Политиката и англискиот јазик

/, Литература, Блесок бр. 21/Политиката и англискиот јазик

Политиката и англискиот јазик

Претенциозна дикција

Зборови како што се феномен, елемент, индивидуа, објективно, категорично, ефективно, виртуелно, основно, базично, промовира, конституира, покажува, истражува, искористува, елиминира, ликвидирасе користат за да маскираат едноставни реченици и да им се даде призвук на научна објективност на пристрасни ставови.
Придавки како што се: епохално, епско, историско, незаборавно, триумфално, прастаро, неизбежно, неумоливо, вистинито, се користат да се им се направат достоинствени болните процеси на меѓународната политика. Оној начин на пишување кој ја глорифицира војната обично добива архаична боја и нејзин типичен начин на пишување ги вклучува следните зборови: царство, трон, кочија, стисната тупаница, трозабец, меч, штит, барјак, чизма, воена труба и сл. Странски зборови и изрази како што се cul de sac, ancien regime, deux ex machina, mutatis, mutandis, status quo, gleishsaltung, weltanschauung, се користат да се даде призвук на елеганција и култура. Освен корисните кратенки, на пр., i.e. (односно), и итн., нема вистинска потреба од ниту една од стотиците странски фрази кои се користат во англискиот јазик. Лошите автори, особено од природните науки, политиката или социологијата, секогаш се прогонувани од идејата дека латинските или грчките зборови се „поголеми“ од изворните, и непотребните зборови како што се експедитивно, амелиорација, екстерно и стотици други постојано се користат наместо изворните зборови1F. Жаргонот типичен за марксистичката литература (хиена, џелат, канибал, ситнобуржоаска, лакеј, лудо куче, белогардејци, итн.) најмногу се состои од зборови и фрази преведени од руски, германски или француски. Вообичаен начин за создавање нов збор е употреба на латински или грчки корен со соодветна додавка, и каде што е потребно наставката –изира. Најчесто, полесно е да се создаде ваков збор, (дерегионализира, екстрамаритално, нефрагментирано) отколку да се сетиме на домашен збор кој ќе одговара на значењето. Како резултат се зголемува неуредноста и збрканоста.

Бесмислени зборови

Во некои прозни форми, особено кај ликовната и литературната критика, вообичаено да се сретнат големи пасуси, кои скоро ништо не кажуваат.2F Зборови како што се романтично, пластично, вредности, човечко, мртво, сентиментално, натурално и виталност, се користат во ликовната критика и се сосема празни, во смисла дека не само што не посочуваат на конкретен објект, туку и читателот веќе не го очекува тоа од нив. Кога еден критичар вели: „Неверојатната особина на делата на господин X се состои во нивниот витален квалитет“, а некој друг „Тоа што најпрво паѓа во очи кај делата на господин X е особеното мртвило“ читателот ги прима само како разлики во мислењата. Но ако се употребат зборови како што се бело и црно, наместо жаргонските мртвило и виталност, читателот веднаш ќе увиди дека јазикот се користи неправилно. Многу политички зборови се злоупотребуваат на сличен начин. Зборот Фашизам, сега веќе нема значење освен што кажува за „нешто што не е пожелно“. Зборовите демократија, слобода, патриотско, реално, правда, имаат по неколку различни значења кои не можат да се согласат едно со друго. Во случајот на зборот демократија, не само што нема една дефиниција, туку и обидот да се дефинира ќе биде попречен од сите страни.
Скоро универзално се смета дека ако една земја ја наречеме демократска, тоа значи дека ја фалиме: како резултат, бранителите на кој и да е режим, ќе тврдат дека тоа е демократија, и ќе стравуваат дека ќе мора да престанат да го употребуваат зборот ако се врзе за одредено значење. Зборови од овој вид најчесто се користат на свесно нечесен начин. Односно, тој што ги употребува си има своја дефиниција за нив, но дозволува слушателот да мисли дека тој подразбира нешто сосема друго. Изјави од типот: „Маршалот Петан беше вистински патриот, Советскиот Печат е најслободен на светот, Католичката Црква му се спротивставува на прогонот“ се скоро секогаш напишани со цел да излажат. Други зборови кои се користат со различни значења, најчесто нечесно, се следните: класа, тоталитарно, наука, прогресивно, реакционерно, буржоаско, еднаквост.
Сега кога го составив овој каталог на далавери и испревртувања, ќе ви дадам уште еден пример на нивното дејство. Ќе преведам еден пасус од добар англиски јазик на модерен англиски јазик од најлошата сорта. Ова се добро познати стихови од Соборните Посланија:
Се вратив и видов под Сонцето, дека трката не е за брзите, ниту борбата за силните, ниту лебот за мудрите, ниту богатствата за разумните, ниту пак добра среќа за вештите, туку дека времето и случајот сите ги суди.
Еве го сега истиот текст на модерен англиски:
Објективното резонирање за модерните феномени укажува на заклучокот дека успехот и падот во компетитивните активности не покажуваат тенденција да бидат сразмерни со вродениот капацитет, туку дека пообемен елемент на непредвидливост мора неминовно да се земе предвид.
Ова е пародија, но без многу претерување. Доказ 3 (горе) на пример содржи неколку парчиња од истиот тип на јазик. Се гледа дека не направив целосен превод. Почетокот и крајот на реченицата го следат оригиналното значење прилично прецизно, но во средината, конкретните илустрации – трка, борба, леб– се топат во нејасната фраза „успехот и падот во компетитивните активности“. Ова морало да биде така, затоа што ниту еден современ автор од типот за кој зборувам – никој што е способен да користи фрази како „Објективното размислување за современите феномени“ – нема да состави список од своите мисли на така прецизен и детален начин. Целата тенденција на модерната проза е да бега што подалеку од конкретноста. Сега да ги анализираме овие две реченици подлабоко. Првата содржи 38 зборови, но само 76 слога и сите зборови се од секојдневниот живот. Втората содржи 36 зборови и 101 слог. Во првата реченица има 6 живи слики, и само една фраза (времето и случајот) што би можела да се нарече нејасна. Во втората реченица нема ниту една свежа, јасна фраза, и покрај нејзините 101 слог, ни дава скратена верзија на значењето опишано во првата. Сепак, вториот тип на реченица е тој што си се вгнездува во англискиот јазик. Не сакам да претерувам. Овој тип на пишување сè уште не е универзален и секогаш ќе се најдат едноставни изрази и во најлошо напишаниот текст. Но, ако на пример мене или вам ни кажат да напишеме неколку реда за неизвесноста на човечката судбина, верувам дека ќе напишеме нешто што е многу поблизу до мојата измислена реченица, а не онаа од Соборните Посланија.
Како што се обидов да покажам, современото пишување во својата најлоша форма, не се состои во одбирање зборови заради нивното значење и создавање слики со цел значењето да се направи појасно. Модерното пишување се состои од лепење на долги низи зборови кои веќе биле наредени во некој ред од некој друг, и по инерција изгледаат пристојно, макар што се обично блаботење. Привлечноста на овој тип пишување е во тоа што е лесно. Полесно е– дури и побрзо да се каже „Според мене не е неоправдана претпоставката дека…“ отколку да се каже „Јас мислам“ Ако користите готови фрази, не само што не морате да барате фрази, туку и не мора да се грижите за ритамот на вашите реченици, затоа што овие фрази се обично така наместени за да бидат повеќе или помалку милозвучни. Кога составувате реченица набрзина кога диктирате на стенограм/ка, на пример, или држите говор, природно е да се западне во претенциозен, латинизиран стил. Некои конфекциски фрази како „нешто што мораме да земеме предвид е заклучок со кој сите подготвено ќе се сложиме“ се наменети да го спречат предвременото пропаѓање на реченицата. Со употреба на застоени метафори, компарации и идиоми, заштедувате поприличен ментален напор, со ризик тоа што сакате да го кажете да остане нејасно, не само за вашиот читател туку и за себе. Ова е значењето на смешаните метафори. Единствената цел на метафората е да провоцира создавање на визуелна слика. Кога овие слики ќе се судрат– како на пример во „Фашистичкиот октопод ја отпеа својата лебедова песна, чизмата е фрлена во манџата“, може да бидеме сигурни дека авторот не гледа ментална слика на објектите што ги набројува; со други зборови, тој не ни размислува. Погледнете ги примерите што ги дадов на почетокот на овој есеј. Професорот Ласки (1) употреби пет негации во педесет и седум зборови. Една од овие е вишок, и го прави целиот пасус бесмислен, а освен тоа, има и лапсус, наместо „сроден“, тој вели „подалечен“ со што чини уште поголема глупост и уште неколку несмасности, со што текстот станува уште понејасен. Професорот Хогбен, (2) си игра мачка и глушец со арсенал што може да пишува правила, и освен тоа што не ја одобрува секојдневната фраза „да се справи со“ и е неволен е да го побара зборот „исклучително“ во речник. Ако заземе злонамерен став кон текстот би рекле дека е сосема бесмислен: можеби неговото значење ќе биде појасно ако се прочита целиот напис. Во (4) авторот помалку или повеќе знае што сака да каже, но натрупувањето на востановени фрази го задушува како листови од чај што го спречуваат одводот на лавабото. Во (5) зборовите скоро да се збогувале со значењето. Луѓето кои пишуваат на овој начин, обично имаат чувство за она што сакаат да го кажат– ним не им се допаѓа едно нешто и сакаат да се сложат со нешто друго – но не ги интересираат деталите на она што го кажуваат. Автор кој држи до себе, за секоја реченица што ја пишува, ќе се запраша барем четири прашања: Што се обидувам да кажам? Кои зборови се најдобри за тоа? Која слика или идиом ќе го направат појасно она што сакам да го кажам? Дали оваа слика е доволно свежа за да има ефект? Веројатно нашиот скрупулозен автор ќе се запраша уште две прашања: Можам ли да го скратам текстов? Дали кажав нешто грдо што може да се избегне? Но, не сте обврзани да поминувате низ сета оваа мака. Можете да си ја олесните работата ако дозволите готовите фрази да ви се нафрлат. Тие ќе ви ја состават реченицата наместо вас– дури и мислите ќе ви ги смислат, во извесна мерка– и по потреба и ќе ви направат услуга и ќе сокријат некое значење дури и од вас самите. Дури во овој момент станува јасно на кој начин се поврзани политиката и деградацијата на јазикот.
Во наше време е општо познато дека политичкиот јазик/ писмо, е лош јазик. Исклучок се текстови на бунтовници, кои го изразуваат својот сопствен став и не одат по „партиската линија“. Ортодоксноста, од која било боја, се чини дека инсистира на безживотен, имитирачки стил. Политичките дијалекти кои се среќаваат во памфлети, насловни написи, манифести, владини изјави и говори на потсекретари, секако се разликуваат од парија до партија, но слични се по тоа што човек во нив скоро никогаш не среќава свеж, сликовит, оригинален израз. Кога човек гледа некое изморено типче како на сцена механички ги повторува познатите фрази– животинска бруталност, железна пета, крвава тиранија, слободните народи на светот, да се застане рамо до рамо– добива некое чудно чувство дека не гледа живо суштество туку некоја кукла: чувство кое одеднаш се засилува, во моментите кога светлото ќе се одбие од очилата на говорникот, и ќе ги престори бели дискови зад кои се чини дека нема очи.
А ова не е сосема нестварно. Говорник кој употребува ваква фразеологија веќе оди во насока да стане машина. Наменските звуци доаѓаат од неговото грло, но неговиот мозок не е вклучен како што би бил, ако користел зборови кои ги одбрал самиот. Ако говорот кој го држи е истиот кој го повторува по сто пати, тој станал скоро несвесен за тоа што го зборува, како некој што само ги повторува одговорите во црква. Оваа состојба на намалена свесност, ако не клучна, тогаш секако е барем поволна за политичкиот конформизам.

#b
1. Интересна илустрација за овој проблем е начинот на кој англиските имињата на цвеќиња кои до скоро се употребуваа се заменети со грчки, бела рада станува myosotis, зумбул станува hyacinthus orientalis. Тешко е да се согледа практична причина за оваа помодна промена: тоа е веројатно поради инстинктивното оттргнување на домашниот збор и нејасно чувство дека грчкиот збор е понаучен.
2. Пример: Католицизмот на перцепцијата и сликата на Конфорт, чудно Витмановска по природа, скоро сосема контрастна на естетските норми, продолжува да креира нежно атмосферско кумулативно сеќавање во едно сурово, ненадминливо безвреме… Реј Гардинер успева со тоа што цели кон точката, со голема прецизност. Но, не е сè така лесно, низ неговата наводна задоволувачка тага се проткајува повеќе отколку површната горко– слатка резигнираност.

АвторЏорџ Орвел
2018-08-21T17:21:55+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 21|