Некои црти на индијанскиот карактер

/, Блесок бр. 06, Литература/Некои црти на индијанскиот карактер

Некои црти на индијанскиот карактер

И покрај клеветите со кои раните историчари ја замрачиле сликата на карактерот на несреќните домородци, од време на време сепак се пробива некој светол зрак, кој фрла малку светлина на нивниот спомен. Во примитивните анали на источните области, од време на време наидуваме на извесни факти кои, иако лажно обоени со предрасуди и верска затапеност, сепак зборуваат сами за себе, и за нив луѓето ќе размислуваат со одобрување и сочувство кога предрасудите ќе ги снема.
Во една од домородечките приказни за индијанското војување во Нова Англија, постои трогателен опис на пустошењето кое е извршено во племето Пеквод. Човештвото мора да отстапи пред суровите поединости на тоа безобѕирно касапење. На едно место читаме за ноќниот ненадеен напад на некој индијански логор; вигвамите биле обвиткани со пламен, а сиротите жители стрелани и убивани кога се обидувале да побегнат, „па сите беа погубени и уништени во рок од еден час“. По низа слични потфати, „нашите војници“ како што богобојажливо забележува историчарот, „решавајќи со божја помош, конечно да ги уништат“, ги истерале несреќните дивјаци од нивните домови и засолништа и ги бркале со оган и меч, па само една малубројна, ама јуначка група, тажен остаток на Пеквод борците, со жените и децата се засолнила во некое мочуриште.
Пламтејќи од лутина и тврдоглаво молчејќи од очај, додека срцата им се кршеле од тага заради пропаста на нивното племе, а душите им биле чемерни и болни поради тој, по нивно мислење срамен пораз – одбиле да бараат живот од рацете на непријателот кој ги навредувал, и повеќе сакале да умрат отколку да се покорат.
Кога се приближила ноќта, нив ги опколиле во тоа мрачно засолниште, за да им го оневозможат бегството. Во таква положба, непријателот „цело време ги преплавувал со куршуми и на тој начин многумина биле убиени и закопани во блатото.“ Во темнината и маглата кои ѝ претходеле на зората, неколкумина се пробиле низ трупите кои ги опкружувале и побегнале во шумата; „останатите им биле препуштени на освојувачите, и многу од нив биле убиени во мочуриштето, како тврдоглави пци, кои попрво, онака своеволни и бесни, ќе седат мирно и ќе допуштат да ги изрешетаат или исечат на парчиња“, отколку да молат за милост. Кога осамнал денот над таа дланка беспомошни, но бестрашни духови, војниците, влегувајќи во мочуриштето (ни кажува приказната), „ги здогледале како во неколку групи седат стуткани, па ги испразниле врз нив своите пушки кои биле наполнети со десет до дванаесет куршуми, провлекувајќи ги цевките на пушките низ гранките, на неколку метри од нив, така што, покрај оние кои се најдени мртви, уште многу други биле убиени или потонати во блатото, да не им се сети веќе ни пријател ни непријател.“
Може ли некој да ја чита оваа едноставна, неразубавена приказна, а притоа да не ѝ се восхити на истрајната одлучност, непоколебливата гордост, возвишените чувства кои изгледа ги крепеле срцата на овие самоуки херои и ги издигнувале над нагонските чувства својствени на човековата природа? Кога Галите го опустошиле градот Рим, ги затекнале сенаторите како, облечени во тоги, сериозно и мирно седат во своите курулски столови; така ја дочекале смртта без отпор, па дури и без преколнување. Таквото држење кај нив е фалено како благородно и возвишено; кај несреќниот Индијанец како тврдоглаво и јогунесто! Навистина, како лесно можат да нè излажат надворешниот изглед и околностите! Колку е поразлична доблеста облечена во пурпур и свечено устоличена од голата и сиромашна доблест која неузнаено страда во некоја дивина!
Но, нема веќе да се задржувам на тие мрачни слики. Источните племиња веќе одамна исчезнаа; шумите кои ги штителе се исечени до корен, и од тие племиња одвај да останала трага во густо населените држави на Нова Англија, исклучувајќи го тука и таму индијанското име на некое село или поток. А таква мора да биде, порано или подоцна, и судбината на оние други племиња кои се движат долж границите и кои некогаш биле со измама биле одделени од своите шуми за да се вмешаат во војните на белците. Наскоро и тие ќе отидат по истиот пат по кој отишле нивните браќа. Малубројните толпи што постојано талкаат по бреговите на Хјуронското и Горното Езеро и притоките на Мисисипи, ќе ги втаса истата судбина на оние племиња кои некогаш се ширеле по Масачусец и Конектикат и господареле со земјата долж гордите брегови на Хадсон; судбината на онаа силна раса за која раскажувале дека живеела на границите на Сасквехан; и на оние разни народи кои уживале во благосостојбата околу реката Потомак и Рапаханок и биле населени во шумите на пространата долина Шенандо. Сите ќе исчезнат како водена пареа од лицето на земјата; и самата нивна историја ќе падне во заборав, а „местата кои сега ги знаат, нема да знаат за нив никогаш повеќе“. Ако, по некоја случајност, и остане жив некој нејасен спомен на нив, тоа ќе биде во романтичните соништа на поетите, кои со нив ќе ги населуваат во фантазијата своите шуми и полиња како што во старо време правеле со фауните, сатирите, и шумските божества. Но, кога тој би се осмелил да ни ја соопшти мрачната приказна за нивните понижувања и страдања, кога би раскажал како белците влегле во нивната земја, како ги расипале, ограбиле, како ги избркале од родните куќи и ги одвоиле од гробниците на нивните татковци, како ги бркале по земјата како диви ѕверки, и сурово и крволочно ги праќале в гроб – потомството со ужас и недоверба би се свртело од таа приказна или гневно би поцрвенело од таквата нечовечност на своите предци. „Нас нè потиснуваат назад“, рекол еден стар војник, „додека најнакрај веќе не ќе бидеме во можност да се повлекуваме; томахавките ни се скршени, лаковите распарчени, а огновите речиси угаснати; уште малку па белиот човек ќе престане да нè брка – бидејќи веќе нема да нè има!“

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторВашингтон Ирвинг
2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Есеи, Блесок бр. 06, Литература|