Модерноста и постмодернизмот во „Хипертекст белешки“

/, Литература, Блесок бр. 25/Модерноста и постмодернизмот во „Хипертекст белешки“

Модерноста и постмодернизмот во „Хипертекст белешки“

Ова секако звучи мошне постмодерно. Особено, обидот да се одбегне „наметнувањето“ на сопствениот поредок може да се согледа како восхитувачко почитување на читателовата автономија на изборот, и навидум му овозможува на читателот да ја создаде сопствената структура на читање на достапните лексии (текстуални единици). Но досега требаше да биде подеднакво јасно и тоа дека овој обид да се избегне наметнувањето на редот е само делумен. Авторот избрал за своите читатели ограничено множество лексии, поврзани на специфичен начин, проследени од едно почетно множество упатства коишто ни го кажуваат глобалното значење на хипертекстот – значење определено од неговите цели (да се истражи медиумот и да се „истакнат некои поенти“ во врска со дигиталниот текст), неговите навигациски сигнали, и неговата структура. Наспроти возможноста од патување низ поврзаните лексии на различни начини – текстовите во рамките на лексиите, започнувајќи со внимателно артикулирани упатства, самите се грубо линеарни, а и линковите образуваат линеарна, всушност логичка врска помеѓу елементите на мислата, тврдењата и исказите содржани во лексиите.
На овој начин, авторот во значителен степен ја има задржано модернистичката парадигма: хипертекстот сè уште опстојува како напор од страна на авторот да пренесе значење до публиката, а дел од овој проект ги вклучува познатите елементи од логичките и синтаксичките структури, вклучително и линеарноста. Мојата поента не е дека со тоа авторот потфрлил во својот навидум постмодерен проект. Поскоро, се чини дека кој и да било хипертекст конструиран од страна на некој автор за определена публика мора да ги вклучува овие елементи од моденистичката парадигма. Инаку, зошто би се нудел нечиј хипертекст на една публика којашто како што се надеваме, ќе разбере барем дел од она што некој го има на ум?
Би можело да се помисли дека јас инсистирам на една очигледна поента: се разбира дека постмодерните хипертекстови не можат исцело да ги напуштат сите елементи од модерната концепција за авторот кој се обидува да £ пренесе значење на публиката. Доколку ова е очигледна поента, сепак, таа не е сугерирана во рамките на самиот хипертекст. Поскоро, авторот специфично ја доведува под прашање особено линеарноста на аргументацијата: „Ова (сочувување на линеарната структура во хипертекстовите) може да постои, бидејќи тоа е најпожелната форма. Но што ако не е така? Што ако на дискурзивните текстови не ја изискуваат структурата на еден „аргумент“? …“ (zprune). Се чини дека оваа сугестија тука е типично постмодерна – дека ние можеме наполно да ги напуштиме модерните концепти, вклучително поимот на линеарната аргументација. Дозволете ми да нагласам дека барем некои членови на постмодерната заедница се навистина поттикнати и заинтересирани од потенцијалот на хипертекстот да развие во најмала рака алтернативни форми на аргументација. Можеби најпознатиот од нив, Дејвид Колб (David Kolb), всушност покажа дека хипертекстовите ќе го овозможат возобновување на формите на аргументирање (на пример, Хегеловата дијалектика) кои се несоодверно изразени во (главно) линеарните рамки на печатењето3F. Но доколку хипертекстовите ја отвораат можноста за откривање (или возобновување) на формите на аргументацијата кои се несоодветно артикулирани во печатењето – во нашето брзање да ги напуштиме линеарните аргументи, запаѓаме во опасноста од напуштање на еден корпус на знаење кој, според мене, сè уште може многу да нè подучи, особено во поглед на тоа што го сочинува валидниот и издржан аргумент, наспроти она што може да биде убедливо но невтемелено. Фактички, авторовиот есеј не сакајќи го потврдува овој страв барем во една инстанца. Авторовата реторичка сугестија дека на дискурзивните текстови не им е потребна аргументациска структура навидум е поткрепена од еден линк кон наводите од Болтеровото (Bolter) дело Writing Space:

Болтер вели дека писателот на хипертекстот ги дизајнира овие знаци во процесот на создавање врски. На читателот му е оставено да избира, повеќе од кога и да било порано – аргументот повеќе не е линеарна изјава “Еве што мислам и еве зошто мислам така, 1-2-3-4,“ и наместо тоа, товарот на одговорноста за создавање на врските го става врз читателот повеќе од кога и да било порано – како кога би рекле “Еве мапа, местата се јасно означени, сега, каде би сакал да одиш?“ Специфичното текстуално искуство кое претставувше обиколка со автобус, се претвори во осаменичко автостопирање со ранец на грбот. Оди каде сакаш, прави што сакаш. Ќе го добиеш тоа што самиот ќе го внесеш во своето искуство, во својот ум, во своето „патување“. Духот на манипулативната пропаганда може и понатаму да живее во текстот, но доколку сака да напредува, мора да стане пософистициран (zcat)

Како да го читаме овој линк? Дали самиот тој е аргумент за тоа што е аргументот во хипертекстуалните аргументи? Ако е аргумент – тогаш е погрешен. во најдобар случај, она за што се работи тука е Болтеровиот (општоприфатен и значаен статус како) авторитет во поглед на хипертекстот. Но не е потребно да се биде логичар за да се укаже дека прифаќањето на тврдењето (дека не ни се потребни линеарни структури на аргументите) врз основа на повикувањето на некој авторитет (кој едноставно тврди дека линеарните аргументи повеќе не би требале да имаат место во хипертекстуалните медиуми) не е логички задоволителен чекор. Поскоро, во елементарните курсеви по логика, еден од примерите за погрешен аргумент е повикувањето на авторитетот. Да бидеме директни: доколку целта на овие поврзани лексии е да претставуваат пример за еден алтернативен хипертекстуален аргумент, тие за жал се исто така погрешни аргументи. Очевидната логичка слабост не е својствена само за „хипертекст белешките“. Поскоро, се покажува дека постмодерната тенденција да се напуштат навидум ограничувачките рестрикции на линеарноста и линеарната аргументација, набрзо заглавуваат во погубна низа противречности.4F
Одново, мојата поента не е во тоа да ја прославувам победата на модерноста над постмодерното, Поскоро, се работи за тоа, по повод експериментот „Хипертекст белешки“ да се потрудиме појасно да увидиме дека нашите хипертекстови претставуваат теоретска мешаница како од модерни, така и од постмодерни елементи. Доколку експериментот „Хипертекст белешки“ е успешен – а верувам дека е, како еден интересен и плоден експеримент во хипертекстот, би го застапувал гледиштето дека неговиот успех се должи токму на тоа што тој ги поврзува модернистичките поими за релацијата автор-читател, линеарна аргументација, итн., со постмодерниот интерес во истражувањето на нелинеарните можности на хипертекстот и улогата на читателот во конструирањето на сопствениот пат низ лексиите понудени од авторот. Истражувајќи ја поексплицитно оваа поврзаност – преку внимателно испитување како модерните и постмодерните елементи соработуваат со цел да создадат богати искуства на творење и читање, верувам дека ќе напредуваме кон една поцелосна, поконзистентна и пополезна теорија на хипертекстот.

This essay in Volume 6, Number 3 of EJournal (July, 1996) is (c) copyright EJournal. Permission is hereby granted to give it away. EJournal hereby assigns any and all financial interest to Charles Ess. This note must accompany all copies of this text.

(Копирајтот за овој есеј од томот 6, број 3 на Ejournal (Јули, 1996) е на Ejournal. Со ова се дава дозвола за негово преземање. Ejournal му ги припишува сите финансиски добивки на Чарлс Ис. Оваа белешка мора да ги придружува сите копии на текстот)

Превод од англиски: Ана Димишковска – Трајаноска

#b
3. Видете го Колбовиот текст “Discourse across Links” (Charles Ess, Ed. _Philosophical Perspectives in Computer-Mediated Communication_ [Albany: SUNY Press, 1996]: 15-26). Исто така, вреди да се забележи дека претпоставката дека печатењето овозможува единствено линеарни модуси на пишување и аргументација е подложна на сериозни забелешки. Како што укажува Колб, философите како Платон, Хегел и Ниче успеаја да воведат нелинеарни модуси на аргументирање во рамките на линеарните текстови. Згора на тоа, научниците кои го познаваат Талмудот, докажуваат дека централните поими на хипертекстот се веќе отелотворени во овој древен еврејски текст. Општо земено, библискиот текст е печатен во средината на страницата, опкружен од лексии – интерпретации и коментари за текстот – додадени од учените луѓе со тек на времето. Овие лексии натаму содржат упатувања не само на изворниот текст, туку исто така и на други лексии. На страницата постои место за додавање на нови коментари – т.е. збирката од лексии не е затворена, туку е отворена за натамошни додавки. Иако не ги ужива сите предности на брзината, складирањето и повеќекратното поврзување овозможено од електронскиот медиум, – Талмудот несомнено ја замаглува гриницата помеќу навидум линеарниот печатен текст и нелинеарниот електронски хипертекст.
4. Во голем дел од постструктуралистичката и постмодерна теорија на хипертекстот, за линеарната аргументација уште од почетокот се претпоставува дека е, во најдобар случај, артефакт на културата на печатењето од кој треба да се ослободиме колку што е можно побрзо. Сепак, според моето гледиште, ова тврдење го застапуваат луѓето кои не £ припаѓаат на философијата – најнапред, теоретичарите на литературата, луѓето како Џеј Дејвид Болтер кои изворно се образувани како класичари, итн. Овие автори избрзано ја отфрлаат аргументацијата како варијанта или на реториката (аргументите треба единствено да убедат) или на литературата (аргументите се едноставно уште една форма на наратив, кој нема помало или поголемо право на „вистината“ од кој и да било друг наратив). Сепак за философ кој учел логика овие отфрлања се мошне проблематични – и не само поради божемно традиционалистичкиот разлог дека ние можеби сакаме да го заштитиме она што го знаеме, макијавелистичкиот разлог дека сакаме да ги одбраниме и прошириме нашите академски територии, итн. Поскоро, овие отфрлања се проблематични најмалку од два разлога. Едниот е дека тие се примери на редукционизам, ако не petitio principii. Треба да биде докажано, а не само претпоставено дека логичката аргументација е навистина сводлива или на реторика или на наратив. Без таков доказ, ние едноставно ја претпоставуваме таквата редукција – што е всушност petitio principii. Второ, доколку се обидеме да понудиме таков доказ, набрзо се фаќаме себеси како правиме нешто мошне чудно: се обидуваме да понудиме логички аргумент за да докажеме дека логичкиот аргумент не е привилегиран на ниеден начин, туку едноставно може да се сведе или на реторика или на наратив. Со Хегелови зборови, фатени сме во лукавството на умот: изгледа тешко да се одбегне логиката и аргументацијата – особено во мигот во кој се обидуваме да ги елиминираме нив како варијанти на нешто друго! Слични коментари можат да се дадат и за етичкиот релативизам кој честопати се среќава во постмодерната теорија – релативизам кој можеби стои зад намерата на авторите на хипертекстот да не им наметнуваат некаков поредок на своите читатели, како и зад укажувањето дека ние читалите можеме да „правиме што сакаме со овој есеј“. Етичкиот релативизам, општо земено, тврди дека не постојат универзални вредности, и оттаму вредностите можат да важат единствено ако се дефинирани или од индивидуата за самата неа и/или од културата во којашто таа живее. Од оваа позиција ние сме охрабрувани да не наметнуваме вредности врз другите и да почитуваме различни вредносни системи. Сепак, таквата позиција се соочува со слична низа противречности: започнува со тврдењето дека не постојат универзални вредности – но завршува со поттикнувањето да следиме барем две вредности прифатени како универзални, имено, вредностите на толеранција и респект, кои ги демонстрираме така што не им ги наметнуваме нашите вредности на другите.

АвторЧарлс Ис
2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 25|