Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

/, Литература, Блесок бр. 53/Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

ТЕАТАРОТ ВО ЕГЗИЛ

Голем број театарски уметници, драматурзи и интелектуалци од различни возрасти кои со децении се бореа да ги прошират видиците на демократијата и индивидуалната слобода во поранешна Југославија, маргинализирани од новите фалш и квази-елити, беа охрабрувани од страна на новите репресивни националистички режими да заминат од своите „нови“ држави и да продолжат да работат во егзил. Некои од нив, како Џевад Карахасан, Каца Целан, Зијах Соколовиќ и Хасија Бориќ од Босна, па Горан Стефановски, Рахим Бурхан, вклучително и јас од Македонија, потоа Предраг Матвеевиќ, Дубравка Угрешиќ, Рајко Грлиќ, Слободан Шнајдер и Мира Фурлан од Хрватска, или Драган Клаиќ и Видосав Стефановиќ од Србија, се во вистински егзил, додека други како Филип Давид, Борка Павиќевиќ и Мирјана Миоќиновиќ од Србија останаа да живеат во внатрешен егзил. Може да се рече дека тие избрале самопрогонство и станале битни дисидентски сили во склоп на нивните новосоздадени „демократии“.
Но, без разлика на тоа каде се наоѓаат, многумина од овие автори продолжија својот креативен глас да го користат против ѕидовите испречени меѓу нив и нивните пријатели од другите делови на некогашната заедничка држава. Тие се обидоа да заземат критичен став кон потресната реалност и да го изразат своето силно незадоволство кон насилната преобразба на нивната поранешна земја. Во оваа смисла, креативната и хуманитарна работа на луѓето од Центарот за деконтаминација предводени од Борка Павиќевиќ во Белград, беа од непроценливо високо значење за заедницата.
#4 Драмските текстови како Источен диван, Повлечениот ангел или пак Змиска кожа од Џевад Карахасан, или на пример Инес и Денис на Слободан Шнајдер, потоа Сараево и Хотел Европа на Горан Стефановски, или Брод на лудаците на Филил Давид, се дела кои претставуваат остра слика на уништениот свет, а создадени се не само од страна на интелектуалците, авторите и уметниците кои и во вистинска и во метафорична смисла живеат во егзил, туку и од страна на оние кои се осмелиле да го кренат својот етички глас и да го изразат своето силно незадоволство од насилната преобразба на југословенската средина и нејзините последици. Ретко кој од овие драмски текстови беа поставени и играни во земјите од каде што потекнуваат.
Така на пример, во сржта на Источен диван, според истоимениот роман на Карахасан, се наоѓа врската помеѓу индивидуата и државата, интелектуалецот и тиранинот, слободата и угнетувањето, тоталитарното слепило и хоризонтот на имагинацијата; смртта се гледа како постојан придружник во човековиот живот додека тишината владее во расцепениот и фрагментиран свет. Напишана и изведена во самракот на Југославија, оваа драма на повеќе начини ги предвиде насилното распаѓање на поранешна Југославија и егзодусот од Босна.
Босанскиот дел од пеколот, со неговиот екстремен национализам и нетолеранција, како и религиозниот и идеолошки догматизам, се исто така во центарот на драмата Змиска кожа од Слободан Шнајдер. Веќе детално анализирана во Журналот за театар и уметност [PAJ 60, 1998], во оваа драма Шнајдер создава амбиент во кој воените лидери, криминалците и воените профитери ја решаваат судбината на босанскиот народ. Насилството, силувањето и етничкото чистење ги имаат поставено еден спроти друг ‘боговите’, ‘кралевите’ и сопствениците на животот и смртта во старо-новата војна за доминација врз средината на другиот. Понатаму, во своето мало ремек-дело Инес и Денис, изведена билингвално и режирана од Милош Лазин во Франција, Шнајдер слика вознемирувачки свет во кој две ужалени мајки низ бојното поле трагааат по своите убиени чеда. Оваа лична посвета за безимените и непознатите војници кои се бореа на спротивните страни во рововите и кои ќе се помират само во смртта отвора нова перспектива врз нашата поширока заедница.
По потресната Сараево во 1993 [PAJ 47, 1994], своевиден одговор на уништувањето на културно богатиот град Сараево, Горан Стефановски нè запознава со други, еднакво потресни приказни. Во неговата Хотел Европа, поставена во стара фабрика за жица во предградијата на Виена, 2001, гледачот открива нова категорија луѓе. Ликовите во метафоричниот дискурс на Стефановски стигнуваат до ѕидот на Европа од правот и од урнатините на градовите. Се работи за разновидна група емигранти од различни делови на Источна Европа, преку кои може да се види светот на Стефановски каде што живеат меѓународни шверцери, проститутки, пропаднати и изгубени души, и воопшто луѓе од дното оставени сами во мрачните и страшни времиња. Ова се луѓе кои чекаат во Виена, пред затворените врати на Европа, за да влезат во нов свет. Секоја сцена од оваа претстава ја режираше млад режисер од различна источноевропска држава.
‘О Господе, погледни ја земјава, погледни ги луѓево!’ моли Филип Давид, родум од Белград, на самиот почеток на неговата необјавена и можеби на многумина непозната Брод на лудаците. Овој почетен извик може да се прочита и како молитва за жените од драмите на Шнајдер, за бегалците од драмите на Карахасан, или пак за оние кои се обидуваат да се протнат низ вратите на Европа во драмите на Стефановски. Драмата на Филип Давид, Брехтовска по природа, молитвена во тонот, и слична на фреска во визуелноста, создава свет кој се гуши во густа магла. Неговиот реморкер е полн со секакви измамници, злосторници, жртви и деца без иднина врз чијашто кожа се врежале гладот и смртта. Ова е брод полн со будали и пијаници, ова е сплав на лудите и страдалниците, на копилињата и воените профитери, реморкер кој доаѓа од маглата и темнината. Заборавен од сите во ноќта, не оди никаде. Претставувајќи горчлива слика на Србија под режимот на Милошевиќ во доцните деведесетти, оваа драма исто така го претставува и Балканот изолиран од огромниот ѕид на Европа и препуштен сам на своите зла.
И покрај мрачните светови претставени во овие драми, и покрај тоа што овие автори живеат распрскани на сите страни на светот, драматурзите и другите театарски уметници кои живеат во егзил низ своите дела всушност исто така постојано трагаат по нова и надежна средина. Ова може да се смета и како креативен напор да се нацртаат нови мапи и да се створи хумана слика за следните години. Нивната визија за театарот е вкоренета во идејата за човечки отпор кон било каков вид милитантен екстремизам или дисторзија на културата и историјата од страна на национализмот, а се заснова во вербата на интегративната моќ на мултикултурализмот. Овие автори исто така се обидуваат да ѝ предочат на својата публика да гледаат отаде разликите кои постојат меѓу нив и другите, а тоа е кон Новиот свет кој се заснова на други општествени структури и на друга општествена правда. Овие драмски автори замислуваат свет кој ги преминува традиционалните граници и се обидува да ги тргне неодамна изградените ѕидови. Во оваа смисла, по падот на традиционалните општествени структури основани врз патријархалниот концепт на општеството, јасно отсликан не само во ‘мачо’ придонесот кон убиствата во Југославија, некои од овие уметници, како на пример Слободан Шнајдер во Змиска кожа, ги охрабруваат и поддржуваат правците предводени од жените.

АвторНаум Пановски
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 53|