Обраќање со поезија и песна: Африкански простувања – премногу софистицирани за Западот

/, Литература, Блесок бр. 38/Обраќање со поезија и песна: Африкански простувања – премногу софистицирани за Западот

Обраќање со поезија и песна: Африкански простувања – премногу софистицирани за Западот

По Втората светска војна специфичен модел за справување со ужасната неправда беше да бидеш ставен на масата на светот. Таа имаше две главни ногарки: сите жртви беа третирани исто (мајката која го изгубила својот син во борба за апертхејдот, сведочи веднаш до мајката која го изгубила својот син во борба против апартхејдот. Ова открива дека луѓето ги повредува едно исто нешто). Втората важна ногарка беше да се користи простувањето како начин како да се сопре кругот на насилството.
На крајот на истиот век црнците од Африка ставија нов моќен модел на истата маса. Важно е да се забележи дека тогаш за првпат пред светот беше изнесена вистински предизвикувачка алтернатива. И сепак, и покрај тоа што таа беше поздравувана, фалена и наградувана, не беше, а и сè уште не е признаена како алтернатива која вреди да биде следена од страна на Првиот свет.
Како новинар и поет, Сандил Дикени (Sandile Dikeni), еднаш забележа: Она што црнците го велат нема вредност, бидејќи ние смецрнци. Философијата која ја практикуваат Африканците се третира како егзотична африканска маска – да биде обесена дома, или фотографирана за брошури, но никогаш да не биде третирана со истото количество на респект како западните философии.“
Овој вид расистичко поведение досега и подалеку. Претседателите и премиерите на владите кои не се колебаат да ги нападнат другите земји, патуваат околу целиот свет со своите слики заедно со поранешниот претседател Нелсон Мандела.
Тие нема да остават нефрлен камен врз „злосторниците“ пред нивните судови, но го прегрнуваат Мандела затоа што простил за сите негови убиени луѓе.
Зошто? Дозволете да кажеме со одредена доза на срам: затоа што Западот го разбира гневот, фасциниран е од одмаздата и длабококо í се восхитува на омразата.
Толку нешта сега вибрираат околу нас, тука, во градот во кој седиме, во овој век, но ние повеќе не знаеме како да ги слушаме ѕвездите, да ги мирисаме камењата, да го допираме воздухот, да гледаме во срцето на небото. Тоа не е така за Бушманите. Во нивната егзистенција на ловци и собирачи, стара илјадници години, тие го познаваат звукот на ѕвездите. Западот е свесен за него дури од 1930-та – во Кембриџ Џозелин Бел (Jocelyn Bell), изгради огромна антена за да ги слуша звездите.

Но Бушманот знае:
Што говорат ѕвездите

ѕвездите го земаат твоето срце
не затоа што се по малку гладни
ѕвездите го заменуваат твоето срце со ѕвездено
така што ти никогаш повторно да не бидеш гладен
бидејќи ѕвездите велат: „Тсау!, Тсау!,“
а бушманот вели дека звездите ги колнат очите на газелата,
ѕвездите велат тсау, тие велат „Тсау!, Тсау!,“
тие ги колнат очите на газелата,
јас растев слушајќи ги звездите,
звездите велеа „Тсау!“ и „Тсау!“,
секогаш беше лето кога тие велеа „Тсау!“

Зулу приспивна песна

Thula thula Mama thula Samthata sambeka ekhaya wasuke wakhala wathi hayi Bawo

Што би можело да се каже: има 40 милиони луѓе кои се наведени на патот на напредувањето, или ова укажува на нешто премногу софистицирано, радикално, кое што Западот има проблем да го разбере?
Она што со сигурност може да се каже е дека она што се има случено тука нема никаква врска со христијанството, инаку би можело да функционира и во Ирска и во Америка. Всушност, се чини дека Bible Belt честопати е во првите редови во повиците за одмазда.
Тоа, исто така нема никаква врска со влијанието на белците; белците особено африканските, не веруваа, и сè уште не веруваат, во процесот на вистината и на помирувањето. Кога се меѓу своите, тие би рекле: што не е во ред со овие црнци, тие не знаат соодветно ни да мразат, а ние сега треба да ја делиме земјата со нив.
Исто така неверојатно е дека група главно млади луѓе, израснати во деценијата на масовна акција, одненадеж би прифатиле нешто коешто е спротивно на нивните желби, едноставно бидејќи двајца старци, Туту или Мандела, рекле така.
Би можела да го кажам следново: Дерида не го разбрал Туту, ако го гледа единствено како христијански лидер. Буш греши ако го смета Мандела како особен државник. Обајцата, и Туту и Мандела, ќе бидат први кои ќе ви кажат дека тие мислат во согласност со црнечката јужноафриканска заедница. Суштината на тоа што тие се, е суштината на тоа да се биде црнец во Африка.
Иако тоа не е лесно за сфаќање од страна на еден западен ум, тоа беше сфатено од страна на една неписмена мајка со скршено срце, на еден од седумтемина од Гугулету, чијшто син беше брутално застрелан од полицијата.
Синтија Нгеви, мајката на Кристофер Пит, рече:“Ова нешто што се нарекува помирување… доколку јас добро го разбирам… доколку тоа значи дека овој злосторник, овој човек кој го уби Кристофер Пит, доколку тоа значи дека тој повторно ќе стане човек, овој човек, така што јас, така што сите ние, повторно да ја здобиеме својата човечност… тогаш јас се согласувам, тогаш го поддржувам сето ова.“
Она што таа го знае, а Буш не го знае, е тоа дека личноста која убила нечиј син го сторила тоа затоа што ја изгубила својата човечност. Она што таа го знае, а Буш не го знае, е тоа дека и во негов и во нејзин интерес е таа да му помогне на злосторникот да си ја врати човечноста. Она што таа го знае, а Буш не го знае, е тоа дека доколку го убиете злосторникот вие ја уништувате својата сопствена можност да си ја вратите вашата човечност. Вие го замрзнувате вашето општество во нечовечност.
Жената од колибата во Хаутбеј не простила затоа што сметала дека сега може да го добие она што белците го имаат. Таа простила бидејќи согледала дека белците ја имаат изгубено својата човечност во сето нивно богатство, таа не го исполнила нејзиниот полн потенцијал да биде хумана. Таа простила за да ги хуманизира белците.
Така, прашањето не треба да биде упатено кон жената во колибата, туку кон белците во големите дворци: што направивте за да покажете дека сте трогнати од фактот дека толку благонаклоно ви беше простено, и што правите сега за полека да си ја вратите сопствената човечност?
Се разбира, истото ова прашање треба да му се постави и на Западот: вие имате премногу крв врз вашите раце, вие го ограбивте половина свет за да го уживате удобството кое го имате, вие одамна сте ја загубиле вашата човечност. И бидејќи вие сте толку не-човечни, ние се бориме да останеме човечни. Вие имате потреба од нас, не за да нè експлоатирате, туку за да си ја повратите вашата човечност.
Ужасни нешта се имаат случено и сè уште се случуваат во христијанските општества. На истиот начин, ужасни нешта се имаат случено и сè уште се случуваат во африканските општества. Но светот станува посиромашен кога се инсистира на тоа дека она што се има случено во Африка е чудо (и, следствено, не е насекаде применливо), наместо да го признае како еден од најголемите морални придонеси во 20-от век.

Пофална песна

(компилирана од Хоса, Зулу, Венда и Сото пофалните песни)

земјата се тресе за белците
зелените долини рикаат, сите планини се тресат
моќните нации подивеле
бидејќи една мала земја донесува вистински метеж, една мала земја се превиткува за да ја скрши загубата, за повторно да ја пронајде формата на човекот, повторно да го пронајде бидувањето со и на другиот, земјата навистина се тресе, земјата вистински се тресе.
Те поздравувам земјо-која-се-тресеш, те поздравувам земјотресачу, млечно кафен сину на прататкото Мандела, обоена кожа со жив сјај во куќата на Сокхавулела кај вооружениот Дломо, во Нгколомсила тајната птица која е толку висока што чекори со своите колена, која што е толку висока што ја мери водата со својата кожа.
Железо коешто јаде железо во местото Даба, секира која сече гранки од трнот, која ги сече темните места на глупоста, ги посетува сите гребени на земјата, таа се движи и светот е во метеж, таа прободува како игла
овој убав човек, овој изразито убав човек од куќата на Мхикакра, сите одежди на моќта му прилегаат, ѓерданот на водачите му прилега како и нежната еленска наметка, сè му прилега, црвениот окер му прилега, дури и кога не го носи
ете зошто белците се тресат загрижено, ете зошто тие одат на сите четири од страв, тој незапирливо навлегува помеѓу нив, ги вознемирува, ги уништува, ги потресува
Те поздравувам земјотресу, те поздравувам Мандела кој ја откри патеката па сега појасно свети, другите нации го нарекуваат исклучителен, дури и имбонгите го нарекуваат така: сјајните отворени патишта на Африка, зрачат низ него, но зраците на новата светлина не се добредојдени од сите, сонцето кое се крева ги гори ќелавите глави на злите, слушни како брмчи нивната празнотија, види како нивната алчност ги придвижува, ги гледаш само нивните грпки кога голтаат сè, тие ја трујат водата грабајќи сè за себе
Зборувај без страв, сину на Зондва, не плаши се да им ја кажеш вистината на луѓето од Запад, тие зборуваат само на својот сопствен јазик, тие ги посетуваат само своите сопствени луѓе, тие немаат приказни за другите, тие зборуваат со другите како да се купишта нечистотија, тие мислат дека златото свети повеќе од стадата говеда, тие мислат дека земјата ја чувствува само нивната сенка, тие живеат како скакулци, имбонгите ги нарекуваат оние кои се неспособни да споделат, оние коишто лесно живеат без да ја почитуваат својата заедница.

кажи им ја вистината мој лидеру, дури и смртта да те чека, твојот живот толку совршено ти прилега, ти во твојата крв го имаш достоинството на грижата, ти дојде за да му кажеш на светот за праведноста, додека ти зборуваш секоја изгубена коска во Африка се враќа назад на нејзиното вистинско место,

дозволи им да те слушнат, о дозволи им.

Превод од англиски: Еморфија Цилимингас

АвторАнтји Крог
2018-08-21T17:21:36+00:00 септември 1st, 2004|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 38|