Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

/, Литература, Блесок бр. 53/Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

СТАРИ НОВИ ФЕСТИВАЛИ

#5 Доаѓањето на старото ново време исто така влијаеше врз големите театарски фестивали. Како настани кои некогаш играле клучна улога во идниот развој на театарскиот и политичкиот живот на поранешна Југославија, во новите услови големите фестивали ја изгубија својата политичка моќ и компетитивност. Менувајќи го правецот, некои се свртеа кон локалната публика, како еминентниот Стеријно Позорје на Југословенскиот фестивал за драма. Други, пак, ја искористија атмосферата која им пружеше нови прилики, како што стори на пример МЕСС – Меѓународниот театарски фестивал во Сараево, и трансформирајќи се станаа собирни места за многу театарски уметници од светот. Сепак, некои од фестивалите дури и под најтешки услови се обидоа да ги задржат високите уметнички стандарди и меѓународниот углед. Во битката да успеат во ова, наспроти неповолните услови создадени од меѓународната изолација, светски реномираниот Театарски фестивал во Дубровник, Хрватска, БИТЕФ фестивалот во Белград, Србија, или пак Младиот отворен театар МОТ во Скопје, Македонија, и покрај тешкотиите да опстанат како реномирани уметнички институции во овој реон од светот, успеаја да понудат различен поглед за она што се случува од другата страна на ѕидот. Интересно е тоа што, како и во други европски држави во периодот меѓу 1994 и 2004 година, културната сцена на поранешна Југославија се збогати со извонреден број ново-оформени театарски фестивали. Скоро секој град основаше свој локален или меѓународен театарски фестивал од различен тип и важност. И додека некои од нив имаа скромно и локално значење, Светскиот театарски фестивал во Загреб, Хрватска, кој веќе е навлезен во својата трета година, се здоби со вистински престиж откако ги претстави најновите иновации во театарот од последните неколку години.

ЖЕНСКО ПИСМО

Еднакво парадоксално и непредвидливо како и сè друго во овој отсечен дел од светот, заедно со процесот на зреење на генерацијата млади театарски уметници за кои стануваше збор погоре во текстот, се случи група талентирани жени драматурзи и режисери да си обезбедат значајно место на опустошената културна сцена. Скоро цела деценија, повеќе културни, хуманитарни и уметнички инцијативи беа создадени и предводени од страна на ангажирани жени. Во тој период млади храбри жени организираа редица настани низ цела Југославија, како на пример групата „Жене у црном“ (Жени во црно) која во средината на деведесеттите во Белград организира различни протести против војната, или на пример движењето „Бедем љубави“ („Бедем на љубовта“) во Загреб, кое организираше повеќе антивоени настани. Сите овие активности се огласија против политиката на режимот на националистичка агресија, против силувањето како средство на војната, против етничкото чистење и против кршењето на човековите права. Овие хуманитарни активности често произлегуваа од жени автори, режисери и критичари од различни генерации кои го потпомогнаа појавувањето на креативниот модус наречен „женско писмо“. Ова движење може да се смета за едно од најистакнати придонеси кои се појавија во земјите на поранешна Југославија за време на последната деценија.
Работата на театарот ДАХ5F (дах со значење на здив), основан во Белград на почетокот на војната, во 1991, под уметничко раководство на Дијана Милошевиќ и Јадранка Анѓелиќ, е парадигматски пример за женскиот бран кој длабоко навлезе во театарот и културниот простор. Во исто време, на него може да се гледа и како практичен пример за новата креативна средина основана врз женскиот принцип за кој Шнајдер сонуваше во драмскиот текст Змиска кожа. Од самите почетоци, театарот ДАХ се обиде на безброј начини – поставувајќи перформанси по улиците и во автобусите, организирајќи антивоени настани, работилници – да го засегне, според нив, фундаменталниот и есенцијален принцип на театарот. „Која е улогата и смислата на театарот?“ „Каква е одговорноста и должноста на уметникот во ‘мрачните времиња’?“ Овие прашања станаа креативните искри и raison d’être зад нивните дела. Одговорите се состоеја во нивните претстави, како на пример Оваа вавилонска конфузија, работена според антивоените песни на Бертолт Брехт. Драмата беше изведена на отворено среде центарот на Белград во време во кое српската влада беше забранила да се зборува за учеството во војната. Неколку други перформанси кои ги искажаа нивните верувања беа Легендата за крајот на светот, која се однесува на можностите за градење нов живот врз урнатините на стариот, и Патници или Мапите на забранетото сеќавање, кои зборуваат за високата емиграција и одлив на умови од тој реон. Скоро повеќе од една деценија театарот ДАХ нудеше имагинативен и ангажиран театар. Како што велат членовите на ДАХ во изјавата за својата мисија, „во современиот свет можеме и мораме да му се спротивставиме на уништувањето, насилството и злото единствено преку создавање на свет и театар полн смисла“. Така, нивниот силен глас стана еден од најартикулираните изрази на незадоволство предизвикани од војната и распадот во земјите од поранешна Југославија.

#b
5. ДАХ театар http://www.cyberrex.org/dah/

АвторНаум Пановски
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 53|