Некои црти на индијанскиот карактер

/, Блесок бр. 06, Литература/Некои црти на индијанскиот карактер

Некои црти на индијанскиот карактер

Суровоста на Индијанците кон заробениците се зголемила по населувањето на белците. Тоа што претходно било правено од тактика и суеверие, сега се разгорело во задоволување на желбата за одмазда. Индијанците добро чувствуваат дека белците се узурпатори на нивните некогашни области, дека се причина за нивното понижување и дека постепено ја уништуваат нивната раса. Тие одат во борба, страдајќи од навредите и понижувањата кои поединечно ги поднесувале, и доведени до лудило и очајание од општата пустош и пропаст кои со себе ги носи европскиот начин на војување. Белците премногу често им давале пример за насилство, палејќи ги нивните села и уништувајќи им ги слабите средства за опстанок, а сепак се чудат што дивјаците не се покажуваат благи и великодушни кон оние кои не им оставиле ништо освен гол живот и страдања.
Ние, исто така, ги жигосуваме Индијанците како кукавици и предавници, затоа што во борбите повеќе се користат со итрина отколку со отворен напад; ама нив тука потполно ги оправдуваат нивните сирови поими за честа. Од мали ги учат дека итрината е за секоја пофалба; и најхрабриот борец смета дека не е никаква срамота да се седи молчејќи во заседа и на сите можни начини да се изигра противникот; тој победува со својата надмоќна итрина и остроумност, кои му овозможуваат да го изненади и уништи непријателот. Впрочем, човекот и по природа е повеќе наклонет кон затскриена, отколку кон отворена храброст, со оглед на својата телесна слабост во споредба со другите животни. Тие се надарени со природно оружје за одбрана: рогови, силни катници, копита и канџи, а човекот мора да се потпира само на својата надмоќна остроумност. Во сите судири со нив, со своите прави непријатели, тој прибегнува кон итрина; така што и кога изопачено ќе се сврти против својот близок, тој во почетокот и понатаму се служи со истиот, мудар начин на војување.
Природен принцип на војната е да му нанесеме што повеќе штета на непријателот, покрај што помала штета за себе; а тоа, секако, се постигнува со итрина. Таа витешка храброст која нè наведува да ги презираме опомените на разумот и да јуриме во средба со некоја опасност – плод е на општеството и производ на образованието. Чесна е оттаму што всушност претставува триумф на возвишеното чувство над нагонското противење кон болката и над она настојување кон личната удобност и безбедност кои општството ги осудило како понижувачки. Таа се одржува со гордоста и стравот од срамот и така стравот од вистинското зло е надвладеан со поголем страв од едно зло кое постои само во мечтата. Таа храброст, покрај тоа, ја негувале и поттикнувале на разни други начини. Таа била тема на полетни песни и на витешки приказни. Поетот и пеачот уживале во тоа да ја опкружуваат со блескави мечтаења, па дури и историчарот заборавил на трезвената раскажувачка сериозност и почнал да ја фали со воодушевување и занес. Славата и величествените прослави биле награда за храброст; спомениците на кои уметниците ја исцрпиле својата вештина, а богаташите своето богатство, кревани се за да ја овековечат народната благодарност и воодушевување. Така, вештачки поттикнувана, храброста пораснала до неверојатен и нестварен степен на херојство; украсена со величествена „воена помпа и церемонијал“, таа несопирлива особина била во состојба да ги помрачи многуте од оние тивки, но непроценливи доблести кои го облагородуваат човечкиот карактер и придонесуваат човечката среќа да расте како плима.
Но, ако храброста во суштина се состои во пркосење на опасностите и болката, тогаш животот на Индијанецот е едно бескрајно исполување на храброста. Тој живее помеѓу постојани непријателства и опасности. Ризичните и смели потфати одговараат на неговата природа, или, подобро речено, изгледа дека му се потребни за да ги разбудат неговите способности и да му дадат привлечност на неговиот живот. Опкружен со непријателски племиња, кои војуваат поставувајќи заседи и вршејќи ненадејни напади, Индијанецот е секогаш подготвен за борба и живее со оружјето в рака. Како што бродот ита во стравичната осаменост преку океанската пустош, како што птицата се меша меѓу облаци и виори и лета како мала точка преку беспатните воздушни полиња – така Индијанецот, молчелив и осамен, но бестрашен, се држи до својот пат низ безграничната дивина. Неговите походи, по раздалеченост и опасност можат да се мерат со аџилакот на богомолците или крстоносната војна на витезите-скитници. Тој се пробива низ огромни шуми, изложен на опасноста од болести и осаменост, од непријатели во заседа, или од лута глад. Бурните езера, тие големи мориња насред копното, не претставуваат пречка за неговото скитање; во својот лесен чамец од кора од дрво, тој како пердув поигрува на нивните бранови и лета како стрела низ бучните брзаци на реките. И за самиот свој опстанок мора да се бори против најтешките маки и опасности. До храна доаѓа со напорен и убиствен лов; се замотува во мечкина, пантерска или биволска кожа, и спие крај грмотевиците на водопадите.
Ниеден херој од стари или денешни времиња, не може да го надмине Индијанецот во горделивото презирање на смртта и во душевната сила со која тој ги поднесува најстрашните неволи. Всушност, ние го гледаме како се издига над белецот благодарение на своето посебно воспитание. Белецот ита во средба со славната смрт пред челуста на топовите, додека Индијанецот мирно гледа како смртта му се приближува, и триумфално ја поднесува, низ разните маки кои му ги нанесуваат непријателите кои го опкружуваат и сред бескрајната агонија во пламенот. Тој дури се гордее со тоа што им се потсмева на своите мачители и ги предизвикува да измислуваат нови мачења; и додека пламенот му ја расцепува и самата утроба, а месото, грчејќи се, се одвојува од жилите, тој почнува да ја пее својата последна, победоносна песна, со која го изразува целиот презир на едно непобедено срце и ги повикува духовите на своите татковци да бидат сведоци на тоа како тој умира не трепнувајќи.

АвторВашингтон Ирвинг
2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Есеи, Блесок бр. 06, Литература|