На далечната страна на нормалноста

/, Блесок бр. 08, Литература/На далечната страна на нормалноста

На далечната страна на нормалноста

Писателите на третата генерација, едногласно признаваа, дека увезената израелска традиција, не може да донесе духовна инспирација во овој регион. Тие се согласија, дека Израел е место, кадешто другите емигрирале, така што, оваа можност воопшто не се ни пројави. „Неусогласените мотивации, обичаи, сеќавања“ така одговара Еми Барух кога ја прашуваат, на што еден сабра (Евреин роден во Израел), „сака“ да се сеќава: кој би сакал среќно да се откине од „селективното сеќавање“ на дедото, кој, без ниеден збор поплака, се воведувал во списокот на концентрациони логори, додека – како што произлегува од есеите, истото сеќавање би можело да биде камен темелник, за модерниот централно – европски – еврејски интелектуален идентитет. Уште еднаш му беше препуштено на Максим Билер, тоа најконцизно да го изрази „младиот Евреин повеќе страхува од својата прва посета на Израел, отколку од операција на мозокот“.

Нормалноста и нејзината непостојаност

Нивната согласност да бидат Евреи, не се манифестира во алузии и скриени знаци, туку, во свесната саморефлексија, којашто, секој писател го води во единствен заклучок. Оживувањето на историјата, ја враќа искрата на хетерогеноста во еврејскиот интелектуален живот. Никој не пишува за враќање кон традицијата – ниту кон Израел, ниту кон било што друго, но тогаш, тоа повторно не би била Централна и Источна Европа, доколку – со неколку исклучоци – писателите не би можеле споредбено да најдат „златна ера“, врз која што ќе ги проектираат нивните идеали, како вид „ретроспективна утопија“. За Виктор Нојман, една од тие (утопии) е мултикултурната мешавина во предвоениот Банат, кадешто либералните Евреи живееја заедно со другите народи во „многустрани врски“. Елма Софтиќ Кауниц укажува на една слична, иако, јасно, денес недостижна идила: Сараево, коешто не е населено од Босанци, Хрвати, Срби, Евреи и останати, туку од градски луѓе, кои живеат во „многустрани врски“, кои – како што пишува таа – „се убиваат, бидејќи се од Сараево, а не бидејќи тие се непријателите“. Преку примерот на нејзиниот татко Пинкас, Еми Барух ја претставува мирната идила на предвоена Бугарија и тоа, како Евреите беа спасени од нивните илјадници бугарски пријатели и соседи, за коишто тие гласаа во предвоениот парламент. Веројатно, Ласло Мартон беше првиот од својата генерација, кој почна да го бара своето место или местото на Евреите, во средината на новите општествени врски: во 1988 г., тој ја создаде теоријата на „унгарско – еврејската заедница на судбината“, каде што тој забележа еден вид на постепена асимилација, или „асимилација на едниот во другиот“, којашто беше прекината од Унгарците. Овде „златното доба“ е почнувањето на процесот, чијашто задача е завршувањето на „асимилацијата на свеста“ на двата народи, превземена од страна на мисловниот експеримент на писателот.
„Човечност, братство помеѓу луѓето, либерализам, демократски дух, интернационализам, почитување на разумот, интелектуализам, желба за продолжување на човечката култура“ – ова се духовните императиви на централно – и источно – европското „еврејско битие“, како што го определи Андраш Комор, пред 6 децении, а Габор Т. Шанто го цитираше во својот есеј. Ако некој требаше да се завземе за враќање кон овие традиции денеска, тој не би требало да се смета како особено „еврејски“, туку, едноставно, како израз на нормалните човечки стремежи. Всушност, нормалноста го завзема централното место, во скоро сите есеи, и воопшто, таа се појавува во истиот контекст. Тие, претставниците на третата генерација, се „нормални“, бидејќи нивните предходници, на коишто тие (селективно) се сеќаваат и со коишто тие се поистоветуваат, како жртви, беа единствените морални победници во холокаустот. Нормални, бидејќи нивните родители или, тие самите, останаа на своите места во Централна и Источна Европа – тие не беа оптоварени, ниту со старите митови на традицијата (вистинскиот дом, ветената земја итн.), ниту со псевдотрадициите на нововековните Израелци, тие имаа само една традиција, којашто тие самите ја открија, одржуваа и задржаа – регионалната традиција на рационалното, либералното, космополитско еврејство. Нормални, бидејќи тие ги решија и отплеткаа дилемите и комплексите на своите родители; бидејќи, нивната генерација веќе беше имуна на слабоумноста на комунизмот; бидејќи, свеста на генерацијата – чувството за историскиот континуитет – се одржа во нив; бидејќи, тие – како секоја нормална индивидуа – ги одбраа нивните сопствени идентитети. Прашањето, очигледно, се наметнува само: што е со преостанатите? Дали се сите тие „абнормални“ – сите оние, коишто немаа сочуство за кого било во оние денови, коишто, нив и нивните предходници, ги препуштија на нивните сопствени замисли, коишто бескрајно им се умилкуваа, за да ги асимилираат – дали нив сега можеме да ги просудуваме поинаку, отколку тогаш? Во општа смисла, одговорот е – не, но, тоа не го менува фактот, дека нивното место е, исто така, овде, во Централна и Источна Европа, каде што живеат на исто место, иако, во изолација еден од друг. „Унгарските Евреи извршија предавство (со добра намера), против нивното сопствено еврејство. Подоцна, Унгарците извршија предавство (со лоша намера), против унгарството на нивните унгарски Евреи“ – така се свртува „асимилационистичкиот“ аргумент на Ласло Мартон. Максим Билер е многу понемилосрден кон Германците; ние живееме со нив, ние работиме со нив, ние се смееме со нив, но ние, засекогаш, остануваме одделени“. Во интервјуто од 1995, Константи Геберт изјави, дека „два избрани народи не можат да живеат на иста земја“ – препознавајќи ја ситуацијата, во која два народи толку долго живееја заедно, што ниту едниот од нив, не може да се разбере себеси без другиот, и, онолку долго, колку што поимот на избраноста се однесува кон обајцата, помирувањето секогаш ќе стои на хоризонтот. Во оптимизмот на опиеноста, што непосредно следуваше по „промената на системот“, Ласло Мартон многу поинаку ја разбра својата „унгарско – еврејска заедница на судбината“. Тој мислеше, дека секуларизмот може да се објасни, со взаемното признавање на зависноста – со тоа, дека некој ненадеен и неверојатен бран на емпатија, ќе ја преплави секоја индивидуа и ќе ги отстрани нивните вековно стари предрасуди. Габор Т. Шанто е бескрајно поприземнет: „гетото, тоа сме ние, ние живееме во него и тоа живее во нас. Дури, и ако ги отвориме портите и се интегрираме со мнозинското општество, во тоа нема ништо срамно: ние му го должиме нашето постоење на гетото“.

АвторПетар Крастев
2018-08-21T17:22:10+00:00 април 1st, 1999|Categories: Есеи, Блесок бр. 08, Литература|