Мигрирање на уметноста во други простори

/, Литература, Блесок бр. 114-115/Мигрирање на уметноста во други простори

Мигрирање на уметноста во други простори

Мигрирање на уметноста во други простори


Историчарката на уметност Кристина Марек (Kristina Marek) во својот текст „Естетиката како партиципативен концепт“ се обидува да даде одговор на прашањата за потребата на уметниците да делуваат директно во социо-политичката сфера: „Уметникот- кој во време на значајно голема економизација и социјална рамнодушност – сега се вклучува, инволвира и делува во социјалната и општествена инфраструктура, но не од причина да демонстрира, рефлектира или создаде нешто естетско, туку за да го промени аспектот на животните социјални услови.“ (Marek, 2011, p. 262)

И покрај утопистичкиот призвук што го има колаборативноста меѓу уметниците и заедниците, во многу наврати таа се покажала како успешна во трансформирањето/ подобрувањето на квалитетот на животот на група поединци. Австрискиот уметнички колектив ВохенКлаусер (WochenKlausur) е одлична илустрација за тоа како со директно интервенирање во социјалната структура на секојдневниот живот уметниците можат да придонесат кон подобрување на постоечките општествено-политички околности. Овој колектив работи од 1993 година, и досега има реализирано над 30 проекти кои варираат од проекти за рециклирање, градење домови за најранливите, прифатни центри, кујни, организирање медицинска помош за бездомници, до уредување пензија за нарко-зависнички во Цирих. Според нив „способноста на уметниците за изнаоѓање на креативни решенија, традиционално при формирањето на уметничките дела, може исто толку добро да биде искористена и во сите области од општеството: екологија, образование, урбанистичко планирање. Има многу проблеми насекаде кои не можат да бидат решени на конвенционален начин и затоа се целисходни за уметнички проекти.“ (WochenKlausur, 2016) Тимот на ВохенКлаусер се состои од 8 уметници, но во зависност од проект до проект учество земаат уште голем број на локални уметници, кои по покана на некоја уметничка институција за решавање на одреден проблем, се собираат во музејот/институцијата и работат на интензивно истражување во одредена временска рамка, која за изнаоѓање на решение трае околу осум недели, а реализацијата најчесто многу побрзо. Работа на уметниците е да се информираат за локалниот политичко-општествен контекст и одредуваат што може да се постигне. ВохенКлаусер потенцираат дека многу луѓе немаат избор за животните околности во кои се наоѓаат, немаат моќ сами да се изборат за подобри услови, немаат лоби група, ниту глас да бидат слушнати и покрај тоа што постојат јавни институции кои се задолжени за креирање на тие услови, не секогаш и тие се во можност да го постигнат тоа, на традиционален начин, во светот исполнет со бирократија. Преку неортодоксни решенија, уметниците проектираат долгорочен план и потем го препуштаат проектот на локалните учесници да ја продолжат иницијативата додека тие само продолжуваат да го следат развојот на проектот. Од иницирањето на проектот за мобилна клиника во Виена, над 600 бездомници месечно ги користат медицинските услуги, имаат асистирано на мигранти во процедурите за добивање на виза, и уште ред други проекти кои директно влијаеле на животните услови и придонеле општествена промена.

Интерферирањето на социо-културните практики со уметничките

Будноста на современите уметници и освестеноста за социо-политичкиот контекст во кој што работат им овозможува да ги препознаат и детектираат проблемите, а подоцна и да се анагажираат за нивно решавање. Ваквите уметнички акции не се јавни акции само поради тоа што се одвиваат во јавен простор, туку затоа што се јавни, отворени, општествени во самата природа. Како што тврди и Муф за различните уметнички активистички интервенции и практики „треба да ги гледаме како контра-хегемонистички интервенции чија цел е да го окупираат јавниот простор со цел да ја нарушат непречената слика што корпоративниот капитализам се обидува ја прошири, изнесувајќи го на површина неговиот репресивен карактер“. (Mouffe, 2007)

АвторКристина Божурска
2018-12-13T11:10:24+00:00 август 10th, 2017|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 114-115|