Марко Крале си ја губи силата – ден потоа

/, Литература, Блесок бр. 61-62/Марко Крале си ја губи силата – ден потоа

Марко Крале си ја губи силата – ден потоа

3. Протестен монолог

Атанас Вангелов оваа песна ја нарекува „протестен монолог“ (Вангелов; 1981: 138). Монолог – тоа како да звучи по малку безнадежно, како да не сте сигурни дека оној кому му се обраќате ќе ве чуе. Но сепак, субјектот на Конески изгледа прилично сигурен кога се обраќа, како веќе одамна да го познава својот замислен соговорник. Неговото обраќање изгледа како она на синот што се разочарал од сопствениот татко, од оној во кого сиот живот се огледувал: Јас ти приоѓав во мислите како на родител што му се приоѓа. Самиот начин на обраќање, дрскоста и чаталењето би можеле имплицитно да нè наведат на божествената природа на јунакот, бидејќи не секој има храброст така да комуницира со Бога.
Конфликтот помеѓу јунакот и Бога се раѓа уште на самиот почеток. Всушност, тој конфликт е веќе роден уште пред да започне песната – ова е само негово продолжение. На самиот почеток на ова продолжение – иако можеби тајно и прикриено – се наѕира љубовта што овој наш Марко Крале ја чувствувал кон својот Бог. Не случајно тој толкупати се прашува: Зошто? Како да не може да поверува дека оној што бил негов закрепник одеднаш станал негов противник. Не случајно тој неколкупати вели: Мој Боже. Не случајно! Сето ова говори дека субјектот и неговиот Бог биле доста блиски пред конфликтот.
На ова место секако може да се споменат познатите митолошки матрици во кои милениците на боговите одеднаш стануваат нивни жртви, токму затоа што почнале да ја засенуваат нивната божественост и да ја повредуваат нивната суета. Георги Старделов на ова место ќе го спомене и епот за Гилгамеш, кому боговите, исто така, му се налутија и му испратија човек рамен на него, за малку да ја смират неговата сила и гордост (Старделов; 2000: 163).
Бог кај Конески е токму таков. Тој е суетен. Тој е несовршен. Тој е несигурен. Со самото тоа што на субјектот му дал нешто, па потоа се пишманил и решил да му го одземе, тој се побива самиот себеси. Поправајќи ја својата грешка тој признава дека веќе сторил една, а со тоа покажува дека не е непогрешлив. Штом не е непогрешлив, тогаш не е совршен и не може да бара почит.
Тој се побива самиот себеси и со тоа што не ја користи својата божествена сила за да го покори нашиот Марко Крале, ами слегува на земјата. Од Бог станува човек. Своето небо го заменува со земја само за да ја осигури својата моќ. И не само тоа, тој се понижува уште повеќе. Тој не е сигурен во својата моќ, чувствува во себе непромислен страв, па затоа мора да се користи со итрина. Ниту неговите надворешни атрибути не раѓаат восхит. Тој во нашите очи е само еден парталав брашносан старец. Згора на сè и питач. Навистина добро успеал да ја прикрие својата природа.
Можете ли да му го замислите изразот на лицето на Марко Крале додека му се обраќа на својот довчерашен идол? Јас во тоа лице можам да видам само разочараност и презир. Можам да ја забележам и онаа презрива насмевка (горка потсмешливост) што му се јавува на усните. Тој прекорува, прекорува, прекорува… Од самиот почеток, па сè до крајот. Како да не може да го искаже сето она што му лежи на душата, затоа што најмногу здоболува кога ќе ве разочара оној од кого тоа најмалку го очекувате (јас те знаев свој закрепник, усмевнат на мене,/ задоволен од бистриот вир на мојата душа,/ добродушно грижен,/ и не можев да те замислам инаков –/ а ти семоќен,/ се престори на питач; слеп се направи/ да не ја забележам лукавоста скриена во твоите очи, –/). Презирот на Марко Крале најубаво се отсликува во стихот: сеќавам сепак во мене нешто те надминува. Тој на крајот сосем се откажува од својот Бог (сам/ низ думани треба да го барам патот на својот живот) и решава да си биде бог самиот за себе. Тој дури и не очекува одговор од оној кому му се обраќа со што само се докажува тврдењето на Атанас Вангелов дека оваа песна е протестен монолог.

4. Атрибути

Во делот „Протестен монолог“ споменав дека чаталењето на лирскиот субјект, т.е. неговата дрскост може да се земе како имплицитен показател за неговите јуначки атрибути. Сега велам дека може да се земе и како експлицитен, доколку се поврзе со неговата дендроморфна природа. Токму тие дендроморфни елементи се „слика или симбол на бесмртноста“ (Вангелов; 1981: 124). Не залудно јунакот себеси се поистоветува со даб. Дабот е мускулест, цврст и најважно од сè – многулетен. Дабот се наоѓа на патот помеѓу човечкото и божественото. Неговите корења, зариени длабоко во земјата, сведочат за неговата хтонска природа, меѓутоа неговите гранки незапирливо посегаат кон небото, како што нашиот субјект посега по својот закрепник.
Дабот исто така може да ни асоцира и на обележаноста, на изделеноста. Тука ќе си дозволам една поголема дигресија само за да ја оправдам мојата слика за изделеноста на дабот. За момент ќе отпатувам кај Л. Н. Толстој и ќе си споменам за неговиот лик Андреј Николаевич Болконски, кој себеси се спореди со столетен даб. Дабот со кој се спореди Болконски беше токму таков – стоеше осамено, но гордо, стоеше изделен од другите. Токму затоа со самото споменување на дабот кај мене се јавува таа слика на горделиво извишување.
Својата изделеност и натприродност субјектот ја искажува и на друг начин – продолжувајќи да ги реди своите атрибути. Тој има неимоверна сила, тој е роден бележан меѓу сите, тој е прв во царштина што пропаѓа. И не само тоа, ами сето ова му е подарено од оној што тој го нарекува мој Боже. Присвојната придавка мој (веќе напоменав) упатува на големата блискост помеѓу него и Бога, што е уште еден показател дека тој во себе содржи нешто божествено.
На одземената сила на јунакот асоцираат стилските синтагми: подгорени крила, лаѓа што тоне, пресушена подземна река. Водата сама по себе асоцира на живот, на моќ, на плодност, меѓутоа овде водата исчезнува, а со тоа и силата на јунакот. Останува само татнежот на брановите, кој ќе го потсетува на силата што некогаш ја поседувал.
Покрај дендроморфните и хидроморфните, ликот, сепак, има и атрибути што сведочат за неговата човечка природа. Тука акцентот се става на неговата детска наивност, на искреноста со која му приоѓа на својот Бог: да шалавам наивен; идев во твојата дома со проста верба на дете/ што затрчано се враќа од играње да земе краешник од ноќвите,/. (Како само мајсторски успеал Конески да ја прикаже наивноста на едно дете! Колку сликовито! Човек може само да му се восхитува на лексичкиот одбир, на поетската слика што умее да ја создаде кај читателот. Просто е невозможно човек само туку така да ги прочита овие негови стихови, без притоа да отвори мали загради и во нив да го запише своето воодушевување.)
Најнакрај, сакам себеси да си поставам уште едно прашање: Дали субјектот ја губи својата сила или само ја заменува со нова, уште поголема!? Бидејќи, иако тој веќе не е мускулест даб, ами пресушена река и неговите крила се подгорени, тој сепак на крајот завршува како морален победник. Тој е над својот Бог. Тој од никого не зависи. Самостоен е. Си мислам, да не беше губењето на силата само еден вид иницијација!? Можеби Бог, сакајќи да му напакости на Марко, го направи токму спротивното – му помогна да сфати дека никој не му е потребен за да го пронајде патот во својот живот. Потребен си е единствено самиот себеси.

5. Кој сум јас?

И така. И јас, како и Конески, се инспирирав од она што е напишано пред мене, бидејќи не можам да ја занемарам литературата што ја користев. Не можам да се воздигнам себеси и да речам дека јас напишав есеј сосем нов, есеј што е плод единствено на мојата внатрешна инспирација. Не, јас го напишав веќе многупати напишаното, но се обидов таму да го вметнам и гласот на ангелот што ми застана на рамото. Иако на моменти по малку дрзок и расчатален, јас сепак на крајот ќе речам дека овој есеј не го создадов, ами го открив.

Литература:
1. Андреевски, Цане (1991), Разговори со Конески, Култура, Скопје.
2. Бановиќ-Марковска, Ангелина (1999), Интерпретативни стратегии, НИП „Ѓурѓа“, Скопје.
3. Вангелов, Атанас (1981), Литературни студии, Мисла, Скопје.
4. Конески, Блаже (1990), Ликови и теми, Култура, Скопје.
5. Конески, Блаже (1987), Собрани песни, Македонска книга, Скопје.
6. Котеска, Јасна (2002), Постмодернистички литературни студии, Македонска книга, Скопје.
7. Најчески, Димче (1964), Анализа на народната епска песна „Марко Крале ја губи прежната сила“; Литературен збор, XI, 3; Скопје.
8. Наневски, Душко (1982), Раѓање на метафората, Мисла, Скопје.
9. Старделов, Георги (2000), Избрани дела – Одземање на силата, Ѓурѓа, Скопје.
10. Тодоровски, Гане (1993), Зборот и непокорот, Мисла, Скопје.
11. Ќулавкова, Катица (2001), Мала книжевна теорија, Три, Скопје.

2018-08-21T17:21:09+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 61-62|