Новото лице на театарската музеологија

/, Литература, Блесок бр. 57/Новото лице на театарската музеологија

Новото лице на театарската музеологија

Театарска музеологија – архивирање на сеќавањето

Колективирањето и колекцирањето на сеќавањето, на паметењето, во театарскиот контекст секогаш значи собирање на повеќе различни делчиња, кои треба да ја комплетираат целосната/комплетна слика. Затоа во театарскиот музеј, се архивирани само делови од сеќавања – фотографија, слика, звук, видео, костим, скица, сцена, текст, белешки. Секој од овие делови мора да му помогнат на театрологот да дојде до комплетирање на сликата, со помош на реконструкцијата. Сега доаѓаѓаме до клучниот елемент во процесот на архивирање на сеќавањето – а, тоа е истражувачкиот, научниот аспект, а не само колекционерството и изложувањето само по себе. Театарската музеологија е специфична дисциплина која се фокусира на понатамошно „воскреснување“ на претставата, преку собраните повеќе, разновифни и разноформни предмети. Не само чување, собирање, архивирање, презентирање на театарскиот артефакт, туку и негово понатамошно истражување, набљудување, имплантирање во повеќе различни контексти и негово аплицирање во понатамошни студии. Од ова треба да се заклучи дека процесот на театарската претстава продолжува постојано и континуирано, нудејќи повеќе метаморфози на самиот чин, преобразби кои не само што се иманентни за уметничкото дело театарска претстава, туку се и негово основно обележје. Театарскиот музеј секогш ќе нè потсетува на големите, величенствени изведби, „што сме ги виделе и другите што се легендарни.“ (Schoulvaaloft, 1987: 4) Неговата цел е да ги повикува, воскреснува, присеќава театарските претстави.
Моето лично инсистирање на потребата од театарски музеј, на архивирање на театарското сеќавање, не е само иницирано од мојот личен однос кон театарскиот артефакт, туку и од подемот на музеологијата на културолошко рамниште во последниве скоро десетина години, поточно во новиот век. Зошто една институција од минатото наменета да „прима или собира предмети кога од некоја причина престанува потребата од нив или се загубува можноста тие да и служат на онаа суштествена цел заради којашто настанале односно во видот во којшто се создадени“ (Вук-Павловиќ, Павао, 1994: 80), да му биде потребна на едно време сместено во дигиталниот/виртуелен свет, кој за овој секојдневниот нашиот користи само едноставна и еднозначна кратенка RL (real life)? Одговорот се наметнува со само делумен преглед на актуелните, трендовски културолошки феномени – колекционирање на сеќавањето од непосредна близина. Сеќавањето на рамниште на микросторијата, на личната историја. Затоа што овој комплексен пренос на информации преку мрежата (интернетот) придонесува да се пронаоѓаат и други можности на архивирање на сеќавањето, ама не на едното, унифицираното, институционализираното сеќавање, туку на повеќето, различни, човечки сеќавања, кои ќе ги води, собира и презентира одредена тема, почетен импулс, заеднички однос. Затоа на исто ниво е и интересот за дигитализација на театарскиот артефакт, негово нурнување во интернетското пространство и можноста за глобално запознавање со повеќе театарски феномени. Како што на денешната култура и требаат сеќавањата за повеќето различни феномени од типот на детски музеи, чоколади, соништа и сл., така и требаат и театарските сеќавања, презентирани на еден поинаков современ начин.
Театарските музеи од минатото се основани со цел да собираат, проучуваат и изложуваат материјал за развојот на театарската уметност (Шукуљевић-Марковић, 2000: 16) Денешните театарски музеи се создаваат како креативни истражувачки центри со иста цел, но на различен начин го архивираат сеќавањето. Разликата е во медиумот на кој тоа сеќавање се чува, за потоа да може да се истражува и да се презентира.

Синергија – артефакти – материјални и дигитални

Целата оваа размисла има за цел да покаже дека конечната завршна заедничка синергија меѓу дигиталните и материјалните артефакти е најдобрата опција за новиот театарски музеј. Бидејќи, станува збор за специфичен музеолошки проблем – делчиња наспроти целина, дигиталниот ововремен свет дозволува поинакво гледање на театарскиот музеј. Дигиталната технологија помага полесно да се архивира сеќавањето и подолготрајно да ја задржи својата функција на сеќавање на нешто што е ефемерно во својата онтологија.
Артефактот е дел од културното наследство. Каузалитетна концентрација, своевиден континиум на наследството што го стекнуваме и збогатуваме во текот на нашиот, севкупен ангажман околу уметноста и културата. Како што наведува Рејмонд Вилијамс, за секоја традиција по пат на анализа, може да се покаже дека е „избор и преизбор на оние значајни прифатени и обновени елементи“ од минатото, коишто се „посакуван континиум“. (Вилијамс, 1996: 201) Артефактот е всушност нуклеусот, концентрацијата на традицијата, начинот на пренесување од минатото во иднината. Затоа секоја колекција на сеќавања се базира на артефакти. На предмети што се преземени од минатото, што се концентрирани на одреден феномен на минатото и се транспортираат во иднината. Секој културолошки феномен има сопствени артефакти, но и еден артефакт може да биде ист за различни културолошки феномени.
Театарскиот артефакт е специфичен примерок на културно-уметнички предмет. За разлика од артефактите на другите уметности, кои се единечни, театарскиот артефакт е мноштво од поединечни предмети. Ако театарското уметничко дело претставата се дефинира како артефакт, начинот на кој истата се архивира е преку повеќето различни предмети – од драмскиот текст, преку фотографиите и сликите и цртежите, од костимите и сценографските скици и макети, од нотите и белешките на инспициентот до светлсните конструкции, па се до последните начини на собирање – како што се аудио и визуелните записи. Театарската престава не може да биде еднозначен, моноволуменски артефакт. Ова мноштво од артефакти се основни за нејзиното колекционирање. Не може да се зачува цела театарска претстава, туку може да се посочи само на разностраноста на нејзиното архивирање. Затоа симбиозата помеѓу материјалниот, видливиот, опипливиот артефакт како што се скиците, фотографиите, костимите и сл. и нивното презентирање на кјласичен, традивционален начин, и потенцијалот од дигиталните артефакти – аудио и визуелни записи дигитализирани и архивирани во повеќе различни формати и презентирани преку новите медиуми – цд ром, двд, компјутерска презентација во повеќе различни програми, архивирање во бази, интернет презентација од обично претставување на фотографии, т.н. „slide show“, па се до посебна, виртуелна музејска постановка, која ќе наликува, но и ќе го привикува музејот од некои несонувани соништа, поточно, од некои минати времиња. Направеното истражување што и претходеше на студијава, покажа дека потребата од ново лице на театарската музеологија се наметнува како есенцијална и како можност за негово популаризирање. Публиката како непосреден чинител на театарската претставата, треба континуирано да продолжи да ја следи истата таа претстава и преку средените, архивирани сеќавања за неа. На тој начин активниот модел на рецепција на театарската претстава, ќе продолжи и на ниво на активна рецепција и на нејзините сеќавања. Она што сакам да го акцентирам е можноста за доближување до домот на публиката преку дигиталните постановки, презентирани во некоја соба на виртуелниот свет, достапни секому според оригиналната замисла на интернетот. Лично, ваквиот пристап ми е можен, интересен, привлечен и од позицијата на публика и од позицијата на науката и затоа го поместувам контекстот на конкретен простор и традиција – Македонија. Иако интернетот е медиум кој е глобално достапен, сепак традицијата што треба да се „отфрли“ на глобално поле е лична и национална. Затоа и предметот на мојот интерес е мојата лична театарска традиција.

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 57|