Песната на создавањето и пресоздавањето…

/, Литература, Блесок бр. 13/Песната на создавањето и пресоздавањето…

Песната на создавањето и пресоздавањето…

Раката во неповторлива нежност
ја буди чудесната сила на материјата…

#10 Втората околност од значење во развојот на академик Серафимовски како скулптор, е неговото враќање на домашното огниште, среде традицијата на својот македонски народ. Имено: таа традиција никогаш ниту била – ниту пак можела да биде – заобиколена од големите духовни движења на античката епоха, на византиско-римскиот културен круг, и на христијанизацијата во која македонскиот народ изврши цивилизациска мисија во Европа, посебно меѓу Словените. И кога била најмоќна, и кога била помрачена нејзината моќ, Македонија била во центрот на духовните зрачења на најзначајните филозофии и доктрини кои се одвивале на просторот на Мала Азија и Медитеранот. Томе Серафимовски, значи, се враќа на своето домашно огниште, во амбиент на византиски строги, словенски достоинствени, помирливи и меланхолични луѓе, некој вид поклоници кои не говорат многу, но кои, молчејќи, како да извршуваат некои неми обреди. Академик Цветан Грозданов, ерудит, компетентен познавач и толкувач на овие прилики, појаснува дека Томе Серафимовски се појавува и дејствува во средина која со векови имала отпор кон слободната скулптура; дека скулптурата во сакралната уметност се третирала во функција на архитектурата и на применетите уметности, и уште дека: „Отсуството на традицијата во третманот на слободната независна скулптура, го определува и исклучителното место и мисијата на овој автор, во македонскиот литературен простор, но и надвор од него… Во неговата определба за класичните текови на европската скулптура, без нагласена традиција во неговата татковина во претходниот период, Серафимовски можеше да ја следи само својата вокација и инстинктот за опстојување под суровата вертикала на Шар Планина и Кораб, чии врвови го допираат небото, или во тегобноста на долината што води кон Бигорскиот манастир. Кон нив можеме да ги приклучиме само уште чистите строги линии на мијачката облека која го отвора патот кон класичната епска едноставност“.
#4 Враќањето на младиот скулптор на неговото родно огниште, значеше враќање во митски и херојски простор; среде традиција на сакрални симболи; во средина во која беше втиснат печат на обезнадеженост и страв. Но тоа враќање значеше и еден поинаков допир со реалниот простор на својот народ и неговите епски традиции, народ чие историско паметење, независно од сите погроми, немаше сила која да го згасне. Се врати во средина на старци, чиниш во истиот миг излезени од библиските простори, поседнати околу огниште и загледани во огнот; од огнот тие ја учеа сета метафизика на македонскиот дух. Но Серафимовски, едновремено, се врати и во предел на јарки лета и јадри плодови. Се врати таму каде сè околу него зрачеше медитеранска лиричност и сентимент.
Костурот во ателјето на младиот скулптор веќе беше подготвен. Покрај него стоеше куп глина, истата материја од која Бог го создал и човекот. Тој човек чекаше свое пресоздавање. Сега сè зависеше само од мислата на уметникот и од неговото срце, овоплотени во дарбата на неговите раце.
Цели триста векови, од камената епоха наваму, единственото исходиште на скулпторот бил и останал – праобликот. За скулпторот, како творец, не е достатно само да чуе и да види. Нему му е неопходно да ја допре материјата, да ги открие нејзините невидливи движења, да ги насети нејзините импулси кои ќе го поведат кон формата и кон енергијата. Раката е негово око, негово уво и негов збор. Раката е сиот негов дух: неговата сива птица – гулабица која го облетува мракот околу материјата и со чија помош латентниот облик изнуркува на светлина.
#5 Во неговата дланка е населена моќ имагинацијата да се пресоздава во свест со која се влегува во просторот. Дланката е неговиот мозок, сите негови нервни патишта и синапси. Преку дланката тој гледа, слуша, допира; преку неа чувствува и мисли; со дланката го одгатнува психограмот на обликот кој допрва ќе се роди, среде безобличноста и хаосот околу него. Со неа ќе ги пренесе сите тајни на оној и на она кои, од сега натаму, ќе бидат заробени во глината. Сето паметење на она кое се обликува – ќе ѝ биде пренесено на глината. Таа ќе ги осознава тајните на тоа паметење; таа ќе се здобие со дарба да мисли и да проповеда; да се крсти и да се моли; да страда и да пее…
Во миговите дури ја нафрла и пласти глината – скулпторот е отсутен: него го заменува неговата рака, неговата дланка која, во непредвидливите тактилни операции со глината – и чувствува и мисли место него. Во стравот од просторот, што се раѓа кај секој скулптор кога се соочува со глината, населена е свеста на народот. Од таа свест се раѓа и аскезата во изразот на ликот, и неговите сентиментални зрачења, и напластената хармоничност, и заоблените лирски линии, свечености и животни ритми. Раката на скулпторот – творец на недостижни космичко-поетски визии…
Башлар, на оваа тема, ќе рече: „Раката, во крајна нежност, ја буди чудесната сила на материјата. Сите динамички соништа, од најжестоките до најитрите, од металните бразди до најнезабележливите гребнатинки, живеат во човечката рака, синтезата на силата и на вештината“.

Во тие горди и достоинствени епици
препознаваме автентичен аспект
на нашето историско паметење …

#3 Во почетната етапа, 1957-1965, Серафимовски беше преокупиран со фолклорни и интимни мотиви: Овчарче од камен кое свири на кавал, Мотив од Шар Планина, Зурлаџии, Збег… Тоа се мотиви со кои довикуваат неговото детство и разиграните и идилични ритми на природата под Шар Планина. Семантички едноставни изрази на невин, сакрален свет; возвишен порив кон лирската многузвучност на родниот крај. Обид да се продолжи линијата на детството и на младоста, со редуцирани елегични орнаменти, како искази на тага по одминатото. Но тука е и една неодминлива реторичка компонента (Збег) која, во сеќавањето на детето, се идентификува со недоодминат апокалиптички страв од некои настани во НОБ на Македонија.
Но она кое Томе Серафимовски брзо го издели како автентичен и неприкосновен толкувач на македонската историска и епска парадигма, е циклусот посветен на македонските преродбеници, создаван во подолг континуитет. И доколку насловите кои беа претходно остварени претставуваа негов прв обид лирските импулси на детето во него да ги зароби во цврст материјал, со тематскиот круг посветен на преродбениците, Серафимовски, брзо и ефикасно, заокружи еден исклучително значаен тематски циклус со кој, на својата скулпторска креација ѝ обезбеди непосреден дијалог со македонското минато и македонската духовна и морална вокација.
#2 Дијалогот што го води Серафимовски со предводниците на македонската културна преродба, не е ниту патетичен, ниту дневен, ниту имагинарен. Тоа е еден говор низ молк меѓу креаторот и нашите трагичари, мудри аскети, романтичари и достоинствени ликови, чие дело се остваруваше „во една глува доба“. Тоа е израз на супериорна вајарска експресија која, низ епски навеви, оствари тематски циклус низ кој дише сето наше духовно херојство.
При реализацијата на портретите од овој циклус, Томе Серафимовски стоел пред големо искушение: за поголемиот број личности кои ги портретирал, тој располагал само со нивното дело, со нивните биографии, и уште со по некои скудни податоци и записи за нив. Физиогномијата и психологијата на портретираните преродбеници, всушност, се творечка имагинација на Серафимовски. Ние ги примивме такви какви што ни ги предлага зашто, спроти тие горди, достоинствени, фрлени во длабок очај епски личности на нашата историја, Серафимовски стои и со отворено срце и со голема дарба. Така, низ овој циклус препознаваме автентичен глас на нашата историја и на нашето историско паметење. Станува збор, значи, за брилјантна идеја и естетска разрешница: од сега натаму, секој од овие ликови, покрај својата литерарна и историска – има и своја ликовна паралела.
Во реализацијата на овој циклус, Томе Серафимовски се определил за антиномичен поглед кон историјата: ниту апсолутизација на автономната иманентност на уметноста надвор од историските факти, ниту пак гол историцизам.

Скулпторско писмо кое раздиплува,
слој по слој, во соништата на ликовите…

#6 Паралелно со циклусот на преродбениците, со цел да обезбеди увид во духовниот континуитет на својот народ, Томе Серафимовски го остварува и циклусот портрети на наши современици, знајни и лесно препознатливи ликови на творци, почитувани и блиски пријатели на скулпторот. За разлика од циклусот на преродбениците, тука Серафимовски има жив допир со секој и тоа му овозможило од нив да го извлече најдискретното и најкарактеристичното на нивната физиогномска и душевна посебност.
Циклусот на современиците е остварен со разигран и спонтан ликовен јазик. Тоа е класично скулпторско писмо со кое, Томе Серафимовски, раздиплува слој по слој, и во психологијата и во соништата на ликовите, ги напушта формалните физиогномски дублирања, редуцира одредени партии и ги заменува со мазни површини за да обезбеди поинаков тек на светлината низ нив и преку нив; да нè доближи до светот на разиграните асоцијации, сврзани со психолошката посебност на секој од нив. Со други зборови, Серафимовски мајсторски ги открил и ги доназначил психолошките белези на ликовите кои ги креирал, редуцирајќи ја до максимум патетичноста на нивниот израз. Тоа се интензивно озрачени личности, интелектуално богато осмислени и лирски дефинирани. И во случајот со циклусот на современиците, се покажува колку тешко се дели пластиката и од традицијата, но и од современоста.
Томе Серафимовски, со исклучителна инвенција, забележал, исто така, дека митологијата и надреалноста се апсолутни составки на творечкиот чин, па еден Марко Цепенков не можел да влезе во неговото ателје без Силјана од Долно Коњари, Блаже Конески, без неговиот Болен Дојчин и Славко Јаневски, без Итар Пејо. Така, со исклучителна луцидност, Томе Серафимовски, низ богати асоцијации кои, во случајов, прозвучуваат како иконографски детали, ги надградил своите ликови едновремено формирајќи нов циклус митологеми и легенди.

Имагинарен вјавач
на земски и небески коњи…

#8 Томе Серафимовски, независно од поетизацијата и лирскиот и меланхоличен исказ со кој нашето историско сеќавање го напласти во трајноста на скулпторската маса, не се задоволи само со естетизирањето на македонскиот историски и духовен простор туку, тргнувајќи од својот темелен естетски принцип – човекот да претставува водечка тема на неговото творештво – во една своја етапа, се определи за обликување и на поминијатурни лирски форми во кои исцело дојде до израз неговото лирско чувство и неговиот медитерански сензибилитет.
#9 Тие облици се продуховени модулации на женското тело од кое зрачи девственост и нежност. Тоа не се пренагласени еротски облици, туку камерни поетички митови за жената кои прозвучуваат искрено и топло. Тоа се суптилни музички етиди низ кои зрачи елегична интонација на сензуалното и на подзаборавената семантика на девственоста и несторениот грев. Тоа е впечатлива поетска метафора за убавината на женското тело на кое му е противставен сублимираниот симбол на невидлив, имагинарен вјавач на земски и небески коњи под чии копита светкаат искри, како доказ на неговата мажественост и моќ.
Прошетавме низ творештво на звучни метафори, напластени во строгоста и вечноста на каменот и на бронзата.

АвторАнте Поповски
2018-08-21T17:22:05+00:00 март 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 13|