Политиката и англискиот јазик

/, Литература, Блесок бр. 21/Политиката и англискиот јазик

Политиката и англискиот јазик

Во наше време, политичкиот говор и писмо, се главно одбрана на неодбранливото. Работи како што се продолжувањето на британското владеење во Индија, руските чистки и прогони, фрлањето на атомската бомба во Јапонија, секако можат да се одбранат, но само со аргументи што се премногу брутални за многу луѓе, и кои не се во согласност со јавните цели на политичките партии. Па така, политичкиот јазик мора да се состои од еуфемизми, од реченици од типот „нападот е најдобра одбрана“, и ветер во магла. Незаштитени села се бомбардираат, луѓето се натерани да станат бегалци, добитокот изрешетен, живеалиштата намерно запалени: ова се вика „пацификација“. На милиони селани им е одземена земјата, оставени да талкаат по патот со некое врзулче: ова се вика „трансфер на популацијата“ или „коригирање на границите“. Луѓе се затворени со години без да бидат судени, погубени со куршум во тилот или испратени да умрат во арктички дрвени кампови: ова се вика „елиминација на несакани елементи“. Ваква фразеологија е неопходна ако човек сака да ги именува работите без да предизвика ментална слика за нив. Да разгледаме на пример, изјава на некој англиски професор, кој убеден во своите ставови, го брани рускиот тоталитаризам. Тој не може да каже апла: „Јас верувам во убивањето на непријателите ако со тоа се постигнат добри резултати“. Затоа најверојатно ќе каже нешто во стилот: „Додека слободно признавам дека советскиот режим покажува извесни карактеристики кои хуманитарците се настроени да ги осудат, ние мораме, мислам, да се согласиме дека извесни ускратувања на правата на политичката опозиција се неизбежни случувања на транзиционите периоди, и тешкотиите на кои рускиот народ е повикан да одговори, се сесрдно оправдани во сферата на конкретниот напредок“.
Помпезниот стил е сам по себе еден еуфемизам. Натрупаните вујаклиски изрази паѓаат врз фактите како мек снег, заматувајќи ги деталите. Најголемиот непријател на јасниот јазик е неискреноста. Кога има јаз помеѓу нечии вистински и измислени цели, тој скоро инстинктивно се завртува кон долги зборови, истрошени идиоми, како што сипа испушта мастило. Во наше време, не постои нешто како што е „немешање во политика“. Сите теми се политички теми, политиката сама по себе е маса од лаги, избегнувања, глупости, омраза и шизофренија. Кога општата ситуација е лоша, јазикот мора да страда. Мислам дека и германскиот, рускиот и италијанскиот јазик – ова е претпоставка за која немам доволно познавања да ја докажам– исто така се влошиле во последните 10 – 15 години како резултат на диктатура.
Но ако мислата го корумпира јазикот, тогаш и јазикот исто така ја корумпира мислата. Лошата употреба на јазикот може да се прошири со имитирање и традиција, дури и помеѓу луѓе од кои се очекува да се свесни за тоа. Влошениот јазик за кој зборував, во некоја рака многу згодно доаѓа во некои ситуации. Фрази како што се „не е неоправдана претпоставката“, „ќе остави простор за нови желби“, „нема добро да послужи“, „една размисла која ќе биде добро да ја земеме предвид“, се постојано искушение, како пакетче аспирини, секогаш на дофат. Прочитајте го повторно овој есеј и сигурен сум дека ќе ги најдете истите грешки против кои протестирам. Утрово по пошта добив памфлет во кој се зборува за настаните во Германија. Авторот вели дека се „чувствувал присилен“ да пишува– чувствува претпоставувам дека има нешто ново да каже– па сепак, неговите зборови, се групираат автоматски како пчели во матица, во познатата досадна шема. Инвазијата на умот на луѓето со готови фрази (да се постават основи, да се постигне радикална трансформација) можат да се спречат ако човек постојано внимава на нив затоа што секоја таква фраза умртвува дел од мозокот.
Веќе порано кажав дека декаденцијата на нашиот јазик е најверојатно излечива. Оние кои би го тврделе спротивното, ако воопшто можат да го докажат, би рекле дека јазикот е само рефлексија на постојните социјални услови, и дека не можеме да влијаеме на неговиот развој со директни поправки од зборчиња и конструкции. Ако го разгледаме глобално развојот на јазикот, ова е можеби точно, но не е точно за финесите на еден јазик. Глупави зборови и изрази често исчезнуваат, не преку еволутивни процеси, туку благодарение на свесно дејство на некоја групација. Два скорешни примери се „да се ѕирне во секое дупче“ и „бара под дрво и камен“ кои беа уништени со потсмевот на неколку новинари. Постои долг список на мувлосани метафори од кои би можеле просто да се решиме, доколку повеќе луѓе би се заангажирале; би требало да е возможно да се насмееме на двојните негации и да ги избришеме од постоење3F, да го намалиме обемот на латински и грчки во една просечна реченица, да ги избркаме странските изрази и застранети научни зборови, и воопшто, да направиме претенциозноста да стане застарена. Но сите овие работи се од минорно значење. Одбраната на англискиот јазик имплицира повеќе од ова, и можеби најдобро е да започнеме од тоа што тој не имплицира.
Како прво, тој не имплицира архаизми, ископување на застарени зборови и начини на изразување или пак поставување на „стандарден англиски јазик“ до кој треба да се придржуваме. Напротив, одбраната на јазикот се состои во тоа да се избрише секој идиом или збор кој ја потрошил својата корисност. Одбраната на јазикот нема врска со точна граматика или синтакса, коишто не се важни сè додека човек јасно каже тоа што сака, со избегнување на американизми, или пак со установување на „добар прозен стил“. Од друга страна пак, добриот јазик не треба да се поврзува со лажна едноставност и со обидот да се направи пишаниот збор колоквијален. Ниту пак треба да се претпочита употребата на изворен наместо латински збор, или пак да се употребуваат секогаш најкратките зборови што ќе го покријат значењето.
Тоа што е над сè неопходно е значењето да го избере зборот, а не обратно. Во прозата, најлошото нешто што човек може да го стори со зборовите е да им се предаде. Кога ќе помислите на конкретен објект, размислувате без зборови, и потоа, ако сакате да го опишете она што го визуализирате, најверојатно го барате додека не најдете точни зборови кои што се чини дека одговараат на значењето. Кога размислувате за нешто апстрактно, поверојатно е дека веднаш ќе употребите зборови, и ако свесно не го прекинете овој процес, најверојатно вистинскиот израз ќе си дојде сам по себе и ќе ја заврши работата за вас, со ризик дека значењето може да се измени или да не е сосем јасно. Најверојатно најдобро е да се одложи употребата на зборови најдолго што може, и да се појасни значењето преку слики и чувства. Потоа може да се одберат – а не само да се прифатат– фразите кои најдобро го покриваат значењето, а потоа да се промени улогата и да се помисли како ќе делуваат избраните зборови на оној што чита. Овој последен напор на умот ги отсекува и ги исфрла сите истрошени или нејасни слики, сите префабрикувани фрази, непотребни повторувања, блаботења и нејаснотии. Но можеби некогаш ќе се посомневаме за ефектот на некој збор или фраза, и затоа се потребни правила на кои можеме да се потпреме кога инстинктот ќе не изневери.
Никогаш не употребувајте метафора, компарација или друго изразно средство кое што веќе сте го виделе во печат.
Никогаш не употребувајте долг збор ако и краток може да ја заврши работата.
Ако е можно да изоставите некој збор, сторете го тоа.
Никогаш не употребувајте пасивна форма ако можете да употребите активна.
Никогаш не употребувајте странски израз, научен израз или жаргон ако можете да се сетите на англиски еквивалент.
Подобро прекршете било кое од овие правила отколку да кажете некоја глупост.
Овие правила звучат просто, а тие тоа и се, но тие бараат длабока промена во ставот кај сите оние кои се навикнати да пишуваат во стилот кој е сега модерен. Човек може да се придржува до сите овие правила, и сепак да пишува лошо, но не и да пишува онакви работи какви што цитирав во петте извадоци на почетокот на текстов.
Овде не се бавев со литературната употреба на јазикот, туку само со јазикот како инструмент за изразување а не за сокривање и препречување на мислата. Стјуарт Чејс и други, дојдоа близу до тврдењето дека сите апстрактни зборови се бесмислени, и го употребија ова како база поттикнување на некој вид политички молк. Штом не знаете што е тоа Фашизам, како ќе се борите против него? Човек не мора да проголтува апсурдности од овој тип, но мора да признае дека тековниот политички хаос е поврзан со пропаста на јазикот и дека нешто може да промени на подобро, со тоа што ќе започне од вербалниот крај. Ако го поедноставите вашиот англиски јазик, тогаш сте ослободени од најголемите глупости на ортодоксноста. Нема да зборувате ниту еден од неопходните дијалекти, и ако направите некоја глупава забелешка, тоа ќе биде очигледно, дури и за вас. Политичкиот јазик – и со некои варијации ова е точно за сите политички партии, од конзервативци до анархисти– е создаден за да направи лагите да звучат вистинито и убиството вредно за почит, да му даде содржина на ветрот во магла. Ова не може да се промени одеднаш, но човек може да ги промени своите сопствени навики, и од време на време може дури и да се насмее доволно гласно, и да испрати некои истрошени и непотребни фрази – некоја фашистичка чизма, Ахилова пета, итн. … во корпата за ѓубре, каде и што припаѓа.

Наслов на оригиналот: George Orwell: “Politics and The English Language“,објавен во антологијата Language Awareness (St. Martin’s Press, New York, 1978)уредена од Paul A. Eschholz, Alfred Rosa, Virginia Clark и Paul Escholz.

Превод од англиски: Нора Буклевска

#b
3. Можеме да се излечиме од двојните негации со вежбање на реченицата: Не нецрно куче бркаше не немал зајак преку не незелено поле.

АвторЏорџ Орвел
2018-08-21T17:21:55+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 21|