Надраснување на границата

/, Литература, Блесок бр. 25/Надраснување на границата

Надраснување на границата

Како научник на полето на филосфијата, Колб размислува за процесот на пишувањето философија и сугерира дека „реалната структура на философската дејност не е само аргументативна, туку дека „аргументите и флуидноста се секогаш поврзани“ (Kolb 330-31). Во традиционалниот кодекс, философот типично ги отфрла опкружувачките прекумерности и им дава предност на аргументите. Но ова извлекување на линијата од флуидниот дискурс кој ја опкружува, иако се смета за нужно и соодветно, сè уште е следено од амбивалентност од страна на писателот кој ја признава релевантноста и важноста на овие дополненија: „пишувајќи философија, човек чувствува постојана напнатост помеѓу желбата да досегне надвор, во опкружувачкиот дискурс кој отвора простор за линијата, и спротивната желба за компактност и линеарност“ (Kolb 330).
Така, доколку прифатиме дека „линијата на философијата се наоѓа себеси постојано опкружена од дополненија кои истовремено ги посакува и ги отфрла“, започнуваме да согледуваме како хипертекстот може да ѝ понуди на философијата нешто повеќе одошто само информатичка погодност; тој може да ѝ овозможи на философијата да биде напишана покомплексно, лишена од лажната претензија за јасно омеѓено линеарно напредување до една, во крајна линија, логички докажана Вистина (Kolb 329). Како што вели Колб, „аргументативната линија е опкружена од еден флуиден дискурс во кој не постојат фиксирани приоритети ниту цврсти мета-нивоа, бидејќи во тој дискурс таквите нешта се востановуваат“ (Kolb 331). „Хипертекстот“, забележува Колб „изгледа дека е медиум во кој би може да цути овој флуиден дискурс“, давајќи ѝ го на философијата прибежиштето на новите дискурзивни патеки, и допуштајќи философијата да биде создавана на покорисни начини, незамисливи во традиционалното печатење (Kolb 331).
Сепак, за да се исползуваат потенцијалните благодети на хипертекстот за философскиот дискурс, за научниците во философијата е важно да сфатат дека „хипертекстот е технологија, а не литературен жанр“ (Kolb: Scholarly). Односно, дека не постои еден единствен начин на кој хиперекстот мора да биде употребуван во научното пишување; на пример, Колб инсистира на тоа дека мора да се развијат и применат посредничките форми кои „подразбираат повеќе единство одошто препорачуваат теориите на книжевниот хипертекст (Kolb: Scholarly). За еден философски или еден научен текст за таа материја да биде напишан во хипертекст, научниците мораат да применуваат соодветни посреднички форми кои ќе ја обезбедат структурата којашто е неопходна за да се изнесат тврдења. Како што укажува Колб, „Потребна ни е нова неаргументативна форма за множеството линкови, кое е над нивото на индивидуалните лексии а сепак не е она на целата хипертекстуална мрежа“, бидејќи „моделот кој владее со хипертекстуалниот механизам е модел на независни делови од информации поврзани едни со други. Сепак, флуидниот дискурс кој покажува дека философијата воопшто не е линеарна аргументација исто така повеќе изискува видови на структури, одошто произволно мултиплицирани линкови (Kolb 333).
Во философијата, овие посреднички структури ќе им овозможат на писателите да ја одржат силата на нивните аргументи, едновремено покажувајќи го „флуидниот дискурс“ од кој произлегуваат аргументите, или како што вели Колб, „посредничките форми допуштаат суштини, граници (како и аргументациски линии и дефинитивни тврдења), истовремено покажувајќи како наводните суштини или единства ја пробиваат сопствената затвореност. Тие функционираат, но функционираат како ефекти во еден простор со кој не можат да владеат (Kolb 334). Колб забележува дека „во нашиот (пост)модерен свет постепено се обидуваме да создадеме социјални и политички форми коишто немаат ниту атомарни неделиви единици ниту тотализирачки структури; доколку треба да постои философско пишување во хипертекстот, тоа изискува такви форми“ (Kolb 337).
Во печатената верзија на неговата расправа, Колб запира тука – кај инсистирањето дека философијата може да профитира од создавањето во хипертекстот, но дека со цел овие придобивки да бидат возможни, „потребни ни се форми на хипертекстуалното пишување кои не се ниту стандардните линеарни хиерархиски единици ниту презаситувачките клопчиња на простата јукстапозиција“. (Kolb 339). Сепак, во хипертекст верзијата на Сократ во лавиринтот, тој не само што го тврди ова, туку поподробно ги објаснува формите што ги имал на ум, и дава графички примери за нив. Уште поважно од ова, коешто можел да го направи и во својот печатен есеј кога не би постоеле ограничувањата на должината наметнати врз него како автор на прилог во зборник од есеи, како и ограничувањата на броевите на слики и дијаграми кои би ги допуштил издавачот, е тоа што тој не само што наведува примери за можните посредувачки структури во неговото дело, туку како што вели Чарлс Ис (Charles Ess) во приказот на неговото дело, „тој вешто ги истражува различните реторички и аргументациски маневри овозможени од хипертекстот, токму во служба на и како интегрален дел од аргументацијата којашто тој настојува да ја развие“ (Ess). Или како што се вели во апстрактот кој е достапен онлајн кај Eastgate Systems (каде што можете да го купите Колбовиот хипертекст), „Сократ во лавиринтот отелотворува извесни хипертекст структури кои ги покажуваат можностите за пишување и мислење во новиот медиум“3F. Во овој поглед, може да се каже дека Колб во хипертекст везијата на Сократ во лавиринтот го прави она што го изведе Шели Џексон (Shelley Jacksnon) во нејзиното хипертекст дело Пачворк девојка (Patchwork Girl). Тој ја инкорпорираше хипертекст формата во своето аргументирање, исто како што Џексон ја инкорпорираше во своето дело, докажувајќи ја со тоа својата поента дека философскиот дискурс може да биде збогатен преку овој нов и моќен медиум.
Хипертекст верзијата на Сократ во лавиринтот произлезе од пократката верзија во форма на есеј, којашто се појави во Хипер/Текст/Теорија на Лендоу. Иако хипертекстот го вклучува целосниот текст на покусиот линеарен есеј и е значително посложен и пообемен – се состои од околу 25000 збора наспроти 9000 збора во линеарниот есеј – јас ја цитирам верзијата на есејот секаде каде што е возможно, поради проблемите коишто ги имав со интерфејсот во хипертекст верзијата. Не ќе можев да употребувам многу од моќните опции достапни во Сторѕспаце, како снимањето на моето читање, што би го олеснило цитирањето на хипертекстот. Исто така, честопати ќе морав да ја затворам и рестартирам програмата, бидејќи текстот би се претворил во бесмислени линии од рамки и облици. Овие проблеми не го поткрепуваат Колбовото тврдење дека хипертекстот би можел да биде полезен за философијата, но во оценката на примената на неговите идеи, се обидов да ги занемарам техничките проблеми.

Цитирани дела:

Ess, Charles. Review of Socrates in the Labyrinth. http://www.eastgate.com/reviews/Ess.html

Kolb, David. 1994a. “Socrates in the Labyrinth” in George Landow (ed.) Hyper/Text/Theory. Baltimore & London: Johns Hopkins UP, pp 323-344.

Kolb, David. 1994b. Socrates in the Labyrinth: hypertext, argument, philosophy. Hypertext, available on diskette. Watertown MA: Eastgate Systems.

Kolb, David. 1997. “Scholarly Hypertext: Self-Represented Complexity”, in Proceedings: Hypertext 97. The eighth ACM conference on Hypertext. Southampton, UK: ACM, pp 29-37. http://www.bates.edu/~dkolb/essays.html

Превод од англиски: Ана Димишковска – Трајаноска

#b
3. Хипертекст верзијата на Сократ во лавиринтот исто така содржи четири помошни есеја – “The Habermas Pyamid,” “Earth Orbit,” “Cleavings,” и “Aristotle Argument”, а секој од нив е моделиран според извесна експериментална посредуважка форма за која што Колб сугерира дека може да биде полезан, во зависност од целта.

АвторШин Фенти
2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 25|