Марко Крале си ја губи силата – ден потоа

/, Литература, Блесок бр. 61-62/Марко Крале си ја губи силата – ден потоа

Марко Крале си ја губи силата – ден потоа

(Интерпретација на песната „Одземање на силата“ од Блаже Конески)

1. Китанчев и Конески, и нивниот прототекст

Колку повеќе читав и препрочитував, сè повеќе сфаќав дека пливам сè подлабоко и подлабоко, кон оние места во океанот каде што е невозможно да го допрете дното. Во главата ми се раѓаа безброј идеи, безброј начини како да му пристапам на текстот, но секоја идеја од себе раѓаше нова, а новата уште понова. Почувствував дека и јас станувам дел од приказната. Како и мене некој да ми ја одзеде силата, која пред тоа ми беше дадена. Морав да одберам само еден пат по кој ќе тргнам и тоа го сторив.
Уште на самиот почеток, кога си реков – ќе седнам и ќе напишам есеј за Блаже Конески, во главата ми светнаа Трајко Китанчев и неговата мистификација „Марко Крале си ја губи силата“ (Тодоровски; 1993: 287). Се сетив дека Конески уште пред почетокот на „Одземање на силата“, во горниот десен агол, има ставено интертекст, и бев сигурен дека тој цитат се однесува токму на оваа песна на Трајко Китанчев. Кога ја отворив книгата да ја прочитам уште еднаш песната, сфатив дека сум се излажал – Конески всушност цитира народно предание, а не песна. Ама сепак, не отстапив од намерата, знаев дека првиот блесок во главата беше всушност истиот оној ангел што му застана на Давид на рамото кога тој ги пишуваше псалмите.
И покрај тоа што Конески не го цитира директно Китанчев, не можеме толку лесно да замижиме пред фактот дека овие две песни се меѓусебно поврзани. Ако ништо друго, тогаш би можеле со голема сигурност да претпоставиме дека и двете песни ги поврзува еден ист прототекст, т.е. дека и самиот Китанчев се инспирирал од истото народно предание што го има инспирирано Конески. Впрочем, ако подразмислиме, таа теза звучи мошне логично.
Сепак, двајцата автори на различен начин ја искористиле својата инспирација. Китанчев го искористил целосно својот прототекст и потоа само го стилизирал, т.е. прозниот дискурс го заменил со стихови, додека пак, Конески својата инспирација ја искористил за да се надоврзе на она што е веќе напишано. Така, слободно може да се рече дека песната на Конески „почнува таму каде што завршуваат усните преданија и песната на Трајко Китанчев“ (Вангелов; 1981: 143).
Не случајно овој текст го нареков „Марко Крале си ја губи силата – ден потоа“. Кога ја читав песната на Конески пред мене се роди токму таква импресија: субјектот се буди следното утро и сфаќа што му се случило. Тука започнува новата приказна. Започнува бунтот. Ако сакате посликовито, тука започнува продолжението на филмот за Марко Крале, но со нов, современ актер. На два различни лирски субјекта им се случува истата судбина. На овој стариот се надоврзува новиот, современиот – ако сакате, постмодерниот.
Самиот Конески во некои свои излагања зборува за оваа своја песна и за сето она што го инспирирало да ја напише. Тоа најопсежно го прави во својот есеј „Еден опит“, каде што пишува за своето откривање на песните, оспорувајќи ја нивната беспрекорна оригиналност. Таму тој зборува за актуализацијата (поим што го позајмува од прашката школа) и преку примери од секојдневјето, во негов стил, успева да му ја приближи на читателот. Тој всушност успева да ја актуализира самата актуализација – во еден сувопарен поим да внесе свежина.
Истото го прави и со својата поезија. Истото го прави и во „Одземање на силата“, истото го прави и во целиот циклус „Марко Крале“. Старите митолошки матрици ги сместува во нов код. Ги поврзува, како што самиот вели, трите страни на еден триаголник – традицијата, колективот и авторот (Конески; 1990: 255) – и со тоа раѓа една сосем нова песна. Раѓа едно ново чедо, кое во себе ги носи генетските белези на своите родители.

2. Кој е субјектот?

Една вечер, додека се обидував да заспијам – како што се вели, во фазата на инкубација – ми се родија следниве прашања: Кој е всушност лирскиот субјект на Конески? Дали е тоа Марко Крале, воопшто? Дали е тоа истиот Марко Крале, оној на Китанчев? Дали е, можеби, некој нов Марко Крале кому Бог, исто така, нешто му дарил, па потоа се пишманил и му го одзел подареното? Одговорот на тие прашања си го дадов утредента. Се решив за последново, токму поради актуализацијата за која зборуваше самиот Конески.
Зошто велам нов МАРКО КРАЛЕ? Причини можеби има повеќе, но за мене една беше пресудна – лирскиот субјект на Конески е јунак. Тоа е субјект со натчовечки особини. Субјект, кој со своите карактеристики се оддалечува од луѓето, а му се приближува на Бога. За тоа во песната има доволно експлицитни докази за кои ќе позборувам подолу.

2018-08-21T17:21:09+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 61-62|