Макромеметика

Макромеметика

Резиме
1 – Вовед и преглед
2 – Поделената западна философија
3 – Хиерархиската структура на мем-басенот и Поперовиот Свет 3
3.1 – Мем-басените и тоталниот културен апарат на општествата
4 – Културалната еволуционистичка школа во социјалната антропологија
4.1 – Еволуционистичка анализа на цивилизациите
5 – Меметиката и философијата на XX-иот век
5.1 – Мемите и прагматизмот
5.2 – Попер и еволуционистичката епистемологија
5.3 – Сосир и означувачите
5.4 – Фуко и епистемата
6 – Заклучок: Улогата на меметиката
Референци

Мемите не се пренесуваат независно. Религиското образование на пример, врз индивидуумот пренесува огромен сноп меми, кои или се испорачуваат во целина, или никако. Тие се „поврзани“, да се послужиме со генетичката терминологија. И навистина, многу од овие меми се меѓусебно зависни (за што Speel /41/ го уптреби изразот „мемплекс“). Процесот на растење и живеење во одредена култура, во одредено време, значи дека индивидуумот најверојатно споделува огромна количина меми со другите индивидуи во истите околности. Ова е она што може да се именува како мем-басен на групата или општеството. Во високо плуралистичко општество неколку мем-басени може да коегзистираат и делумно да се преклопуваат. За разлика од евкариотските ген-басени (52), мем-басените не се затворени системи, меѓу кои не би постоела апсолутно никаква интеракција. Римската империја, на пр., беше домаќин на изобилие култури и религии. Многу меми протекуваат меѓу разновидните мем-басени, кои веќе освоиле простор; таков е примерот со интеракцијата помеѓу грчката и еврејската мисла, која го произведе делото на Филон Александриски (30 г. п.н.е. – 40 г.н.е.) и која изврши осеменувачко влијание врз раното христијанство. Сепак, наспроти оваа опширна интеракција, еврејскиот и хелинистичкиот мем-басен останаа достатно различни, за да останат јасно препознавливи кака разделни култури. Макар што оваа културна разноликост беше редуцирана во Средниот век, христијанството редовно го расцепуваа ереси и шизми, дури и пред Реформацијата. Слично на нивните генетички аналогони, меметичката мутација и рекомбинација се општоприсутни карактеристики на мем-басените. Во секој случај, тенденцијата мемите да се пренесуваат en bloc, а не како независен асортиман, кажува дека постои оправданост мем-басенот да се набљудува како корисен концепт. Потешкото прашање е како да се потподели истиот.
Доукинс /Dawkins/ (9) го цитира делото на Карл Попер како една од неговите инспирации за концептот на мемот. Попер (34, 36) го воведе терминот „Свет 3“ за да ги означи објективните содржини на мислата. Неговата дискусија за овие содржини е речиси идентична со Доукинсовите примери за мемите. Споредете ја Доукинсовата оригинална дефиниција:
„Примери за меми се усогласености, идеи, слогани, модни трендови, начини на правење лонци или на градење арки“ (9)
Со Поперовата дефиниција на Светот 3:
„теоретски системи… проблеми и проблемски ситуации… критички аргументи… содржини од списанија, книги и библиотеки“ (/34/, р. 107).
Од овде е јасно дека Попер и Доукинс имаат слични концепи на ум. Иако првите три поединечни примери на Попер би можеле да се групираат под насловот на Доукинсовиот трет (овде е втор) пример, т.е. „идеи“, неговото вбројување на печатените артефакти како што се библиотечните содржини, покажува дека и Попер, налик на Доукинс, сака да ги вклучи во својата дефиниција и физичките манифестации на пренесената информација. Со други зборови кажано, обајцата автори не успеваат да направат јасна дистинкција помеѓу она што Спил /Speel/ (42) го именува како мемотип и фемотип. Попер, исто така сака во Светот 3 да ги вклучи сите објективни содржини на мислата: како од минатото така и од сегашноста. Концептите се развиваат во Светот 3, исто како што гените се развиваат во Светот 1, само што самиот Свет 3 не се развива. Мем-басените се колекции од меми, достапни за човечките популации во просторни и временски точки и според тоа, тие се развиваат, поразличуваат, изумираат итн. Оттаму Светот 3 може да се посматра како множество од сите мем-басени: и можни и стварни. Сепак поентата на ова ниво е дека содржините на мем-басените кореспондираат со содржините на Светот 3, и дека обата можат да бидат хиерархиски структурирани (Popper /35/). На овој начин се зајакнува аналогијата мем/ген и се елиминира можната критика дека мемите се тешки за прецизно дефинирање, бидејќи и гените, исто така, се не-дискретни елементи, хиерархиски средени во геномот.
Најниското и најфундаменталното е нивото на простите искази. Тие ќе бидат заеднички речиси за сите структури од повисоките нивоа. Некои логички искази, на пример, спаѓаат во оваа категориија. Меметичките структури од повисоко ниво како религиите, науката или политичките верувања може да се мошне различни, или дури инкомпатибилни, а сепак често да се засновуваат врз истите прости искази. Наспроти непријателскиот однос помеѓу христијанството и науката во изминативе 400 години, може да се рече дека обете се деривати на платонизмот. Тие го споделуваат она што Питер ван Инваген /Peter van Inwagen/ (46) го нарече заедничка западна метафизика. Воведувајќи ја аристотелската логика, Тома Аквински (1224-1274) обезбеди понатамошно инјектирање на античко-грчката мисла во христијанството. Спротивно на оваа, индиската философија има сопствен логички систем, познат како Nyaya (Phillips /32/), како и метафизичка структура сосема различна од западната метафизика, која ја исцртува ван Инваген (46). Подоцна ќе се каже нешто повеќе за логичко-атомистичката школа на англо-американската философија, чија главна тема на проучување беа простите искази на западната логика. Како и да е, за сега ќе е доволно, следејќи го Попер, основните искази да ги посматраме како примарна основа на било кое повисоко ниво меметички структури. Во ген/мем аналогијата тие се меметичките „нуклеотиди“. Повеќето насоки на западната мисла, какви и да се нивните разлики на посложените нивоа, имаат заедничка основа на ова најниско „нуклеотидно“ ниво.
Попер е помалку конкретен околу интермедијарните нивоа во неговата хиерархија, но ја предочува прогресивната градба во нагорна линија, кон „сложените идеи“. Оваа веројатно би содржела ентитети како научни теории, посебни религиозни доктрини или моменти од политичката догма. Овие комплексни меми имаат мноштво содржински делови, кои може да постојат независно, но се најефективни, кога се комбинираат со други сложени меми. Да речеме, Ајнштајновата специјална теорија на релативноста е силен мем, кој може да се пренесува самостојно; меѓутоа, попрецизно (и можеби поефикасно) може да се реплицира, ако, испорачана како дел од општото образование по физика, вклучи и други комплексни меми, како Максвеловите равенки и Копенхагенското толкување.
Покрај нивото на комплексниот мем – кој можеби е аналоген на генот како функционална, можно „себична“, но не стриктно независна целина – ние истовремено сме пренеле и агрегати од меми. Примерите за нив би ги вклучиле и религиите, научните дисциплини или уметничките школи, земени како целини. Нив може да ги наречеме меметички „врзивни групи“ или „мемплекси“ (Speel /41/).
Најпосле стигнавме до тоталниот мем-басен, или Светот 3. Како што истакнавме горе, Поперовиот избор на зборот „Свет“ е пригоден во смисла дека ја содржи секоја поединечна содржина на објективната мисла. Има само еден Свет 3. Мем-басените, од друга страна, ги има во множина; тие се поаналогни на ген-басените во биологијата во смисла дека се постојано одделени, или, најмногу, имаат испрекината комуникација и се лоцирани во променливи просторни и временски точки. Со оглед на тоа што во биолошкиот контекст ген-басените, грубо земено, кореспондираат на видовите, или барем на подвидовите или првите видови, овде се предлага мем-басените да се третираат како ентитети на ниво на видови во меметички контекст. Ова е спротивно на Бензон /Benzon/ (3), кој на ниво на видови ги набљудува „парадигмите“ како меметички ентитети. Ако се придржуваме до равенството мем-басен/видови, тогаш парадигмите се поблиски до ентитетите кои се на ген-ниво, налик на Поперовите „комплексни идеи“, дискутирани погоре. Макар што мем-басените не се потполно изолирани како што се вишите евкариотски ген-басени, сепак аналогијата е сè уште прифатлива, ако се помисли на прокариотските ген-басени, во кои имаме хоризонтален трансфер на генетската информација (Speel /42/)

АвторДерек Гедерер
2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 27|