Моќта на приказната

/, Литература, Блесок бр. 103-104/Моќта на приказната

Моќта на приказната

од поглавје: Раскажувањето и моќта
од поглавје: Александар Солженицин:
Еден ден во животот на Иван Денисович
(1962)


„Во светот има три атомски бомби,“ рекол Венјамин Теуш, пријател на Солженицин, откако го прочитал ракописот на неговот Еден ден во животот на Иван Денисович една година пред неговото објавување во Советскиот Сојуз. „Кенеди ја има едната, Крушчев другата, а ти ја имаш третата.“ 2F Ако се објави, предивдел тој, живот во Советскиот Сојуз, всушност животот на луѓето во светот, никогаш повеќе нема да биде ист. А кога, во ноември 1962 година, Еден ден беше објавен во Советскиот Сојуз, длабочината на јавната реакција и, што е уште поважно, рецензиите што ги објавија повеќето советски весници, укажуваа на тоа дека, со неговото објавување, почнала нова ера. Со наслови како „Така беше но никогаш повеќе да не биде така“ и „Ова не смее никогаш повеќе да се случи“3F, рецезниите тврдеа дека откритијата што ги содржи делото за логорите и за апсурдните судски процеси во кои невини луѓе биле осудени да живеат таму со години, а во многу случаи и да умрат таму, ќе обезбедат такви работи никогаш повеќе да не се повторат. Тие се согласуваа дека во Советскиот Сојуз се случуваат промени што ќе го уништат стариот систем. Една индикација за дотогаш невидениот јавен интерес за приказната на Солженицин може да се добие од елоквентното писмо што тој го добил во средината на 1963 година од читател во Украина, Марк Иванович Кононенко: „Во Краков сум видел да се чека на ред за сè и сешто – за филмот Тарзан, за путер, женски хулахопки, пилешки џигери и за колбаси од коњско месо. Но не можам да се сетам на некоја редица што била толку долга колку онаа за твојата книга во библиотеките… залудно чекав шест месеци. Случајно ја добив на четириесет и осум часа.“4F Еден ден стигна до сите региони и речиси сите општествени групи во Советскиот Сојуз. Нејзиниот прием веројатно бил поголем и од оној на Колибата на чичо Том во САД во 1850те во, кога ќе се земе предвид бројот на населението во земјата што знаело за нејзиното постоење.
Но, шест години подоцна, при крајот на 1968 година, сигурно било очигледно дека оние рани коментатори биле преголеми оптимисти и ја преувеличиле ослободителната сила на приказната. Крушчев падна, а, под власт на Брежњев, повторно се инсталира сталинизмот, иако во малку поумерена форма. Експериментот на демократизација на владата во Чекословачка во тоа време штотуку беше прекинат од советските трупи. Советските работни логори за политички затвореници, иако нивниот број беше значително намален по смртта на Сталин, продолжија да постојат и во текот на годините додека Крушчев беше на власт, и покрај официјалното признание што му беше оддадено на делото Еден ден, и повторно се зголеми бројот на осуденици во нив. По само неколку години официјална слава на Солженицин, КГБ почна да го прогонува, не му беше дозволено да ги објави ниту Одделение за рак ниту Првиот круг во својата земја, а копиите на Еден ден се повлекуваа од библиотеките или се ставаа во резервните колекции.5F Уште повеќе, во рамки на овој подолг временски период, можеше да се види дека објавувањето на Еден ден се случи релативно доцна во процесот на де-сталинизација.

Крушчев иницираше де-сталинизација во 1956 година со својот „таен говор“ на Дваесеттиот конгрес на Советската комунистичка партија, осудувајќи ја бруталноста и неправдите во текот на владеењето на Сталин: „Самоволието кај една личност охрабруваше и дозволуваше самоволие кај другите. Масовните апсења и депортации на илјадници и илјадници луѓе, ликвидациите без судење и без нормални истраги создадоа услови на небезбедност, страв, па дури и очај.“6F Иако текстот на овој говор не беше целосно објавен во Советскиот Сојуз, тој циркулираш низ членовите на партијата, предизвикувајќи критички дебати за многу аспекти на сталинистичката ера. Така, во текот на годините што следеа, имаше официјални напади на многу од политиките на Сталин, што се дефинираа како последици на таканаречениот „култ на личност“: неговата катастрофална земјоделска политика, пактот со Хитлер и неподготвеноста на Советскиот Сојуз за војна со Германија, како и некои од видовите на прогон што се спроведуваа под негова власт. Оваа дебата кулминираше во сеопфатната јавна осуда на Сталин од страна на Крушчев за време на Дваесет и вториот партиски конгрес во 1961 година и подоцнежното отстранување на неговите мошти од Мавзолејот на Ленин на Црвениот плоштад.

Крушчев лично го одобри објавувањето на Еден ден во 1962 година, како дел од борбата со преостантите сталинисти во президиумот, употребувајќи ја книгата како инструмент за да се одбрани од сè почестите напади. Оваа и други тактики што ги воведе сè поочајно во текот на 1963 и 1964 година не успеаја да го спасат. Така, до доцните 1960ти години, сигурно било болно очигледно дека објавувањето на Еден ден помалку било фактор што придонел кон, а повеќе доцен симптом, издив на смртната постела, на олабавувањето на угнетувачките карактеристики на советскио режим што се одвиваа под водство на Крушчев. Солженици сè повеќе изгледаше како пион кој, откако бил поместен од играчот што губи во играта на власт, може наскоро целосно да биде отстранет од шаховската табла.

Кога сега, триесет години подоцна, пишувам за ова, прашањето на неговата улога во политичките промени се здобива со драматично поинаков изглед. Не само што советскиот режим, под Горбачов, со политиките на гласност (поотворена власт) и перестројка (економска реформа), ги отфрли најугнетувачките елементи, туку и самиот Советски Сојуз се распадна. Солженицин, кој беше протеран на Запад во 1974 година, доживеа да види како романите што ги напиша по Еден ден, кои претходно беа забранети во Советскиот Сојуз, најпосле (1989), се одобрени за објавување, Архипелагот Гулаг ја доби Државната награда за литература (декември 1990 година), а самиот тој најпосле беше поканет да се врати во Русија. (Од октомври 1993 година, сè уште говори за враќање и за советодавната улога што можеби ќе ја има, но не објавил кога тоа ќе се случи.) Всушност, целата дебата во врска со причините за распадот на стариот советски систем, непредвиден од страна на експертите, сè уште е во голема мера отворена. Две од главните прашања со кои се занимаваат историчарите се однсуваат на начинот на кој годините на владеење на Крушчев ќе се напишат во подолгата историска приказна за Советскиот Сојуз по смртта на Сталин, како и улогата на писателите и интелектуалците по 1960 година во поткопување на легитимноста на режимот. Овие две прашања се среќаваат во случајот на Еден ден на Солженицин. Да го формулираме едноставно прашањето со кое ќе се занимава ова поглавје: дали во некоја смисла Еден ден не само што значително влезе во лидерската борба што се случуваше за време на неговото објавување, туку влезе и во сеќавањето на народот како траен симбол за масовен отпор, на тој начин учествувајќи во ослабнување на ткивото на системот?

 


2. Запишано од Ilya Zilberberg, “A Necessary Talk with Solzhenitsyn,” објавено во Русија и во Англија во 1976 година, цитирано од Michael Scammelll, Solzhenitsyn: A Biography (London, Melbourne, Sydney, Auckland, Johannesburg: Hutchinson, 1985): 400. Монументалното дело на Скамел е основен извор за која било студија на Солженицин.
3. Scammell, Solzhenitsyn: 450.
4. Solzhenitsyn: A Documentary Record, ed. Leopold Labedz (London: Allen Lane, 1970): 15-16.
5. David Burg and George Feifer, Solzhenitsyn (New York: Stein and Day, 1972): 218.
6. Quoted in, for instance, Kochan and Abraham, The Making of Modern Russia: 447.

АвторМајкл Хан
2018-12-19T12:43:32+00:00 декември 21st, 2015|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 103-104|