Посветеност на патот

/, Литература, Блесок бр. 74/Посветеност на патот

Посветеност на патот

Всушност, почна тоа во Словачка: во февруари 2010 година излезе специјалниот број на книжевниот месечник Ромбоид посветен на македонската книжевност и на нејзината рефлексија, каде што претставивме единаесет македонски автори во избор на редакцијата на веб-магазинот Блесок: Александра Димитрова, Лидија Димковска, Катица Ќулавкова, Игор Исаковски, Јовица Ивановски, Стево Симски, Богомил Ѓузел, Јасна Котеска, Елизабета Баковска, Румена Бужаровска и Звонко Танески. Списанието Ромбоид излегува од 1965 година, а негов сегашен издавач е Асоцијацијата на писателските организации на Словачка.
Сега картата се сврти. Ние подготвивме за Блесок стручен избор од словачката книжевност и култура, врз чие создавање, природно, повлијаеја два фактори: двојазичното излегување на Блесок на македонски и на англиски јазик, како и поширокиот интерес на македонскиот веб-магазин и за другите уметнички видови. Затоа, на помош повикав уште две други списанија: списанието Slovak Literary Review, кое двапати годишно го издава Литературно-информацискиот центар во Братислава за свои пропагандни цели (главна уредничка е Даниела Хумајова), а кое ја претставува словачката книжевност во нејзините преводи на странски јазици; како и списанието Vlna (во мак. превод: Бран) кое излегува од 1999 година, а ја пропагира „младата, иновативна и експериментална култура во Словачка и во светот“ под водство на Петер Шулеј и Петра Форнаијова. Од првонаведеното списание ги презедовме сите книжевни преводи на англиски јазик, а од второто – текстовите во кои на македонските читатели им нудиме само мали трошки од богатите ликовни, филмски и музички случувања во Словачка.
Самиот избор на книжевните текстови за Блесок, се надевам, е доволен. Од фондот на поезијата претставуваме творештво со широки генерациски размери, почнувајќи од поетот Иван Купец кој го сврти вниманието врз себе со својата надреалистичка поетика, преку Јан Ондруш – престижниот претставник на поетската група „конкретисти“ односно на Трнавската група поети со нејзината исклучителна смисловно-експресивна метафорика, па сè до неодамна починатата Вера Прокешова, преведувачка на книжевни творби и од македонски јазик, која ѝ припаѓа на поетската генерација на „слободни играчи“ која се етаблираше првенствено во осумдесеттите години на минатиот век и ја претставуваше силната (иако растресена) средна генерација во современата словачка поезија. Сите овие тројца автори му беа верни на поетскиот жанр (ако го оставиме на страна нивното есеистичко творештво), а се потврдија исто така и како одлични преведувачи.
Од прозниот фонд на автори ставаме акцент врз писателите кои во својата проза ги донесоа на преден план слободните, поконкретно – пазарните прилики во културата по падот на комунизмот (по т.н. Сомотска револуција во 1989 година), иако и помеѓу нив постои разлика во годините од цела една генерација. Вилијам Климачек, најстариот од нив, влезе во книжевните води уште во осумдесеттите години како поет. Денес, сепак, пишува исклучиво проза, а посветен е и на авторскиот театар, како и на филмската и на телевизиската сценаристика. Иван Коленич е автор со многу лица (а, исто така, пред светот е и „скриен“ ликовен уметник), повеќе е познат, во секој случај, како поет – секогаш доволно екстравагантен и провокативен за да ги разбранува мирните површини на (не)критичките духови. Јана Бењова најпрво, исто така, се појави како поетеса, но во нејзините последни три книги, во целост, се потврди нејзината прозна природа. Со својот опуштен поглед заострен врз „отуѓувачките форми на животот“ на младите луѓе во станбените комплекси во Братислава, таа ја заинтересира не само книжевната критика, туку и читателската јавност.

2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|