Поетика на патувањето, патување на поет(ик)ите

/, Литература, Блесок бр. 145 - 146/Поетика на патувањето, патување на поет(ик)ите

Поетика на патувањето, патување на поет(ик)ите

(десет несовршени одговори на прашањето: зошто патуваат писателите?)

Ако си го поставиме навидум едноставното прашање „зошто патуваат писателите?“ во оваа пригода би се обиделе да понудиме неколку можни одговори, и покрај тоа што веднаш им наоѓаме по некој контрааргумент или, по некоја „Ахилова пета“…

1. Писателите патуваат за да видат и за да доживеат нешто Ново
Како патник, писателот, секако, добива можност да види нешта што можат да ја раздвижат имагинацијата. „Набљудувачот е принц кој ужива во своето incognito каде и да патува“ – вели Шарл Бодлер, кој во финалниот стих од познатата песна „Патување“ поентира дека клучниот мотив на неговиот концепт на патување е да се нурне длабоко во Незнајното во потрага по Новото!
Но дали денес, во дигиталното доба и во „екранската култура“, во која за миг можеме да видиме слики/фотографии/кадри од секое место на Земјината топка сè уште важи Бодлеровиот сон за „нешто Ново“?
Еден вид луциден одговор ни нуди Итало Калвино, кој, уште пред експанзијата на интернетот, се сложува дека сликите од сите места на Земјата ни се достапни, но не и мирисите и вкусовите!
*** Еден вид (циничен) контрааргумент за тезата дека патувањето е потрага по нешто Ново, би била древната поговорка „Ништо Ново под Сонцето“.

2. Писателите патуваат бидејќи по патувањето сакаат да напишат нешто Ново
Уште од древните епoви па сè до современите патописи, уметноста на зборот ги манифестира своите длабоки, речиси нераскинливи врски со темата на патувањето. Говорејќи за „папочната“ врска на книжевноста со топосот на патувањето, Хајрих Хајне доаѓа до сознанието дека „патописот е најизворен и најприроден облик на роман“.
Како приврзаници на древната максима „оној што не патувал – исто како да не живеел“, некои од писателите (од Волтер и Бајрон до Лондон и Јурсенар) сметаат дека патувањата им биле еден од основните предуслови за книжевната креација, а други, пак, (од Ванг Веј и Башо до Кеурак и Вајт), токму на пат ги испишале своите најдобри редови. Возејќи се во париското метро, Жорж Перек пишувал песни, а некои писатели напишале цели книги летајќи со авион.
*** Неоспорно е дека некои писатели го опишувале тоа што претходно го доживеале во авантуристичките патувања (од Херодот и Марко Поло до Ибн Батура и Флобер), но сепак не треба да заборавиме дека голем број писатели (од Хелдерлин и Свифт до Верн и Уисманс), покажале дека човек и не мора да ја напушти својата работна соба за да патува. Преку книжевноста, несомнено, може да се остваруваат и „имагинарни патувања“.

3. Писателите патуваат за да запознаат други култури и книжевни традиции
Престојот во друга земја е можност да се видат природните убавини, да се запознае сензибилитетот и менталитетот на луѓето од таа земја. Соочувањето со друга култура преку патувањето може да биде поттикнувачко за опишување на тоа искуство во книжевните дела.
Во последната поетска книга на Петре М. Андреевски, насловена Лакримариум (1999), поетот во голем број патописни песни го доловува епифаниското искуство од средбата со културните придобивки на древната јапонска и кинеска култура. Во песната „Ли Тај По“, на пример, лирскиот субјект воспоставува поетски дијалог со својот колега од VIII век, поттикнат од местото на кое познатиот поет-скитник го завршил животот. Во повеќе песни поетот ја искажува својата фасцинација од обредното пиење на зелениот чај или од елеганцијата на движењата и дишењето во Таи Ци Чуан, која ја нарекува „бавна кинеска гимнастика“.
*** На тезата дека треба да се патува за да се сретнат другите култури би можеле да ѝ се спротивстави едноставниот аргумент: денес во парковите на сите континенти може да се видат луѓе што вежбаат Таи Ци Чуан. Како резултат на глобализацијата и миграциските процеси, културните придобивки, меѓу кои и чајната церемонија, се присутни насекаде. Сепак, чајот веројатно насекаде го нема вкусот на Зенот.

4. Писателите преку патувањето добиваат можност да ги воочат и културните разлики, но и сличностите
Секогаш е возбудливо да се види нешто различно додека се патува. Но за некои писатели може да биде возбудливо и кога ќе се сретне нешто што е познато од сопствената културна средина. Во кратката прозна белешка „Сличности“, поместена во книгата Дневник по многу години (1988), Блаже Конески раскажува дека во далечните земји најмногу го возбудувале токму нештата кои му биле познати од неговата татковина:

„И јас во Индија имав исти сензации. Ме возбудуваше кога ги гледав алките на портите, камењата за седење пред нив, лепешките што се сушат по ѕидиштата, и откривав од каде допреле тие културни придобивки кај нас. Во Ирак ме возбуди кога видов дека луѓето ги јаваат магарињата напреку преку самарот. Во Бразил се изненадив дека кафе се пие од исти онакви филџанчиња со ребра, од какви што се пиеше во нашата куќа во Небрегово“.

*** Иако звучи парадоксално, токму преку далечните патувања, за писателот целиот Свет може да стане еден голем Дом.

5. Писателите патуваат за да запознаваат други писатели
Писателите патуваат за да запознаат свои колеги, за да запознаат автори што ги читале, или автори што ќе ги читаат откако ќе ги запознаат.
*** Неоспорно е дека личните средби се незаменливи, но новите облици на комуникација овозможуваат брз и постојан контакт меѓу колегите писатели. Можности да се запознаат други поетики писателите секако добиваат и со едно влегување во книжарница или библиотека.

6. Писателите патуваат за да си ја преиспитаат својата поетика
Писателите патуваат за да им го прочитаат она што го пишуваат на луѓе што не ги познаваат. За голем број писатели е предизвик да се претстават пред публика која неутрално ќе даде оценка за нејзиното/неговото творештво. Одгласот во непознатата/туѓата книжевна средина може да биде причина за преиспитување на својата поетика.
*** Како контра-аргумент би можеле да се потсетиме на поговорката „Најтешко е да си пророк дома“.

7. Поетите патуваат и за да љубат
Патувајќи, поетите воспоставуваат и емотивни врски со земјите, градовите, културите и луѓето. Во оваа смисла, мошне илустративна е песната „Љуби, љуби, кога си во Љубљана“ од стихозбирката Ситночекорка (2012) на Ристо Лазаров:

љуби, љуби
кога си во љубљана
и да папсаш
утре пак ќе ти се љуби
љуби, љуби
кога си во љубљана
и имај на ум дека никој не знае
што носи утрешниот ден
и дали баш ќе биде нов ден ново љубење

*** Оваа теза некому веројатно може да му зазвучи премногу романтична.

8. Писателите патуваат и за да бидат љубени/објавени
Кога патуваат, писателите неретко носат по некој примерок од своите книги, кои неретко ги подаруваат на некој потенцијален нов читател, кој, понекогаш, случајно или не, може да биде потенцијален преведувач и издавач.
*** Оваа теза некому веројатно може да му зазвучи премногу прагматична.

9. Некои писатели патувале (и сè уште патуваат) затоа што немаат друг избор
Да не ги заборавиме писателите кои патувале и патуваат по светот, затоа што не се добредојдени во својата земја. Прогонети, тие патуваат во потрага по нов дом.
*** Писателите секогаш имаат избор, ако ништо друго, при изборот на секој нов збор во своите книжевни текстови. Секако, имаат избор и каде да биде новиот дом.

10. Писателите можеби патуваат за да можат и своите читатели да ги поканат на патување
Поетесата Соња Манојловиќ вели: „Поетот е патник кој ги наведува и другите да патуваат“. Ако се сложиме дека патувањето е секогаш различно и непредвидливо искуство, како и искуството на пишувањето и читањето, тогаш не треба да нè изненадува тоа што повеќе поети во своите опуси имаат песни под наслов „Покана за патување“.

*** На патувања, покрај писателите, постојано нè покануваат и туристичките агенции, нели?

АвторВладимир Мартиновски
2022-08-31T20:02:39+00:00 август 29th, 2022|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 145 - 146|