Поезија и култура

/, Литература, Блесок бр. 56/Поезија и култура

Поезија и култура

Кант рече дека Хјум го разбудил од догматската дремка. Голем дел од поетскиот свет допрва треба да се разбуди од својата догматска дремка, задоволен каков што е со својот млитав, внатрешно насочен поглед. Остатокот од светот може да поминува: на оние кои ги подготвуваат одобрените поетски портали им изгледа добро – мирни мориња и просперитетни патувања! Семиотика, деконструкција, бриколаж, ера на механичка репордукција, Лакан, Дерида, принцип на несигурност – ова се константни елементи на постмодерниот сензибилитет кои го пиратираа добриот брод на Романтизмот. Бродот исполови на несигурни, нихилистички мориња, но скоро сите беа среќни што се на него. „Сега патникот плови за да бара и да најде“ рече Витман. Но, ова повеќе не вредеше. Дали сега е само „Плови напред“, бидејќи нема што да се пронајде, движење заради движење, јазик заради Ј=А=З=И=К, итн. Меѓутоа, плурализмот не значи прифаќање на валидноста на сè што се нуди, бидејќи голем дел од она што се нуди е медиокритет. Осеката на империјалното сè уште може да почива на малцинствата кои се држат за грбот на починатите како планина на книги, во булимично незнаење.
Сигурно е потребен нов хуманизам, но тој не може да ја користи терминологијата за победување на трки – уметноста кажува повеќе од науката; науката достига подалеку и објаснува повеќе од уметноста. Еден поет има многу да научи од научната и технолошка револуција. Но, поетот не е научник, освен неколкумина, и наша работа е да го користиме јазикот за да го опишеме светот и нашите чувства, а не да се обидуваме јазикот да го правиме метафоричка адаптација на квантната механика, теоријата на низите или фракциите, до оној степен до кој јазикот може да ги прикаже аспектите на овие предмети во својата стиховна техника.
Ако сме мудри, би им завидувале на врската на Ниче и Вагнер. Без лажните, розови очила на Хајдегер/Арент, Сартр/де Бувоар, овде има врска базирана на естетски авантуризам и страсна интелектуална конфронтација која нема заложници за иднината. Нема неизбежно испаѓање, како што често се случува со херојските умови, и погрешни потези од двете страни, но колку злато е закопано на уметничките и филозофските брегови по патот! Колку незадоволителни се чинат нашите поетски школи во однос на нивниот студен теоретски тотемизам. Гручо Маркс: не би сакал да припаѓам на ниеден клуб што би ме прифатил како член. Австралијците беа малку премногу горди на својата способност да се шегуваат со сè и со секого; дивјачката иронија и сарказам ги чекаа сите кои се надминуваат себеси. Проблемот беше што уметноста бара да се надминете бидејќи уметноста оди понатаму од она што не може да се дофати. Ова беше мистерија за австралиските уметници. Дали ќе играат според идеологијата која е суштинска за историјата на осудениците и само ќе му се смејат на светот, или дали по своја волја ќе го одберат прогонството кое ги чека на патот на сериозноста – лаконскиот австралиски говор со својата загриженост за прагрматичното секојдневие, кое е во некаква колизија со барањата за меморабилност и изразување на комплексни чувства. Па, казните беа соодветно распределени: Маргарет Сатерленд живееше во виртуелен егзил во својата татковина; брукнеријанската конфронтација на Франсис Веб со земјата и со духот се игнорираше, измачената визија на Џој Хестер чекаше за поминат години откако таа беше под земја за луѓето да видат што им дала*. Овие се некои уметници кои мораа да направат тежок избор. Тие беа иронични кон себе, но не и кон својата уметност. Чувствата, контрадикторни и комплексни, и интелигенцијата, вознемирувачка и антитетичка, беа очигледни кога уметниците избираа да се предизвикаат себеси, не со технолошките алатки кои им беа при рака, туку со уметничката осаменост, со строгоста на Музата, несрдечна и нељубезна, нефинансиран и често непризанат тежок труд осветлен од визионерски сјај. Во уметноста секогаш дејствува едно иронично џуџе, и секогаш е дел од секој корисен уметнички потфат, но кога оваа иронична компонента почна да доминира со сензибилитетот на една уметничка форма, тогаш капацитетот на таа уметничка форма да одговара на комплексноста на светот се намалува. Што друго може да следи по крајната иронија освен стерилност и ирелевантност.
Се сеќавам на првиот пат кога го видов делото на Луциан Фројд, воопшто не ми се допадна. Само искуството и поголемото знаење за фугуративното сликарство ме натераа да сфатам дека овде има прекрасна уметничка сериозност и совршена техничка вештина. Фројд воопшто не ги прифати –измите и –логиите на дваесеттиот век, и во меѓувреме, ја плати цената за тоа. Сериозно да се разгледа Фројд е забрането искуство, вистинско, ослободувачко искуство. Кога ги гледам неговите слики и цртежи, го сеќавам присуството, влијанието на Рембрант, Констабл и Ингрес, и знам дека имам многу да научам од тоа соочување, лекции кои не сум бил подготвен да ги примам. Се чини дека некои уметници сега веруваат дека немаат потреба од наследство. А некои поети мислат дека можат пак да го создадат јазикот. Нивното познавање на историјата е толку мало што не сфатиле дека само на многу малку писатели им е дадено да го преправат јазикот на таков трансформирачки начин. Би било врвна иронија ако иднината реши дека овие обиди да се револуционаризира јазикот го сведат статусот на поезијата на некаква езотерична јазична игра. Иронијата како стимул, според терминологијата на Киркегард, сигурно. Не може да има поголем пример за ваквата иронија од Шостакович кој во сатирична и трагична двојност вклопи цела една емотивна и интелектуална космографија, иронија способна да ги цитира и Росини и Вагнер во својата последна симфониска конфронтација. На крајот на Die Meistersinger, Саш му кажува на Валтер да ги почитува учителите, мајсторите пејачи, а Валтер му вели дека нема потреба од нив. Вагнер вели дека е суштинско да се има знаење за уметноста која нè довела до сегашниот миг. Ова нема никаква врска со закопување на главата во песок – како класичен суткист – а има секаква врска со знаење на доброто што не е во коските, уметноста која стои како предизвик на сè што постигнуваме и која е наша должност да ја почитуваме – или што би останало кое е вредно? Овде треба да има радост, а не анксиозност, од влијание. Не можеме повторно да го измислиме светот; ова е истиот свет кој ги произвел Есхил и Еврипид, Њутон и Ајнштајн, без оглед колку се заводливи технолошките чуда, со нивните најави за трансформирачко искуство, кои сега се пред нас. Ако еден поет верува со Џон Кејџ дека целта треба да биде да се покаже дека нема цел, тогаш иронијата нема да биде многу интересна за идните читатели. Но, ова е изборот што го правиме, со јазикот кој го користиме, со нашата поетика и естетика.
Поезијата го отелотворува златниот нерв на нашата состојба, импулсот кој го препловува нашиот свет, сеејќи ја во самогласките и слоговите исклучително ранливата, а сепак цврстата човечка состојба. Може да чувствуваме голема иронија со која се соочува задачата за производство на уметност во една ера, која во одредени аспекти се чини дека ја тривијализира уметноста и идеалот на уметноста – тоа секогаш била судбината на уметникот. Но во поезијата, и треба да кажам, и во другата уметност, таа иронија никогаш нема да биде доволна, освен ако не се откажеме од цивилизацијата. Мораме да се придвижиме од иронијата и од нихилизмот и скептицизмот кои се природни на ироничниот дискурс, кон поистражувачка и поекспресивна естетика. Чувството што доаѓа по иронијата, дека тоа е нешто со кое мора да се соочиме, како што одиме кон изворот кој не одвел од амфорите до кибер просторот. Да се биде вреден на тој имплус е должност на поетот.

*Маргарет Сатерленд, Франсис Веб, Џој Хестер: по ред, австралиски композитор, поет и уметник.

Превод од англиски: Елизабета Баковска

АвторПитер Николсон
2018-08-21T17:21:15+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 56|