Некои црти на индијанскиот карактер

/, Блесок бр. 06, Литература/Некои црти на индијанскиот карактер

Некои црти на индијанскиот карактер

Зборувајќи за карактерот на дивјаците, писателите често се склони да подлегнат на распространетите предрасуди и пристрасното претерување, отколку да ја сочуваат искрената природа на вистинскиот философ. Тие недоволно ги земаа во обзир исклучителните околности во кои се најдоа Индијанците, и исклучителните начела по кои тие се одгледувани. Ниедно суштество не се држи во своите постапки толку строго за правилата како Индијанецот. Целото негово држење е сообразено со некои општи принципи кои му се од детството всадени во душата. Морални закони кои господарат со нив, има, сигурно, само неколку, ама затоа тој им се покорува на сите; белецот има многу закони во верата, етиката и обичаите, ама колку од нив прекршува?
Често, основа за тужба против Индијанците е нивното непочитување на спогодбата, и подмолноста и суровоста со кои тие во време на привиден мир, ненадејно ќе нападнат и ќе почнат со непријателство. Односот на белците спрема Индијанецот е меѓутоа премногу често ладен, неповерлив, деспотски и навредлив. Тие ретко се однесуваат кон него со онаа доверба и искреност кои се неопходни за искрено пријателство, а исто така не обрнуваат доволно внимание ни на тоа да не го навредат чувството на гордост или суеверие, кое често го поттикнува Индијанецот на непријателство, побрзо отколку исклучивата поводливост по интересите. Чувствата на осамениот дивјак се неми, но длабоки. Неговата чувствителност не се простира на толку широка површина како чувствителноста на белците, ама затоа коритото во кое таа тече е подлабоко и не се менува. Неговата гордост, неговите склоности, неговото суеверие се насочени на мал број објекти; но раните кои им се нанесуваат се сразмерно тешки и создаваат во нив такви побуди на непријателство, кои ние не можеме доволно да ги процениме. Таму каде што заедницата е бројно ограничена и сочинува едно единствено патријархално семејство, како во Индијанското племе, навредувањето на поединецот е навреда за целината, и чувството на одмаздољубивост бездруго во истиот момент се проширува на сите нив. Едно заседавање околу огнот е доволно да се претресе тоа прашање и да се изготви план за непријателства. Тука се собираат сите воини и мудри луѓе. Говорливоста и суеверието се здружуваат за да ја распалат борбената душа. Говорникот ја буди во нив боречката ревност, а визиите на пророкот и на толкувачот на соништата ги доведуваат во некоја вид верско очајание.
Пример за таква ненадејна разгневеност, поттикната од мотиви кои му се својствени на индијанскиот карактер, наоѓаме во еден стар запис за почетоците на колонизацијата во Масачусец. Населението од Плимут ги срушило надгробните споменици во Пасонагесит и украло некои кожи со кои била украсена гробницата на мајката на поглаварот. Индијанците се познати по почитта која ја имаат за гробовите на своите роднини. Се знае дека некои племиња, кои веќе со генерации живееле избркани од живеалиштето на своите предци, понекогаш, кога патот ќе ги донесел во близина, скршнувале од главниот пат, и водени од непогрлешивото предание, оделе со милји по таа област до некоја надгробна хумка, скриена можеби длабоко во шумата во која некогаш одамна биле положени коските на нивните соплеменици и минувале саати во немо размислување. Под влијание од тоа возвишено и свето чувство, тој поглавар на чиј мајчин гроб бил осквернет, ги собрал своите луѓе и им се обратил со прекрасна, едноставна и трогателна беседа, која е невообичаен пример на индијанската речитост и потресен доказ на љубовта на синот кај дивјаците.
„Кога конечно величенствената небесна светлост се нашла од онаа страна на земјината топка, и кога птиците замолчеа, почнав да се готвам, по обичај, за починка. Пред очите цврсто да ми се склопат, ми се причини дека видов некое привидение и од тоа душата ми се возбуди; треперејќи пред таа тажна глетка, слушнав како духот вика: ‘Гледај, о сине мој, љубен мој, еве ги градите кои со млеко те надоија, еве ги рацете кои од студ те бранеа и толку пати храна ти пружаа. Зар ќе заборавиш да им се одмаздиш на оние сурови луѓе кои мојата гробница злобно ја разрушија, презирајќи ги нашите стари споменици и обичаи? Погледни, гробницата на поглаварот е иста како и оние на простиот народ, нагрдена од раката на недостојната раса. Твојата мајка се жали и те преколнува за помош против тие арамии кои неодамна продреа во нашата земја. Ако тоа мораме да го трпиме, нема да можам да почивам во мир во својот вечен дом.’ По тие зборови духот исчезна, а јас облеан од пот, не можејќи да изустам ни збор, почнав да собирам сила и да ја прибирам храброста која ме имаше напуштено, па решив да побарам совет и поддршка од вас.“
Ја изнесов оваа приказна малку поопширно, зашто таа треба да покаже како оние изненадувачки непријателски постапки, кои ѝ се припишуваат на индијанската природа и неверност, можат често да бидат причинети од длабоки и благородни побуди, кои ние – спречени од тоа што не му посветуваме внимание на индијанскиот карактер – не можеме исправно да ги процениме.
Уште една причина за жесток повик против Индијанците е и нивната суровост кон победените. Таа делумно потекнува од тактиката, а делумно од суеверието. Племињата, иако понекогаш се нарекувани и народи, никогаш не биле така многубројни, та никако да не ја почувствуваат загубата на неколкумината борци; тоа посебно се случувало ако често се впуштале во борби; во индијанската историја има многу случаи кога некое племе кое долго им влевало страв на своите соседи, најпосле да разбиено и протерано, бидејќи биле заробени и убиени сите негови најистакнати борци. Победникот, впрочем, бил доведуван во големо искушение да се однесува немилосрдно, не толку за да задоволи некоја сурова одмаздољубивост, колку да се обезбеди за во иднина. Покрај тоа, меѓу Индијанците владеело суеверно убедување – кое е толку често кај варварските народи, а било распространето и меѓу оние во стариот век – дека сенките на нивните пријатели паднати во бој можат да се смилостиват со крвта на заробениците. Меѓутоа, оние заробеници кои не биле така жртвувани Индијанците ги примале во своите семејства, на местото на убиените членови и кон нив се однесувале со таква доверба и љубов како да им се роднини или пријатели; дури ги прифаќале така нежно и гостољубиво што тие заробеници, кога им се пружала можност да бираат, често повеќе сакале да останат со своите нови браќа, отколку да им се вратат на својот дом и на пријателите од младоста.

АвторВашингтон Ирвинг
2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Есеи, Блесок бр. 06, Литература|