Поезија и култура

/, Литература, Блесок бр. 56/Поезија и култура

Поезија и култура

Да се бара и да се најде: Поезијата и ограничувањата на иронијата во новиот милениум

Катастрофалните настани од 11 септември 2001 година очигледно беа епски момент во светската историја. А и во културната историја. Тука, со дантеовска конечност, се случи брутална конфронтација на уништувачкиот фундаметализам и капиталистичкиот плурализам. Уметноста е политичка, и импликациите за уметноста кои произлегуваат од овој напад имаат комплексни одгласи. Уметничките периоди никогаш не завршуваат со точка со таква катаклизмична сила, и, без сомнение, во годините што доаѓаат, сè уште ќе има луѓе кои ќе ни ја наметнуваат својата несериозност во име на некој завршен дел на очекуваната модернистичка нирвана. 11 септември требаше да ни донесе политичко и уметничко расчистување. Така, австралиските уметници имаат добра причина да се соочат со традицијата во која работат и создаваат, по насилствата на Бали на 12 октомври 2002 година. Што ни дадоа модернизмот и постмодернизмост, и кои се ограничувањата на нивните естетски културни агенди. И каде ќе одиме од оваа точка.
Од онаа страна на доброто и злото на Ниче може да се прочита како брилијантна интелектуална вежба без да се разгледува неговиот презир за она што тој го нарекува „ропска моралност“. Можеби може да се тврди дека Ниче е кум на сегашното губење храброст меѓу поетите, иако ова не би било фер – се чини дека Фонтана на Душамп е поверојатен предок на оваа појава. Всушност, немаше надминување на доброто и злото, дури ни како љубов, како што имаше јасни огрнаичувања на филозофското и уметничкото ослободување кое го предлагаа модерните и постмодерните сензибилитети. Ако Волтер беше зачетникот на просветителството, тогаш сигурно, еден чин на терор беше симболичниот црн крај на едно движење на културно експериментирање кое ни сите рефернци на Џојс, Елиот и Бекет, Маларме, Кафка или Сартр, Шопенхауер или Фуко не можат да го соберат од ентропија. Дали овие слики можат да бидат посурови: контрастот меѓу уметноста која се насладува со себеси, сè повеќе во иронија, по цена на секаква сличност со одговорност кон својата сè порамнодушна и помала читателска публика; а таму, во безбројните очајни дела, острите неизбежности на финансираната забавна иднина стануваа на изглед непотребни. Во поезијата, пригодната чувствителност имаше пропаганден напор во нејзино име налик на оној на Гебелс, но можната публика никогаш не се убеди, ниту од самата уметност ниту од кашата на теоријата која ја опкружуваше. Принципот на рафинираност можеби однесе многумина до очајните брегови на стиховната техника во која исповедниот начин скоро да стана терапевтски повик за помош; многу современи стихови политикантски приграбија сличен принцип. Таму, разбраните основни правила се базираа на а приори претпоставка за она што минало пред целата историја на поезијата да не биде повеќе адекватна за да ги исполни јасните барања на храбриот нов свет. Бидејќи истражувањето на клетките и силиконските чипови може само да го зачува чувството на добробит до одреден степен, некои сега отвораа ново-еволвирана и супериорна стиховна техника која ќе го освоеше деконструираното минато и ќе нè доведеше до свежа и разбрана поетика. Или не. Добро беше да се биде загреан за модернистичката етика или сплотен со ле Корбузие. Реалниот живот во зградите се покажа како сосема друга работа. А живеејќи во, или со песните истакнати од етаблираната критика како вредни за почит често ги остави читателите напуштени во лавиринтот која можеше да ги доведе само до патека во напуштена културна градина.
Голем дел од критичкиот етос на нашата култура, со својата мрежа на конзервативни, современи и авангардни сензибилности сега се чини како несоодветна систематизација на комплексностите во важните уметнички дела. Во еден брз и неочекуван чин на храброст, милост или смрт, или долгиот труд кон некоја човечка гордост – хуманитарецот кој следува во правот и крвта, учителот кој незнаењето го заменува со учење – има алтерантивен поетски чин кој нема потреба да постигне естетика. Како уметници, научивме да ја затвориме уметноста во соодветни и ограничувачки пенкала; животните во неа потоа му се продаваа на оној кој нуди најмногу. Некои дадоа големи пари за експресионизмот на Њујорк; други платија високи суми за самоубиствен шик; преку ISCM дадоа цело богатство за електронската екстравагантност на Буле. Но нешто чудно се случи, бидејќи сè повеќе се чинеше дека очигледно застарената уметност на деветнаесеттиот век не отишла понатаму од она за што привремено се зборуваше. Тристан и Изолда звучеше плитко, но Verklärung чекаше на крилја, а совремноста немаше време за преобразувања. Поезијата на Емили Дикенсон зачудуваше со својата дивјачка радост; Гоја влечеше револуционерно безредие на работ на плантното, кое зоврива со слика на катастрофа. Но, уметничките вљубеници, безбедни во своите западни енклави, немите стада кои тргуваат со својата кротка електронска пошта, сосема ја промашија поентата. Човек никогаш не е пред историскиот момент, колку и да е примамливо да сака да биде поинаку. Во поетскиот свет имаше некое не многу логично исполнување на желби, базирано на празна потреба да се преземе шемата на награди за временскиот патник кој е пред сите. Сигурно, зборувањето за уметноста и теоретизирањето за уметноста стигнаа до една точка во која секундарните цели – да се зборува за уметноста, дојдоа во опасност да ја заменат примарната цел – уметноста. Ако Австралијанците се грабаа за луѓе кои трчаа или пливаа брзо, или вешто удираа најразлични топки, како очаен лек за неможноста да се соочат со својата судбина – абориџинството, соленоста, тешката политичка реалност – останатиот западен свет покажа дека исто така ја избегнува реалноста. Надворешната политика не успеа кај сиромаштијата на милионите; политичкиот имеперијализам се предаде на тријумфализмот; фанатичката омраза одеднаш ја појасни страшната цена на парцијалниот, саможив поглед. Мандаринските енциклики испратени од политички коректни, или некоректни клириншки куќи немаат никаква врска со создавањето на искрени уметнички дела; да се видат толку многу поети како се сместуваат во нив беше само уште еден знак дека поетскиот свет губи во сила, разновидност и виталност и покрај фактот што сега се објавува повеќе поезија од кој било друг период во историјата. Но како да вработите еден поет, бидејќи секој разумно добар поет ќе биде Касандра која се оддава на пророчко оплакување: тоа никогаш не поминува добро кај персоналот.

АвторПитер Николсон
2018-08-21T17:21:15+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 56|