата и мемоарите како памтење и како архив“.
Жак Дерида ја разгледува истата тема во својата книга под наслов Mal d’Archive (1995)на англиски преведена како Archive Fever (1996) – која би можеле на македонски да ја преведеме, со сите неможности да се дофатат повеќезначностите на јазикот на Дерида, како „Маките со архивот”. Таму, спроведувајќи еден чисто етимолошко-археолошки потфат на реконструирање на самиот збор „архив“, Дерида доаѓа до инетересни сознанија според кои „значењето на ‘архивот’, неговото основно значење, доаѓа од грчкото arkheion: најнапред куќа, живеалиште, адреса, резиденција на врховниот судија, архонтот, оној што управува.“ (Derrida 1996: 1) Потем, Дерида укажува дека само архонтите имаат право да го градат или да го претставуваат законот и како признаени авторитети нивниот дом, односно нивната куќа, е местото каде што официјалните документи се оставаат на чување. Архонтите се, пред сè, чувари на документите и тие го имаат правото да ги „толкуваат архивите”. Оттаму доаѓа и поврзувањето на архивот со моќта (нешто сосема познато меѓу историчарите и ден-денес – недостапноста на низа архиви ширум светот!), но Дерида ја потенцира и „домицилизацијата, во овој куќен притвор“ во кој се гради еден структуриран простор, една привилегирана „топологија … каде што законот и единечното се вкрстуваат во привилегијата“, на тој начин градејќи едно вкрстување на „тополошкото“ и „номолошкото“, на просторот и на законот, на основата и на авторитетот. Дерида создава нов термин „топо-номологија“ за да го определи овој „архонтски принцип на архивот кој исто така е принцип на консигнација, на собирање заедно“ (Derrida 1996: 3)
Ако во оваа пригода ги оставиме настрана политичките конотации на ваквото исчитување на архивот што го наоѓаме кај Жак Дерида, а кои произлегуваат од релациите „моќ-знаење“ образложени претходно од Мишел Фуко (Foucault, 1980), и повеќе се врземе за тополошкиот принцип на архивот, имено, архивот како дом, ќе ја воочиме сличноста со одредувањето на јазикот и на литературата како „дом/куќа на битието“ (Хајдегер). Во една поширока смисла и архивот и литературата остануваат своевиден „дом“, за што ни сведочат низа историчари кои во архивите се чувствуваат како дома: „Историчарот оди во архивите за да биде дома и за да биде истовремено осамен“ (Steedman 1998: 70) и низа писатели и читатели кои во пишувањето и читањето го наоѓаат својот најпрекрасен дом. Да ги споменеме само квартетот писатели и филозофи кои почнуваат на буквата Б: Борхес, Бенјамин, Барт, Бродски. Кај сите нив јазикот, литературата и филозофијата се нивниот вистински дом, нивниот архив во кој се и сами, и опкружени со приказни и митови. Таквиот архив е архив кој „заведува“ и делумно „интоксицира“, дури и денес во времето на „губењето на средиштето“ и на „радикалниот постмодерен скептицизам“. На сево ова убаво укажува Хериет Бредли – со несомнено варирање и на Пруст и на Милтон – кога говори за архивот: „постои ветување (или илузија?) дека сето изгубено време може да стане пронајдено време.“ (Bradley 1999: 119)
И што е литературата ако не е обид да се запомни изгубеното за да стане тоа повторно пронајдено. И што е литературата ако не е архив, но архив кој не е архонтски, врзан за законот, ниту владејачки, ниту, пак, аркански – таен – (arcanum), туку е јавен и либертански архив, архив достапен на сите што умеат и сакаат да читаат.
Архивот е складиште на низа значења, исто како што и литературата е складиште на низа знаци и значења. На нас е колку учени исчитувачи на овие значења ќе станеме. Зашто во ова наше постисториско раздобје секој писател и секој читател едновремено стануваат и архивари и херменевтичари на стварноста овоплотена во литературата.

Библиографија

Bradley, H. (1999) „The Seductions of the Archive: Voices Lost and Found”, History of
the Human Sciences
, 12(2): 107-122.

Carroll, L. (2008 [1871]) Through the Looking Glass, ch. 6
http://www.gutenberg.org/files/12/12-h/12-h.htm

Derrida, J. (1996) Archive Fever: A Freudian Impression, Chicago: University of
Chicago Press.

English, H.B., English, A.C. (1958) A Comprehensive Dictionary of Psychological and
Psychoanalytical Terms
, New York, London, Toronto: Longmans, Green and Co., Ltd.

Foucault, M. (1980) Power/Knowledge: Selected Interviews & Other Writings 1972-
1977
, (ed.) C.Gordon, New York: Pantheon Books.

Habarmas, J. (1985) Der Philosophische Diskurs der Moderne, Frankfurt: Suhrkamp.

Habdige, D.(1993) „A Report on The Western Front: Postmodernism and The ‘Politics’
of Style”, in Cultural Reproduction, (ed.) Chris Jenks, London: Routledge, pp. 69-103.

Kierkegaard, S. (1985 [1843]) Fear and Trembling, translated by A.Hannay, London:
Penguin Books Ltd.

Löwith, K. (1980) „Uvod”, u: Hegelovska ljevica, Sarajevo: Veselin Masleša.

Lyotard, J.-F. (1984) The Postmodern Condition: A Report on Knowledge, Manchester:
Manchester University Press.

Lyotard, J.-F. (1990) Postmoderna protumačena djeci, Zagreb: August Cesarec.

Steedman, C. (1998) „The Space of Memory: in an Archive”, History of the Human
Sciences
, 11(4): 65-83.

Wittgenstein, L. (1953) Philosophical Investigations, Oxford: Basil Blackwell.

2018-08-21T17:20:51+00:00 декември 16th, 2012|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 87|