Манифест со чист јазик

/, Литература, Блесок бр. 39/Манифест со чист јазик

Манифест со чист јазик

за Роџер Витрак

Ако не верувам ни во Злото ни во Доброто, ако чувствувам толку силен порив за уништување, ако не постои ништо во редот на принципите на коешто можам да се потпрам, основниот разум се наоѓа во моето месо.
Уништувам, зашто за мене сè што потекнува од разумот е неверодостојно. Верувам само во доказот на она што ми ја поттикнува душата, не во доказот на она што самото му се обраќа на мојот разум. Во кралството на нервот открив разни нивоа.
Сега се чувствувам способен за проценување на доказите. За мене постои доказ во областа на самото месо, којшто нема ништо заедничко со доказот на разумот. Бескрајниот судир помеѓу разумот и срцето се разрешува во самото мое месо, но во месо кое е нахрането преку нервите. Во кралството на афективно неодредливото, сликата која ми ја пружаат моите нерви поприма форма на највисока интелектуалност, којашто одбивам да ја одвојам од нејзината интелектуална суштина. На тој начин го набљудувам создавањето на концепт којшто во себе го носи суштинското сјаење на нештата, концепт кој ме обзема со звукот на создавањето. Ниедна слика не ме задоволува доколку во исто време не е Знаење, доколку во себе не ја содржи својата суштина и својата луцидност. Мојот ум, преморен од дискурзивниот разум, сака да биде фатен во запчаниците на ново, апсолутно гравитирање. За мене тоа е налик на врвна реорганизација во која учествуваат само законите на нелогичното, и во која триумфира откритието на новото Значење. Значењете коешто беше изгубено во нередот на дрогите и кое ја претставува појавата на длабока интелигенција во контрадикторните фантазми на сонот. Ова Значење е победа на умот врз самиот себеси, и иако е неможно да се упрости од разумот, тоа постои, но само во внатрешноста на умот. Тоа е ред, тоа е интелигенција, тоа е означување на хаосот. Но тоа не го прифаќа хаосот како таков, го интерпретира, а бидејќи го интерпретира, го губи. Тоа е логика на нелогичното. И тоа е сè што некој може да каже. Мојот луциден неразум не се плаши од хаосот.
Не отфрлам ништо од она што е Умот. Само сакам да го префрлам мојот ум некаде другаде со неговите закони и органи. Не му се предавам на сексуалниот механизам на умот, туку напротив во тој механизам тежнеам да ги изолирам оние откритија коишто луцидниот разум не ги пружа. Ѝ се предавам на треската на соништата, но само за од нив да извлечам нови закони. Трагам по умножување, по суптилност, по интелектуалното око на делириумот, не по избрзано пророштво. Постои нож којшто не го заборавам.
Но тоа е нож којшто до половина е во сништата, кои ги чувам во себе, кои не дозволувам да стигнат до линијата на луцидните сетила.
Она што припаѓа во областа на сликата е неупростливо од разумот и мора да остане во сликата или да биде разорено.
Како и да е, постои разум во сликите, постојат слики коишто се појасни во светот на една животност исполнета со слики.
Во моментното преполнување на умот постои повеќе-формност и збунувачко поврзување со животни. Оваа тапа и размислувачка прашина е организирана според законите кои ги изведува самата од себе, надвор од доменот на чистиот разум или од нечистата совест.
Во егзалтираното кралство на сликите, илузијата или материјалната грешка не постојат, а уште помалку илузијата на знаењето: но, ова е само уште една причина зошто значењето на новото знаење може и мора да биде наследено во реалноста на животот.
Вистината на животот лежи во импулсивноста на материјата. Човековиот ум е затруен со концепти. Не барајте од него да биде задоволен, барајте само да биде смирен, да верува дека си го нашол местото. Но, само лудакот е навистина смирен.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторАнтонин Арто
2018-08-21T17:21:36+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 39|